Home Ветерани Ацо Јованоски

Ацо Јованоски

Ацо Јованоски Реган (1951-2024) работниот век го поминал како професионален возач, во најголем дел во транспортната фирма „Пелагонија“ од Прилеп. Бил возач на еден од автобусите во конвојот на АРМ кој бил нападнат кај Карпалак на 8 Август 2001.

Интервјуто е снимено во 2019 година.


ГОРАН ТАЛЕСКИ: Те молам, претстави се.

АЦО ЈОВАНОСКИ: Јас сум Ацо Јованоски – Реган, роден 21… 1951 година во селото Косел во Охрид. Живеам во Прилеп на улица „Беласица“ 1/1. Целиот свој работен век го поминав како возач. Како возач на „Пелагонија Турист“ – Прилеп, во 2001 година бевме ангажирани како возачи на автобуси да ја возиме војската во кризните региони. 6 август 2001, сабајлето појдовме в касарна и требаше да ги возиме во Криволак на боево гаѓање. Имаше гаѓање од сите типови на оружје: артилериско, тенковско и пешадиско. 7 август, четири автобуси тргнуваме спрема Тетово, 2 автобуси за Брвеница, 2 автобуси бевме во Расадник. Кај мене беше полковникот Рикио – Ристо, човек со огромно срце, човек стручњак, артилерец. Ја зедовме смената, се враќаме во Расадник, се комплетиравме колоната, четири автобуси се враќаме спрема Прилеп.

ГТ: Ова значи резервисти кои што веќе беа некое време, ги враќавте за Прилеп?

АЈ: Да, беа смената, ги враќавме за Прилеп. На надвожњакот пред Групчин гледаме колона, движење, црни униформи наоружани, меѓутоа не ни обрнаа големо внимание, не се ни деси ништо, си поминавме – си заминавме. Преку Скопје – Велес, се вративме во Прилеп. Кога дојдовме во касарната, командант беше Бранко Дракалски. Се видовме со него и му кажавме за случајот, што ги гледавме раздвижувањата. „Нема проблем“ – вели – „се е обезбедено“. – „Во ред“.

ГТ: Ова се случува на 7 август?

АЈ: На 7-ми. На 7 август вечерта, попладнето, се вративме и си одиме на автобуска. Писмен распоред, јас и колегата Борче Богданоски кој беше со вториот автобус на Карпалак, пишани повторно планска смена – касарна Тетово. Сабајлето во 6 часот ги зедовме, појдовме, ги товаривме и тука настана една расправија помеѓу Дракалски и водникот Гоце кој не сакаше да оди во камионот како активен старешина, туку сакаше да се вози во автобусот.

ГТ: Ова се случува во касарната во Прилеп? На утрото на 8-ми?

АЈ: Во касарната пред поаѓање. Почнаа да се расправаат со Дракалски, одам – не одам, меѓутоа, се смеша Саше Китано, Бог да го прости, и вели: „Ај, не расправајте се, ќе одам јас во камионот, со Нане ќе си правиме муабет“. Се сместивме, полека тргнавме, преку Плетвар за патот спрема Велес – Скопје. Прибидејќи немаше доволно вода за пиење, застанавме на Плетвар да се наполни нешто вода, застанавме во Сирково да се дополнат со вода и последното застанување ни беше на Кула, после наплатна рампа Велес, каде што е денес „Македонија Пат“ – зимски центар. Тука војнициве, резервистиве доручуваа. Дарко Вељаноски, детето од Ропотово, на тоа место, наместо да се врати во автобус, се качува в камион, поради Марко од Новоселани и Пеце од Бело Поле, иста генерација, школски другари. Продолжуваме спрема Скопје, по „Пластичарска“ улица ни се вметнува меѓу хермелинот и првиов автобус кој го возев јас, сиво БМВ со затемнети стакла, сѐ до раскрсницата за „Александар Палас“ беше меѓу мене и хермелинот, иако имаше прилика да го помине хермелинот и да си замине, меѓутоа не го стори тоа. На раскрсницата за „Александар Палас“ кај Зајачки Рид, ние продолживме право за Ѓорче и спрема Тетово. Кога дојдовме на критичното место…

ГТ: Како изгледаше конвојот?

