… порано кога се одеше по канцеларии, кога некој збор не можеше да го кажеш на македонски бидејќи не можеше да се сетиш, те исфрлуваше службеникот од канцеларија.
ФИТОРЕ БАФТИЈА: Дали ја читавте книгата?
АК: Ја прочитав…, еден дел прочитав, некои интервјуа.
ФБ: Ех дали ви се допадна? Сакам да кажам, дали беа вистинити…
АК: Беше… податоците беа речиси така како,… дури имаше и потрагични што биле… да.
ФБ: Да… да… од случај од случај се разликува.
АК: Да, се разликува.
ФБ: ОК тогаш, порано како […] каков ви беше животот порано во вашето место?
АК: Порано во местото тука сум им… приближно сум имал еден нормален живот сум имал… оти јас сум работел, сум имал работа, после… имавме, малку земја, ја работев земјата, имав малку добиток приближно сум водел еден живот… [нормален].
ФБ: Со соседите, со луѓето кои живееја…?
АК: Со сите сум имал добри односи.
ФБ: Со селаните…?
АК: И со селаните и со соседите сум имал, никогаш не сум имал разбирање… недоразбирање, ова беше за… со селаните.
ФБ: Вашето село беше населено само со …
АК: Нашето село беше населено само со Албанци, и целиот регион на Шарскиот Предел е само со Албанци и е…
ФБ: Дали сте имале некогаш проблеми во вашето место… освен, пред конфликтот од 2001?
АК : Со кого мислите?
ФБ: Така, некој конфликт, некој екцес…
АК: Помеѓу луѓето…?
ФБ: Било каков, било каков…
АК: Не, не сум имал, никогаш не сум имал недоразбирање и конфликт со луѓето.
ФБ: Како вие ја доживеавте 2001?
АК: Види… јас 2001… повеќе или помалку… бевме информирани дека ќе се случи тоа, бидејќи најнапред имаше некои движења кај Танушевци, накај Куманово… и ние повеќе или помалку очекувавме дека ќе дојде и тука кај нас. Но кога почна , се вознемиривме малку… […]
ФБ: Од каде ги добивте информациите?
АК: Информациите ги добив од телевизијата и дневниот печат… Да, тоа е.
ФБ: Се вознемиривте…
АК: Првиот ден ако можам да кажам дека како се…
ФБ: Да, да.
АК: На 14 март културната заедница на Албанците држеше еден митинг во центарот на Тетово и бев учесник во тој митинг. Го напуштив малку порано митингот бидејќи требаше да одам на настава во еден часот. Влегов во колата… слушнав некои пукотници, ама не знаев што се тие, кога стигнав испод Гајре, тука е една кривина, нивите беа полни со до заб вооружени полицајци, и некои две, три други коли запреа кај онаа кривината и почнаа тие да се истовараат, и се вознемиривме малку, особено јас се вознемирив, бидејќи немав баш многу информации за тоа што се случува, бидејќи се враќав од тој митингот. Отидов дома… и… на крајот од селото ми е куќата, и излегов оти имам и една бавча под селото. Излегов и видов дека сите тие ниви беа полни со полицајци, беа позиционирани по меѓите и пукаа кон тврдината. И сега, тие пукаат кон тврдината, а и од таму доаѓаа куршуми. И тогаш разбрав дека нешто се случува и дека она од Танушевци беше преместено во Тетово. По некој момент, во еден часот си заминав за на училиште, учениците беа дојдени и влегле внатре, и колегите биле дојдени и почнавме да зборуваме за тоа што ќе правиме. Се трудевме помалку или повеќе да не создадеме паника кај учениците но почна да доаѓаат родителите и ги пуштивме, ги пуштивме, не по оној пат по кој редовно си доаѓаат учениците, него позади училиштето над една куќа тој ден ги пуштивме да си одат учениците. Овој беше случајот од 14 март, потоа некои два три дена имаше гаѓање – пукање кон тврдината малку повеќе, оти во Гајре сѐ уште немаше војници и после некои два дена, колку се сеќавам, дојдоа но дојдоа и војниците на УЧК, Потоа почнаа пукањата Гајре – Тврдина – Гајре.
