Никад не можам. Сам на себе не можам да го опростам а камоли на друг да го опростам. Самиот сум виновен, викам, зашто да се случи токму тое у родниот крај мој.
КАТЕРИНА СТОИЛЕВСКА: Добар ден.
БЛАГОЈЧЕ ПЕТРУШЕВСКИ: Добар ден.
КС: Дали може да ни се претставите?
БП: Може да си се претставам. Јас сум Петрушевски Благојче од село Арачиново, родум. Иначе потеклото ми е староседелец, од прадедо, и така си живеевме добро у Арачиново.
КС: Колку време живеевте во Арачиново?
БП: Па, у Арачиново живеевме… Јас сум роден од 59-та година и до 2001-ва, додека не нѐ најде случката, така си живеевме убаво у Арачиново.
КС: Значи имавте соживот со Албанците?
БП: Даа, си имавме соживот, детските денови си ги поминавме во така да… во школските возрасти, многу убаво си се дружевме, игравме фудбал и ред детски игри.
КС: Каков беше составот на селото, кој беше поброен?
БП: Па, у почетокот бевме на… 63-та година, тука негде бевме изедначени, така да, дури можеби и да кажам поише Македонци имаше, имаше дел од Ромската нација, околу 20-тина куќи имаше Роми и така ние бевме побројни малце. Малку, малку, не многу ама бевме.
КС: Аха. Кога се измени составот?
БП: Па, сега, составот се измени нагло доселување, веќе почнаа да се доселуваат Албанците во 67-ма- 68-ма, тука почнаа нагло населување, така да и тогај настана повеќебројни албанскиот наталитет.
КС: Мхм. Имаше ли проблеми тогаш?
БП: Проблеми немало тогаш. Тогаш се…, сме се дружеле ние со нима (нив), сме имале соживот едни кон други.
КС: Така. Кога почнаа првите проблеми во Арачиново според вас?
БП: Па, според мене почнаа проблемите околу 83-та ли беше, така нешто (несигурно), се појавија некои, дел од македонските нации се пожалија дека добиле некои писма за иселување и така.
КС: Мхм. Вашите деца, дали имаа проблеми?
БП: Па да, имаа. По автобусите кога, по движењата по школото, ние, дел од Македонците, децата ги испраќавме. Малце на школувањето, причекувањето, тоа е за нас родителите, малце оптеретување беше и…
КС: Како се чувствувавте заради тоа?
БП: Па, добро, оптеретение, нормално сега, знаеш како е, како родител секој да мисли за своите деца и… така.
КС: Дали ја очекувавте 2001-ва година?
БП: Абе да сме очекувале? Не сме очекувале, немавме толку да очекуваме баш у Арачиново дека ќе се… дошло. Ние сѐ до 2001ва не сме размислувале на такво нешто, ама кога се случи дел од тетовскиот крај, дел кумановскиот крај, така нешто се… се, како да ја кажам, како да се намирисуваше нешто, нешто дека ќе падне криза у Арачиново. Али ,еве, мене лично не ми се веруваше дека ќе дојде толку до Арачиново пошто блиску бевме до градот Скопје, нема 7-8 километри и така да не би рекол дека ќе биде. Ама, ете, се случи тое што се случи така.
КС: Имавте ли некои предупредувања медиумски или од Градоначалник или од некоја институција дека не сте безбедни пред 2001-ва?
БП: Па, такво нешто немаше. Јас бар з… до мене, што се, што се случува такви работи да сум добил од медиуми или нешто, дека ќе се насети во Арачиново да биде, немало тоа, немало. Медиумите ништо, по полициските станици така што слушам за дел од движењата, не, не, нема проблеми да има, нема да се случи тоа во Арачиново, и така натака…
КС: Како го напуштивте домот? Кога?
БП: Па, јас го напуштив, сега како да ви кажам, кризата кога дојде, еден, кој ден, дата беше… забораив (се сеќава) само тачно не можам да се сетам околу датата… Ја у главно го напуштив, дел сите населени… населението се исели, јас… сабота беше, јас во саботата го напуштив Арачиново. Така, во петокот навечер ја изнесов фамилијата, јас се повратив назад, и си заспав. Многу убаво си заспав тогај (се смее) и сабајлето кога се разбудив слушам таму (кашла) коли, движење и така.