АЈ: Конвојот: хермелин, два автобуси, камион и комбе. И комбево составен [дел на конвојот] беше… Во хермелинот немаше никаква… имаше пет души, возачот на хермелинот, старешина во сообраќајна полиција и тројца полицајци – резервисти, кои го предводеа конвојот. Меѓутоа наоружани беа со два пиштоли и три пушки, никакво борбено наоружување немаше хермелинот. Кога дојдовме на критичното место, првата зоља што ја удрија меѓу мене и хермелинот, се слушна експлозија од десната страна и продолживме да возиме. Второто беше РПГ (рачен ракетен фрлач), кое го удри хермелинот во задната лева гума…

ГТ: Ова е веќе на Карпалак?

АЈ: На Карпалак, местово на Карпалак, каде што почнува веќе дејствиево.

ГТ: Како изгледа местото? Може краток опис?

АЈ: Клисура каде што проаѓа само автопатот и една мала рекичка има тука. Усеци, засеци, како да ги кажам. Од левата страна почнаа да нѐ пукаат и од десната страна кога дојдовме кај пештерите. Среќа, куршум никого во автобусот не фати, освен Рубинчо Петрески – Магарето, кога почна (неразбирливо), свикаа дека имаме ранет во грб. Кога почна да се пука, војниците полегнаа по ходникот меѓу седишта и среќа што беа од високо, куршумите проаѓаа на празно. Ранет беше Рубинчо Петрески – Магарето во грб. Продолживме да возиме до местото каде што веќе автобусот зблокира, изгуби воздух, почна да кува, а тој размак е некаде 8 километри и 600 метри.

ГТ: Од моментот на нападот додека застанавте?

АЈ: Од моментот на нападот, местото ние каде што веќе мораше да застанеме, прибидејќи не можевме повеќе да се движиме. Војниците слегоа, зазедоа позиција над автобусот, на високото, наоружани беа, имаа муниција, така да, да речам пиле не можеше да прелета. Кога установивме дека повеќе не можеме да се движиме, изрешетан беше ладњакот, искинати гуми, предна лева гума ни беше скината, системот за воздух исто ни беше оштетен, автобусот тука ни зблокира и повеќе немаше шанса ниту гума да се смени, ниту пак да се запали бидејќи тука веројатно беше и зарибан.

ГТ: Што се случуваше во автобусот кога почна нападот? Имавте и ранет…

АЈ: Кога почна нападот, настана една паника. Настана една паника, свикаа: „крв, ранет, оди, не оди, застани…“, што може да биде од 50 грла… Кога поминавме тој пат, ете по толку испалени куршуми, Бог да го прости Рикио, што ми го кажа после тоа, вели: „Реган, на твоја адреса неброени куршуми без име и презиме биле“. Ме дочува Господ и мене и сите со мене што во автобусот човек не ми загина.

ГТ: Колку луѓе беа вкупно во целиот конвој?

АЈ: Во целиот конвој негде бевме 118 души, 10 загинаа, останаа 108, после тоа Карпалак си го направи своето, Карпалачкиот синдром и она што велиме и ден-денеска Карпалак сѐ уште убива.

ГТ: Кај тебе во автобус колку беа, 54?

АЈ: 55 тргнавме, успат еден слезе, влезе во камионот Дарко Вељаноски, од Ропотово детето, останавме 54 души со мене.

ГТ: Што се случи со вториот автобус?

АЈ: Вториот автобус доаѓаше после мене. Исто и тој беше доста пукан, меѓутоа многу помалку поради тоа што изгледа беше првиот удар на мене, да го сопрат конвојот. Меѓутоа, ете, успеавме да им избегаме. Го начекаа камионот кого го сопреа. Позади камионот беше комбето со Борче Крагуески, возач од Лажани, сопственик на тоа комбе, во кое се возеа мајор Рашиќ и Миле Безбедњако. Тие, прибидејќи е мало, го завртија комбето и се вратија назад спрема Скопје. Кога е сопрен камионот, ќе ви го образложам она што ни го реконструираше истражниот судија кој беше на лице место, кој на 13-ти…

ГТ: Август?