ФБ: Дали размислувате колку ќе трае ова. Колку ќе тера…
АК: Јас немав некое предвидување за тоа колку може да трае, ова беше…
ФБ: Што се смени во тој момент?
АК: На што мислете?
ФБ: Како се осмеливте, зошто ја напуштивте куќата, како ја напуштивте?
АК: Еднаш… Ех, види сега: Некои два три дена сите селани се собравме во селото.
ФБ: И ти?
АК: И јас и јас.
ФБ: Со?
AK: Со жената со синовите, со сите и едно дете кое го имав мажено, сите бевме во селото… после некои два дена, јас си дојдов во град, во град си доаѓавме од еден спореден пат, не по оној пат по кој одевме редовно, и со коли не, така, по планините…
ФБ: Пешки дојдовте?
АК: Пешки си отидов.
ФБ: Со кого беше? (влегува жената во соба да си земе нешто)
АК: Сам бев и дојдов во град по некои работи и ги оставив луѓето дома.
ФБ: Со која причина?
АК: Кај нас селаните така е доаѓаме за…, немав некоја определена цел, дојдов во град. Останав во градот се сретнав со другари, разговаравме во врска со создадената ситуација и кон 12, 12 и половина или 1 излегов јас кај „телеферику“ (жичарницата) викаме ние, тука е она уличката од кај тргнуваме за Гајре, и гледам селаните си доаѓаат со автомобили и запра еден соселанец и ми вика „учителу А. … еј учителу А., од кај доаѓаш и кај одиш?“ Реков „Јас одам во Гајре.“, „Дали знаеш дека сите од Гајре се преселени, се трансферирани?“ А јас не го знаев тоа. Си отидов дома, и кога си отидов дома, повторно пешки си отидов, ги немав луѓето дома, си беа дојдени пешки, беа дојдени по споредниот пат, така беше еден пат и… некој, точно не знам кој…
ФБ: Од вашата куќа дојдени се од споредниот пат?
АК: Да, дојдени се во градот.
ФБ: Кој останал дома?
АК: Никој, никој… Клучот од куќата го оставивме во едно место каде во случај на потреба… овие беа дојдени пешки, беа дојдени, кај ова зградата, ова зградата беше неизградена само малку беше бетонирана, на неа немаше простирано ништо, беа дојдени тука, и јас таа вечер останав дома, имаше војници почнаа војниците да се движат во Гајре, утредента пак дојдов да ги видам по оној… спореден пат и кога ги видов во ова куќа беа.
ФБ: Од семејните луѓе?
AK: Семејните луѓе, сите роднини беа, но услови за живот немаше, поради што немаше ниту нужник ниту кујна немаше ништо, ништо само… Ниту простирка немаше, ништо.
ФБ: Само sидови?
АК: Само ѕидови… да,прозорците беа. Потоа жената разговараше преку телефон со сестрата во Германија, има тука куќа (во Тетово), и се согласија тие, и отидовме во сестрината куќа, јас си отидов во Гајре, си отидов со синовите.
ФБ: А жените, невестата беа кај сестрата…
АК: Невестата и девојчето кај сестрата, да.
ФБ: Кај сестрата од жената?
АK: Да, сестрата од жената, да, кај сестрата од жената, не тука.
ФБ: Да, од Германија
АК: Од Германија, да.
ФБ: Во нејзината куќа.
АК: Во нејзината куќа. Го зедовме клучот кај соседите тука седеле тие… ова беше само до 14 март.
ФБ: После вие останавте со синовите во Гајре…
АК: Да, во Гајре синовите од време на време си доаѓаа во Гајре и си доаѓаа и во Тетово. Така беше работата.
ФБ: Тие секогаш си доаѓаа пешки по споредниот пат?