КС: Зошто одлучивте да го напуштите домот и да ја отстраните фамилијата од куќата?
БП: Па, одлучив да напуштам зошто тука веќе се намириса, навлегле терористи, сега дали од населението имаше, самите тука, па така да не ги препознавме. Беа тие маскирани, што не можевме, посебно јас, тоа го видов тука со еден џип дојдоа кај… пред куќата со минофрлачи монтирани и така да…
КС: Имавте ли контакт? Разговаравте ли со тие лица или само…?
БП: Не, не, не, не, не. Не сме имале никаков контакт, додека да имавме ние контакт, ние друкше (поинаку) ќе… тогај мене ќе ми беше веќе јасно дека стварно треба да го напуштам Арачиново.
КС: Значи вие не верувате дека е толку сериозно?
БП: Не верував, да, сепак све и… и изнесов фамилијата и не верував дека ќе се случи тоа.
КС: Мхм. Земавте ли нешто друго со себе?
БП: Ништо не земавме, ништо. Кога дојдоа… така јас да ви кажам, имав тука малце некои, производство, фолиички во дворецот, и земав, уклучив, пумпа имав, вадев цело време. Си навадив и така околу 12 часот, дојде снаа ми и ме пробуди и рече: „Благојче“ вика, вака и вака вика, „терористите влегоа“ вика, „да знаеш“ вика, „еве, таму се случило, ги претресуваат луѓето, им кажуваат да бегаат, …“ (зборува со насолзени очи) и веќе јас што да правам, и само снаа ми, на братучед ми, ми даде клучевите, имаше камион Застава. Заставата ја запалив и тогај излеговме. Ја воопшто не зедов ништо со себе. Како гол со пиштол.
КС: Мхм. Како ви беше во тој момент кога излегувавте од селото? Бевте ли потресени, возбудени?
БП: Како не бевме потресени, цело… тоа е нормално дека бевме потресени. Кога пројдовме, кога со Заставата таму долу, кај главниот асфалт веќе од левата страна, тука се собираа многу… така униформирани, терористи. И сега викам, сега што да правам сега? Не знам јас, што ќе се случи со мене?
КС: Значи ве фати паника, страв?
БП: Паниката да, и за среќа па никој ништо не ми рече и така си излеговме надвор.
КС: Каде се сместивте?
БП: Се сместивме тука до, Економија. Економија жената имаше татко [ѝ] куќа, отидовме у куќата, седнавме тука и така.
КС: Вашето семејство, останатиот дел со вас беше?
БП: Со нас беше, со нас беше. После 2-3 дена откако помина тоа, видовме дека се случи бомбардирање, едно-друго, семејството го тргнав и од тука и ги однесов у Лисиче, кај сестра ми, у Горно Лисиче, таму да престојуваат. Зашто таму некако друго беше. Понаселено, подалечко, овдекаја трпение немавме бидејќи трпението не е за… од страв трпение, не од други работи. И викам зашто фамилијата да ми настрада, па викам подалеку, поубаво викам и така ја тргнав фамилијата во Лисиче Горно.
КС: Колку време седевте кај сестра ви?
БП: Па, 7 дена, толку седевме, додека јас малце се растрчав некако, слушнав дека најави, дека ќе има сместување по домови. Да не досаѓаме по… сега сепак тесно кај сестра ми, сите ако се сместиме и малце неугодно вака. По домовите порастеретени ќе бидеме, и така после некои 7 дена и стварно се случи тое, се сместивме. Бевме до „Ранка Милановиќ“ (поправен дом за малолетничка деликвенција), таму земавме соба и со, со текот на денот, јас отидов, ја земав фамилијата, и ги донесовме во „Ранка Милановиќ“, се сместивме во една соба.
КС: Ви беше ли сеедно тоа што требаше да се сместите…?
БП: Како ни, би ни било сеедно!? Не може да ни биде сеедно, сеедно не може да биде све…, ти, тука кога се сместивме дојдоа многу фамилии, у почетокот викавме ај, у почетокот, нормално, сега викавме „мора“ и „ај, за кратко ќе биде“, знаеш, ама тоа многу долго време се… се стори, и не можеш ти да бидеш сеедно, у едно ВЦ идевме, у едно купатило, чекање ред, менза, јадевме, па таму ред за тое, како еден вид, не знам… Вие не сте биле во војска, јас сум бил во војска, па во ред, по еден, колона, па да зимаш храна, знаеш како е, а едно семејство што ситуирани сме биле, не толку многу ама сепак ситуирани луѓе сме биле у Арачиново, навикнати на секое, да си… слобода сме имале за ручек, доручек, вечера, 3 оброка сме си јале.