АЈ: На 13 август бевме повикани во Скопје, како први очевидци да дадеме исказ со мојот колега Борче Богданоски и кој ни го реконструира случајот, во овие што се, ќе ги цитирам неговите зборови: „Прво е убиен возачот на камионот, камионот е запрен. На рафал се убиени Саше Китано и Нане. Останати во кабината, отпозади, седумве војници што биле, како рипаат, така биле убивани во круг од 20 метри на автопат. После тоа камионот е удрен со зоља, запален и експлодиран од минско-експлозивни средства што биле во него. Бранко Секулоски, возачот на камионот, е останат на седиште и тотално изгорен, Саше Китанот и Нане Наумоски се паднати до предната десна гума, исфрлени од кабината, тука се убиени, а другиве деца како рипале така се убивани“. Отпосле биле, наводно, сите пукани во глава. Кога стигнавме во касарната…

ГТ: Во Тетово, така?

АЈ: Во Тетово, уствари местото каде што го оставив автобусот, дојдоа да нѐ претоварат два автобуси, едниот беше од „Југотранс“ – Струга, кој требаше да оди на сервис, беше празен, му кажавме да нѐ однесат до касарна и човекот без збор го направи тоа и дојде еден автобус од ЈСП кој ги возеше волците во тетовската касарна. Нѐ претоварија и нѐ однесоа во касарната во Тетово. Таму се сместивме, ние останавме со колегава Борче во штабот на тенкистите, а другиве ги сместија по единици, како што требаше по распоред, како што требало да биде. Вечерта ја поминавме во тетовската касарна, ноќта имаше напад на касарната со минофрлачко оружје – гранати, меѓутоа среќа ете, ниту една немавме на кровот каде што бевме ние сместени. Сабајлето, со мајор Рашиќ и Миле Безбедњако тргнавме спрема Скопје, кога тргнаа тие да ги земат лешевите од Бутел, се вративме до Скопје и од Скопје се вративме со автобусите, со наш прилепски автобус до Прилеп.

ГТ: Кој датум се врати во Прилеп?

АЈ: Се вративме на 9-ти. На 8-ми се случи тоа, на 9-ти.

ГТ: Со автобусот што се случи?

АЈ: Автобусот го запалиле, тотално изгорен, тоа ми го пренесе Бошески, генералот Јосип, тој ми кажа дека автобусот гори. Кога му соопштив на директорот во Прилеп дека автобусот гори, ми кажа дека и Прилеп гори, настана едно… како да речам, тмурно расположение, не знаевме што се дешава, како се дешава. Кога се вративме наредниот ден во Прилеп видовме грда слика, џамијата запалена, дуќани запалени, на самата автобуска имаше семкарница и таа изгорена…

ГТ: Тоа беа објекти на муслимани?

АЈ: Тие беа муслимански објекти. Е, оттогаш поминаа 18 години, свој аманет си имам на душата секоја година во 09:30, во времето кога се загинати, одам на местото на Карпалак, организирано, со тетовчани и тетовската парохија одржуваме панихида. Не дозволуваме тој ден да не се одбележи, не дозволуваме тој настан да се заборави.

ГТ: Какви последици остави на тебе настанот од 8 август 2001?

АЈ: Последиците се нормално, траумите остануваат… После тоа првите неколку години, Бог да го прости, владиката Кирил секоја година доаѓаше на местото тука и држеше панихида. Откога почина, тетовската парохија, тие ги одржуваат тие панихиди. Можам да кажам, 2009 година беше последен пат кога дојде владиката Кирил на Карпалак, на фамилиите на загинатите им поклони икона, мајка Богородица со Исус, меѓу нив, од преживеаните, ми даде само мене. Таа икона ете ја тука (покажува кон иконата).

Милева Јованоска: И цвеќиња.

АЈ: Дај подај ми ја, камерата да може да ја фати.

МЈ: Е, ајде. Јас да станам?

АЈ: Не, е таа.

МЈ: Сними малку (кон камерманот) или сакаш да ја држиш? (кон Ацо).

АЈ: (Милева му ја подава иконата). Тоа е оваа икона, отпозади со посвета на господин Кирил. И…

МЈ: Ајде, сврти ја.

АЈ: Можам слободно да кажам… драг спомен ми е.

ГТ: Дали си во контакт со другите преживеани од Карпалак?

АЈ: Со преживеаните, сите сме во контакт, секоја година се среќаваме на 7 август во касарната „Мирче Ацев“, каде што положуваме цвеќе на првиот споменик. А, исто така на 7-ми, аманет имаме, се среќаваме на манастирот „Света Петка“, каде ни е земена за закрилница, како наша заштитничка, бидејќи настанот беше на сам ден Света Петка.