АК: Мораше… јас и бев на тој… бидејќи беше основан еден кризен штаб. Јас се одредив да бидам чувар ноќе кај… кај се држеа лековите тука јас седев, со смени, и така…
ФБ: Аха, тој инцидентот што се случи, дома вие и вашата жена, кога куќата…
АК: Ех сега. Па сега, добро што ме потсети… до 25 март 2001 година немаше македонски војници во регионот на Гајре. Утрото на 25 март јас бев ноќе дежурен во куќата кај што беа лековите. Во 6 часот ја завршив смената, дојде да ме замени еден мој соселанец и јас си отидов. Се собиравме тука соселаните, тој ден една случка, а јас не знаев ништо што се случува оти немав мобилен, само излегов среде селото, се гледа Лавце (село на Шара). Ех, по патот за Лавце ги видов овие блиндираните коли кои си одеа нагоре. Не можев да ги разликувам од кого беа. Додека од другата страна од Селце (село на Шара) доаѓаше една кола „Нива“ кон градот, токму кај патот кој свртува за Лавце се сретнаа Ладата со блиндираната кола и што се случи тука потоа, не знам. Но според некои податоци тие побегнале, слегле од колата и дошле за во планина. Додека на 25 март јас бев со синот и со многу соселани. Го оставив синот во една куќа таму, не внатре, позади еден ѕид од бетон и дојдов да видам кај куќата дали се лековите или не се, оти ако влезе полиција во селото, да не ги најде, ни беше колега на работа и му помагавме да не му ги најдат и да ги отстраниме од куќата. Кога дојдов, тие ги извадиле и ги фрлиле, некои пакети беа тука ги зедов и ги фрлив и јас останав кај плоштадот на селото, останав сам бидејќи се пукаше на големо, се пукаше од сите четири страни во Гајре.
ФБ: Како се почувствувавте во тој момент?
АК: И… тука се чувствував многу лошо… и во истиот тој момент после 4 – 5 минути ги имав тука некои мои бивши ученици, двајца беа. И за нив не знам како останале, влеговме под една плоча од бетон и тука стоевме позади еден ѕид, се плашевме за детето, оти детето младо и војска не одело. Кога си отидов од таму тие другите побегнале додека синот останал да ме чека мене. И… утрото, утрото почнала битката во Гајре, еден војник од… Шипковица (село на Шара) беше ранет во ногата и му ја преврзавме ногата кај онаа сестрата.
ФБ: Вие тука бевте?
АК: Не, јас не сум бил тука. Јас не бев тука – втора смена бев. Со кола двајца соселани го зеле и го однесле во Шипковица, го носат во Шипковица, и кога се враќаат во влезот на Гајре од Гајрската страна , блиндираните коли продирале токму над Гајре, а додека стигнале до Гајре тие запалиле 6 – 7 штали, да, ги запалиле, и овде каде беа овие двајцата соселани, едниот ми беше колега, кога ги виделе блиндираните коли движејќи се тие, тие скокнале. Колите се спуштаат .Откога бегаат тие пукаат во автомобилите и ги погодиле колите.
ФБ: Вие лично кога го напуштивте селото Гајре и потоа не се вративте пак, бидејќи вие во меѓу време сте се движеле, доаѓавте и си одевте?
АК: Да, да, јас сум напуштил…
ФБ: Последниот ден зошто го напуштивте?
АК: Сега ќе го кажам и тоа, ќе кажам но имам да кажувам и за 25 март, на 25 март останав јас со синот, се движев по селото уплашен и тажен…
ФБ: Зошто не се сместивте во некоја куќа или…?
АК: Од страв бидејќи се пукаше во сешто, од сите страни се пукаше и неочекувано најдов 15-тина селани и тие беа позади еден ѕид. Ѕидот одозгора беше од бетон, а под него една куќа, куршумите удираа по ѕидовите и се одбиваа, беше опасно, отидовме во една штала. Шталата празна, без ништо без храна за добитокот само со под од даски. Блиндираните коли запреле приближно на 200 метри над она шталата и ние се сетивме на случајот Рачак (Масакрот во Рачак). И сакавме… тука беше ризично бидејќи не беше сигурно да влеземе во куќите… И влегувајќи од шталата во куќата тие нѐ забележаа и пукаа со митралез врз нас, среќа ние се наведнавме и тие ја погодија, ние викаме греда, една греда (покривот на куќата) и замислете и гредата ја продупчија тие куршумите на… Три куршуми ја продупчија и сѐ уште стојат тие отвори. Потоа од таа куќа од кога се смири малку си дојдов до мојата куќа да видам да не најдам некого, никого ама никого не видов, и така со синот, беше ноќе, со синот и двајцата соседи кои беа со мене ги зедов тие беа помлади од мене и дојдовме во градот, и кога дојдовме во градот…
ФБ: Кај кого?