КС: Мхм. Значи добивте пресврт на животот што не го очекувавте?
БП: Токму така. Тоа е голем пресврт, тоа е што не можевме ние, дури почнавме меѓусебно тука, меѓу населението да… да не се истрпуемо од тое… не… нетрпеливоста меѓу луѓето.
КС: Додека траеше воениот конфликт во Арачиново дали добивавте некои информации за состојбата на домот? Дале се интере…?
БП: Не. Не сме добивале посебно од некои информации, пошто се бомбардираше. Јас веќе бев у движење, така од населбата Илинден доаѓав тука кај мостот и само гледавме со двогледи али што ќе видиш, не можевме да видиме ништо, сѐ додека не нѐ пуштија да влеземе, тогај да видиме нашите куќи, така не сме имале информации.
КС: После колку време отидовте да ја видите куќата првпат?
БП: Па, првпат послем 15 дена отидовме кога веќе… ама не знам, можеби и повечко траеше тое време, сега не можам јас конкретно да се сетам, ама кога бевме, тој Филип беше у Владата и сега он беше ги известил Албанците да се, да… да се вратат, а додека ние не бевме известени. Ние само така од пунктовите разбравме и така се организиравме сите да појдеме заедно да си ги видиме домовите. Да го искористиме моментот, и така кога влеговме да си ги видиме своите домови.
КС: Како ви беше кога ја видовте првпат куќата после толку време?
БП: Е па како ни било? Многу запустено ми делуваше, врати искршени, прозорци искршени, керамиди искршени така да мојата не беше куќа стварно погодена ама многу… тоа имаше миризба, многу јака. И што да правам јас од нет…, така кога отидов ја, занемен отидов и влегов само видов у фрижидерот имавме пред тоа слава, остана јадење така повеќе и ние, земав го исчистив фрижидерот и дојде времето со братучедот да си одиме. Вика „ајде“, вика, „да си заминеме“ вика, „пошто рокот поминува“ вика, да, знаеш, нема да нѐ пуштат после да се вратиме можеби на пунктовите. Ние, и ја за… заслепен така стојам и гледам и викам: Што дискутира овој братучед ми? Се чудам, викам: „како да напуштам сега свој дом јас да одам, едвај чекав да се вратам а сега да го напуштам домот?“ и така, си појдов тажен и (зборува со насолзени очи) се вратив кај фамилијата и да им раскажам како е состојбата кај нас дома, така почнаа сите, си заплакаа по малце и што да правиме, тоа е.
КС: Мислевте ли дека ќе се вратите побрзо, дека нема да трае толку тоа што…?
БП: Да, да, да. Мислев да се вратам и сѐ на, на, ја веќе не сум ни спиел, само да се вратиме, ама не било така. Ете, долго време помина, па не се вративме и мислите така и мислејќи дека ќе се вратиме, ама подолго траеше тоа и стварно нервозите надвладеа кај нас.
КС: Мхм. Зошто се одлучивте да не се вратите во почетокот?
БП: Па, не одлучивме, немаше, викам, кај да се вратиме, прво безбедноста не… не беше толку сигурна кај нас, да… безбедноста… не знаевме како ќе се случува, нели сепак терористи, дали постојат тука сѐ уште. Нас ни велеа дека нема ама не е тое, тое самиот додека нема… јас кога влегов, јас видов соседи и тука имаше стварно, ама, ете, фамилијата плус таму, јас нереновирано, кај и да си сакал да се вратиш и да ризикуваш на тој момент, не можеш да се вратиш.
КС: Така. Комунициравте ли со Албанци после 2001-ва година? Дали се промени нешто во вашиот однос кон нив?