ГТ: Каква поддршка, дали некаква поддршка државата ви даде на преживеаните?

АЈ: На преживеаните државата многу малку се оддолжи, прибидејќи многу ветуваа, никој ништо не сторија. Наводно здравство, школство, сето тоа – ништо. А, имаме луѓе, можам слободно да кажам, кои што ни се лечат во државни душевни болници, како што е Демир Хисар. Има луѓе кои сето тоа трауматично го доживеаја, им се растурија бракови, се оддадоа на пиење и… Така да, додека беше Марјан Ристески градоначалник сепак нешто се грижеше за тие луѓе, меѓутоа сега нема кој да се погрижи, оставени се на милост и немилост.

ГТ: Останата помош, во смисла психолошка поддршка или нешто немало или имало?

АЈ: Нема, нема. Што можеше државава, во тоа време, за фамилиите на загинатите дадоа што дадоа, мада верувам и тие не се задоволни, а за нас тоа понајмалку важи дека нешто е сторено. Некој, да, помогнаа, запослување на деца, на нив, во еден помал број, а буквално сите задоволни не се. За да стори државата… ние бевме и баравме да го добиеме хрватскиот модел на бранители што му го дадоа на Хрватите. Го ветуваа, неколку пати бевме по состаноци и можам комотно да кажам, последниот состанок, па сега има оттогаш 6-7 години, беше во Скопје во Домот на Армијата каде се состанавме во присуство на правната служба, армиска и полициска, прибидејќи и едните и другите беа бранители, се работеше за правата на бранителите, да се усогласат и на наредниот пат да се донесе одлука како да се делува, меѓутоа наредниот пат повеќе никој не нѐ свика. И ден-денеска останаа на тоа да се сретнат, да се договорат, а после тоа нема ништо. Тоа е.

ГТ: Дали нешто им замеруваш на другите, од денеска?

АЈ: Што и да замериме е сето, мислам, без ефект, поради тоа што, еве јас сега ќе кажам за себе слободно, мојата ќерка ја вработија и сум благодарен, на пример. Ја вработија во УЈП. А, што се однесува за другите, не знам кој, кога, секој може треба да си го кажи колку е задоволен за себе. Многу е лошо да зборуваш за некого…

ГТ: Кога те прашувам другите, те прашувам во смисла на непријателот во 2001. Од денешна гледна точка, дали…

АЈ: Непријателот во 2001, тие се… Од денешна гледна точка постои голем вандализам,

поради тоа што 9 или 10 пати ја рушеа плочата на Карпалак. Што значи тоа?

ГТ: Спомен-бележникот, плочата на самото место?

АЈ: Плочата на самото место на настанот. Рушена е 9 или 10 пати. Последно беше сега рушена кога Стојанче Ангелов искажа јавно на телевизија на „Само вистина“ дека нападот на Карпалак и убиството на прилепските резервисти било легитимно бидејќи биле во униформа. На тоа му имавме голема замерка и овој пат не ме оставија, а бев со намера да направам скандал кога дојде оваа година и во касарнава „Мирче Ацев“ и на Карпалак, поради тоа што кога го оправдува тој случај, што бара да го посети тоа место? Тој го оправдува, ги оправда. Јавно ги оправда на телевизија во емисијата „Само вистина“, што сите слушавме и се згрозивме од неговиот исказ. Никој не можеме да го коментираме, да го кажиме, меѓутоа, недолично беше на телевизија да го спомне баш Карпалак. Карпалак не смееме да го заборавиме, не смееме да заборавиме 10 август – Љуботенски бачила, не смееме на пример да го заборавиме 28 април – Вејце, не смееме да ги заборавиме „Бриони“ мотелот, кога двајца стражари врзани за столбови и директно со динамит дигнати во воздух, убиени. Значи тоа може само фанатик да го стори. Паметен, здрав човек, со здраво размислување не би го сторил тоа. Тие се тешки зборови, меѓутоа и вистинити. И борбата моја, дури сум јас жив, аманетот што си го имам дадено пред себеси, досега, секој 8 август, во 09:30, во времето кога се загинати, јас сум на местото таму. Немам ниту еднаш прескокнато, ниту сум со намера да прескокнам, дури ме служи здравјето и дури можам таму да одам. И ќе одам.