АК: Дојдовме кај семејството кај што бевме…
ФБ: …сместени.
АК: …сместени, да. Претпостави кога нè видоа, така уплашени и тажни се зачудија. Ова беше до 25 март, после тие (македонските сили) навлегоа во Шарскиот предел, навлегоа во тврдината, навлегоа во Лавце, поставија контролни пунктови кај Гајре и во влезот на Шипковица и се смири ситуацијата.
ФБ: А тука колку… како ве пречекаа како бегалец во куќата на балд’ската (сестрата на жената)?
АК: Тука, види сега, тука во куќата на балд’ската не останав многу.
ФБ: Каде престојувавте?
АК: Јас сум седел дома, во Гајре до еден момент кога склучија договор за прекин на огнот. Дојдовме пак ние членовите на семејството во Гајре.
ФБ: Времето на прекинот на огнот? Кога се склучи договорот?
АК: Да, да, да. И во… тоа беше приближно кон месец април. Не само моето семејство, туку сите селани се вратија, контролниот пункт беше на влезот на Гајре, а и еден контролен пункт беше помеѓу Гајре и…, една вечер и сега на датумите не можам да се сетам. Не ми текнува датумот, не сум водел дневник, настана еден судир, настана еден голем судир, имаше и пукотница и токму тогаш јас со некои соседи стоевме надвор ненаоружани, јас бев ненаоружан додека соседот не го видов сигурно дали има, стоевме надвор за секој случај, така ако влезат во Гајре барем да бегаме со семејството бидејќи многу блиску беа покрај нас.
ФБ: Вие ги видовте дека доаѓаат?
АК: Стоевме како дежурни заедно со некои соседи. И таа ноќ имаше толку пукање во Гајре, и некои две три куќи таа ноќ беа оштетени. Поточно, во едната куќа паднала една граната, паднала додека децата биле внатре, и ја оштетила задната страна на куќата.
ФБ: Од што најмногу се уплашивте и од кого?
АК: Најмногу сум се уплашил кога се потсетував на сцените од Рачак, посебно на она од 25ти март. Мислевме дека ќе ни дојдат тие и ќе нè најдат, 15 мина. Јас бев постар, другите сите беа млади ќе ни правеа… тоа беше најголемиот страв, после тоа кога дојдоа… кога настана тој судирот таа ноќ, излеговме на плоштадот од селото, сите мажи да разговараме за ситуацијата, како да делуваме, никој не презеде врз себе да даде некое укажување за одбрана, и на крај не знам со кого контактираа со мобилен… Рекоа кој што треба да направи и така да од тој ден јас дојдов.
ФБ: Во град?
АК: Да, во град.
ФБ: Ја напушти куќата заедно со семејството?
АК: Да ја напуштив, заедно со семејството, да.
ФБ: Пак пешки?
АК: Повторно пешки.
ФБ: Што понесовте со вас?
АК: Со себе зедов, беа две вреќи, ја имавме ќерката, таа имаше храна , имаше некои две вреќи со храна, малку облека, друго ништо не зедов. Куќата ја оставив целосно добро… Јас 68-та ја направив куќата, 69-та влегов на работа, и еве 30 години што инвестирам во таа куќа, беше месец август, се запали и шталата и се стори пепел и…
ФБ: Од тогаш веќе не си се вратил?
АК: Членовите на семејството не, додека јас со синовите на секои два дена си одевме. Дури децата, едниот син правеше ровови во Расадиште (место пред селото). И јас си одев таму стоев цел ден, многу често ме затекнуваа бомбардирањата, ме затекнуваа во селото и од тогаш не сум останувал како пред 25 март.
ФБ: А кога ви се запали куќата?
АК: Куќата и шталата.
ФБ: И шталата. Дали сте биле тука присутни?
АК: Тој ден не.
ФБ: Не. Каде бевте?
АК: Тој ден јас… Куќата се запали приближно после вечерата.