БП: Па, веќе кога веќе се вратив, комунициравме, односот беше со некои стварно… и со тие луѓе и понапред било така, ама со некои го гледам дека самиот почеток кога се вративме веќе у Арачиново не беше баш сеедно, некако луѓето не гледаа исто како и претходно. Некако со заострени очи, заострени видови (се смее), префрлувања на албански некои работи, ама сепак… добро се преброди и тое што се вели. Па, ја се одлучив така да си се вратам, пошто не можев да издржам во домовите, не се…
КС: Мхм. Вие се вративте, значи, во Арачиново после извесен период од…?
БП: Да, да. Се вратив јас послем година и пол, се вратив јас. Земав да си ја обработувам земјиштето тука, така да… Немаше, стварно немаше проблеми али сепак све се чувствуваш дека ќе дојдат проблемите. На секој момент така нешто чувствуваш дека ќе дојдат проблеми.
КС: Мхм. Колективно како раселено лице од Арачиново со другите раселени, дали превземавте нешто во врска со тоа?
БП: Да. Колективно ние се зе… превземавме мерки, така да формираме едно здружение и тое го формиравме, тое здружение, кое го нарековме „ЗОРА“ кое бев член во тое здружение јас. Во Здружението како претседател ја избравме Јана Петрушевска, имавме потпретседател, имавме секретар, така да тоа здружение работеше, функционираше добро, ама, ете, и тое дојде некое недоразбирање меѓу самите луѓе, меѓу самото Здружение исто така, малце некои раскарувања нешто, самата атмосфера си го направи своето.
КС: Аха. Така. Додека живеевте во Арачиново, значи дали слушавте коментари во врска со тоа што се вративте од другите Македонци…?
БП: Нее, тое е токму така. Видите, јас тое го осетив на својата кожа, малце тука како… не сакам да ги напаѓам нашите Македонци, неголи знаеш, некои друкше размислуват, некои друкше размислуват. Сега, знаеш, секој не може да размислува исто. Јас додека сум размислувал друкше, тое е мој роден крај и дека морам да се вратам таму, јас сум се чувствувал жител на тое село и сакам да си останам, тоа ми е родниот крај. Али ја при враќање, послем кога ќе се вратам, некои луѓе погледите спрема мене друкше ги гледаа, мислејќи дека сум јас шпион, кодош, не знам што (се смее) ваму-таму али не било така. Јас и укажував за некои работи на некои луѓе, дека треба да се постават на секого расположение, да видат дека не е така.
КС: Мхм, така. Вие, значи, живеевте во Арачиново, додека живеевте, кажавте дека сте немале проблеми. Мислевте ли дека ќе се вратите целосно во Арачиново?
БП: Да, мислев дека ќе целосно ќе се вратам и мислев дека до крај на животот таму ќе живеам, ама еве сега Македонциве сега што останаа по домовите не се повратија, делумно некој се поврати така, некои околу 20-тина куќи, али повеќе така старци, и што да правиме, и на крај и јас одлучив да се иселам.
КС: Мхм. Значи се одлучивте да се иселите?
БП: Да.
КС: Што мислите, кој загуби повеќе со 2001-ва, вие или Албанците?
БП: Па, загубивме ние. За Албанците, Албанците си добива некои свои права таму што… сега нека ми извинат али они, све нешто не им стига во оваа држава е на Македонците, на македонскиот народ мислам, со комплесус нив ама задоволствата не може поединечно да ги задоволуваме ние. Ние изгубивме. Зашто изгубивме? Изгубивме својот роден крај го изгубив јас. Послем, како можам јас сега на друго да се чувствувам како својата домовина што ми е, што сум роден, а… А ја плус не сум доброволно излезен неголи видов дека нема…
КС: … услови?
БП: …услови, не е, така да немаме комшилук. Друго е, ние си имавме роднини, пријатели полно, село Арачиново тука ние бевме повеќето делови од староседелците. Ние сврзани бевме – родство, и не е едноставно ти да излезеш од Арачиново (зборува со насолзени очи). И сега кај нас постојат раните.
КС: Мхм. Мислите ли дека можеше да биде поинаку?
БП: Па, мислев ја дека ќе биде поинаку, по мое, ама ете не бидна така како што го размислував, значи јас сум се малце преварил (зборува со насолзени очи) дека е така, ама делумно да, со некои луѓе можеш и ден-денеска да комуницираш со Албанците, можеме, можам и да појдам таму ама си има… и самите Албанци меѓу Албанците си имаат проблеми таму, и нерешени работи некои, малце се, сега имаат доселени од сите краишта у Арачиново откако што беше, па највероватно едно 100 до 200 куќи има поечко (повеќе) сега доселени.