ГТ: Ацо, што им замеруваш на своите, а во врска со војната сега?

АЈ: Со два збора ќе кажам за моите. Повеќе да обрнат внимание на оние кои застанаа на браникот на татковината, која ја бранеа, а денеска ја распродаваат. Е, тоа не можам да го сварам. Дали тие луѓе ќе се превртат во гробовите што го дадоа животот во 2001 за оваа наша Македонија? Можеме да зборуваме за илинденците, можеме да зборуваме за партизаните, можеме да зборуваме за бранителите. Тие се луѓето кои ја бранеа оваа држава и ја одбранија и ќе ја одбранат.

ГТ: Како понатаму… имајќи го сето ова искуство?

АЈ: Понатаму, ние како граѓани додека не се организираме да бидеме и да размислуваме како еден, од оваа држава не може да биде ништо. Јас во една прилика, кога почна овој распад на оваа држава, имав и клипче меѓутоа на друг телефон е, кажав… првин беше во емисијата „Бумбар“, јавно прашав дали десетте албански пратеници се појаки од стоте македонски? Испадна дека се многу појаки. Дојдоа тие да ни изберат премиер, да ни изберат спикер, да ни изберат претседател. И нека дојде некој нека ме разубеди дека не е така. А, за сѐ она што се боревме,  за се она што се правеше во 2001. и во ’41. и по Илинден и сите тие, сите се бореле за оваа Македонија. Што му фали на оној живот што го имавме, заеднички живот во Македонија? Што му фали? Еве, последно гледаме „немало вандализам во театарот“. Оние недолични извикувања за Македонија, дека немаме држава, за оваа Македонија дека е Албанија, што е тоа? Вандализам е или?…

ГТ: Само кратко да се вратам на нашиов град, дали сметаш дека на некаков начин треба да, мислам како нашиов град да се однесува со она што се случи и самиот рече немилите настани после овде во градов, заради кои што имавме и полициски час, уништувањето на џамијата и останатите објекти, што да прави градот, можеби твој совет?

АЈ: Јас, единствено мое размислување, таа џамија е верски објект, таа историска џамија е, од XIV век, да се конзервира и да остане споменик на културата во Македонија. За Прилеп, за Македонија. Јас, единствено тоа. Колку и од тоа да не би било ништо, но да се конзервира и да остане како споменик на културата.

ГТ: Фала ти. Дали има нешто што не те прашав, а би сакал да дополниш?

АЈ: Би надополнил тоа што било кој од било која партија ќе дојде на власт, ќе зборувам за Прилеп, ќе зборувам и за Македонија, да обрнат повеќе внимание на бранителите од ’41, илинденците и ’41 веќе се завршени, поготово ’41 се при крај, а бранителите од 2001 се потомци и на илинденците и на партизаните. И едните и другите и третите биле за оваа држава и едните и другите и третите биле бранители на Македонија, успеале и ја одбраниле. Немојте сега да ја продадеме, за евтини пари што се вели.

ГТ: Јас ти благодарам за ова интервју…

АЈ: И што се однесува на крај, секој што ќе ги слушне овие зборови, секој што ќе може да го види ова интервју, ништо не е пренагласено, сето е вистинито и со поголема почит, со поголем ангажман на тие луѓе што беа во 2001., да се помогне, сите тие луѓе имаат свои недостатоци, сите тие луѓе имаат свои трауми, а сето тоа би одело преку здравство, преку труд и социјала, да се помогне на тие луѓе. Има луѓе што можам да кажам дека и трпат за леб. Не би било згодно, би посочил и имиња и презимиња на такви луѓе кои се во државна, мислам во душевна болница, кои стварно немаат никакви приходи, дали од една мала социјална помош тој живее, а во 2001 бил на браникот на татковината. Државата мислам не смее тоа да го дозволи. Можат да се најдат пари за сѐ и сешто, а не се многу, 16 000 бранители се негде во 2001, а од тоа само Прилеп има дадено 5 000, што значи Прилеп најборбен град, стварно го носи епитетот на град-херој, град на непокорот, град на илинденци, комити, град на партизани, град на бранители. Што да кажам повеќе?

ГТ: Фала ти што одвои време за мене.

АЈ: Секогаш што се однесува на 2001. и понатаму.

Latest