КС: Кого обвинувате за тоа што се случи?
БП: Па, обвинувам? Кого ќе обвинувам, Државата ја обвинувам. Државата е највиновна за све. Државата требаше да нѐ заштити нас, за да не се иселиме, за да не биде тој конфликтот таму у 2001-ва, нас требаше Државата да нѐ заштити. Зашто Државата сепак е држава. Таа требаше да застане на здрави нозе, да застане меѓу луѓето и да им каже: „Стоп!“. А не она дозволи терористите да влезат тука на самиот…, на 7 километри до главниот град на Македонија (зборува со насолзени очи).
КС: Мислите ли дека е можен соживот денес?
БП: Абе соживот? Соживот, не може да има соживот, како што се одвиват работите, соживотот малце е потежок. Сѐ додека стварно тие „ладни глави“ малце не ги разбистрат некои од нивната националност, стварно не може да биде соживот до крај. Аа, додека така сега како што размислуваат и мислат не може, а понатака ако се размисли можеби ќе може, зашто да не може од нивната страна? Што е, што повише јас имам од Албанците, а Албанците да нѐ немаат? Нај, најповеќе имаат Албанците. Сите, еве да појдеме сега у Арачиново да видите како, кои куќи ги имаат они, кои изградени, кои… кои патишта таму, водовод сега имаат, све имаат услови сега. А зашто ние додека бевме, ние додека ги газевме, калта ја газевме.
КС: Така. Дали можете да го простите тоа што ви се случи?
БП: Никад не можам. Сам на себе не можам да го опростам а камоли на друг да го опростам. Самиот сум виновен, викам, зашто да се случи токму тое у родниот крај мој (зборува со насолзени очи). А камоли на друг да го опростам, на самата Држава што не нѐ заштити.
КС: Мислите ли, дека треба да се зборува во иднина за 2001-ва или да се заборави?
БП: Па, види. Дај Боже да се заборави, пошто 2001-ва не би го препорачал ни, што се вика, ни на најголемите душмани. Пошто ние самите го чувствуваме на нашиот грб, и знаеме што е 2001-ва (зборува со насолзени очи). И би сакал да си живееме убав живот ние понатака, да не се случи 2001-ва. Така да, да се соживееме некако, да можеме едни со други да си го протераме животот, и младината и така.
КС: Како гледате на иднината? Како го продолживте животот откако се иселивте од Арачиново – денес?
БП: Па, иднината ја гледам напред да идеме, ама некако не ни иде. Нас, знаеш што, малце мислите сѐ нѐ водат на нашите краишта, на нашето родно село, и малце ние постарите си имаме траума што ќе, до крај на животот нас ќе нѐ … ќе нѐ тешти тоа, ќе не тишти… (зборува со насолзени очи)
КС: Ќе тлее во вас?
БП: Да.
КС: Мхм. Така. Денеска каде живеете?
БП: Па, денес живеам во населбата Илинден, иначе поточно село Марино. Таму пред година и пол се доселив, си направив куќа, си купив плац, направив куќа и така, сега за сега тука ми е добро, мирно, тивко. Така го гледам и Арачиново, така малце се тешам (зборува со насолзени очи) ќе појдам до… до фармата на Белимбегово (поранешно име на нас. Илинден) и ќе си се вратам, и така ќе го погледнам само со очите мои и назад, вика врати се Благојче да си живееш во Марино (се смее и зборува со насолзени очи).
КС: Дали има нешто што не ве прашав а би сакале да кажете?
БП: Па, има многу да се кажува, многу да се кажува. Можеби и многу прескокнавме, ама… не знам… што да кажам више, што да… што да зборувам. Ние зборувавме свеедно, знаеш, многу ме радува ние, Македонците, Македонија да ја гледаме напред, децата, помладите, вие посебно да си живеете убав живот, да не ги имате овие проблеми, да ни останат проблемите нас, а кај вас да биде иднината убава.
КС: Ви благодарам.
БП: Молам.
КС: Фала многу што поделивте време за да разговараме.
БП: Благодарам и на вас.
КС: Пријатно.
БП: Пријатно.