ФБ: Кој месец?
АК: Е сега токму… почетокот на август, така ми се чини. Јас до тој ден сум бил во село бидејќи седев дома дење […] Тој ден сум бил и… во град, а потоа почна страшното бомбардирање и беа запалени куќи.
ФБ: Кога ја видовте куќата за прв пат?
АК: За прв пат ја видов утредента оти се гледаше од позицијата како чади, ми се виде дека тоа е во мојата населба и отидов утредента без дозвола од децата. Кога отидов, кога видов, не можам да се сетам како сум се почувствувал, седнав тука во дворот во горниот дел и гледав, не знам како да ви кажам. Сѐ беше изгорено до темел (многу се возбуди, му доаѓа да плаче) ова беше нешто…
ФБ: Што очекуваше дека ќе најдеш? Дали си очекувал дека ќе…?
АК: Ова не сум очекувал дека ќе се случи поради причината што… и помалку се јавија некои вести дека се склучил некој договор, е… Се разговараше за… е па ете се случи и тоа.
ФБ: Додека бевте бегалец, како ве пречекаа? Сте имале контакти со други бегалци?
АК: Да, сум имал. Сум имал со моите соселани.
ФБ: Какви беа… контактите?
АК: Секогаш се сретнувавме со соселаните и разговаравме, ги кажувавме проблемите.
ФБ: Како ве пречека балд’ската која ве прими во својата куќа?
АК: Не беше тука таа.
ФБ: Да, знам. Викам, дека била великодушна?
АК: Да, да, да, да, да.
ФБ: Кој ви помогнал повеќе, а кој не?
АК: За помош, да ко кажам вистината, никој не ни помогнал, освен помошта што ја земавме од Црвениот Крст и нешто од хуманитарното здружение „Ел Хилал“.
ФБ: А од македонската страна?
АК: Апсолутно не сум зел ниту трошка, никаква помош не сум зел. Дури не се споменува нашиот случај во Гајре. Гајре било најоштетено во Шарскиот предел, а исто и Лавце. Лавце и Гајре биле најоштетени. Во Гајре направија некои куќи некои германски хуманитарни организации, тие ги направија само куќите, направија згради без намештај, без ништо. И ова сега мене ме иритира оти кога се направени куќите кај македонската страна тие се направени комплетни. Им дале и намештај и ги снабдиле со елементи, на една група и покрај тоа што им ги направиле куќите од Липково и од Скопје, тие престојувале по хотели се хранеле бесплатно, спиењето бесплатно, дури според дневниот печат земале и по 400 денари дневно за секој член. А за нас државата не даде никаков динар.
ФБ: За што ги обвинувате Македонците?
АК: Македонците… Да, да, да кажам право, вината за конфликтот во Македонија ја има македонската страна.
ФБ: Зошто?
АК: Целосно ја имаат вината, бидејќи јас не сум бил член на… пред 90-те член на ниедна партија. Со влегувањето на повеќепартискиот систем, се оформи ПДП. И пратениците кои беа во онаа првата парламентарна структура секогаш истакнувале, и им давале до знаење, дека треба да бидеме рамноправни, да бидеме државно конститутивен народ. Тие немаа сенс за ова, не сакаа да слушаат, немаа желба за овие барања, и сум ја следел ситуацијата тогаш, како беше, и како новитет ги следев секогаш сите парламентарни сесии и сите пратеници го истакнуваа ова оти ако нема промени, ќе дојде до ова. И дојдовме до ова бидејќи македонската страна можеше да го заобиколи да не се случи.
ФБ: Како можела?
АК: Можела поради тоа што, вие можеби сте млада, не знаете, дека толку сме биле дискриминирани пред 90-те, толку што вие не можете да замислите. Јас наставник сум веќе 42 години, кога сум влегол најпрвин на работа сешто во училиштето, евиденцијата сме правеле на албански јазик, свидетелствата на албански јазик, овие после 81-та почнаа со еден невиден шовинизам кон Албанците. Почнаа со двојазичноста, почнаа со мешовити паралелки, ова вие не го знаете. Мешовити паралелки, но не такви како што треба, каде што ќе се применува наставата, наставата да се применува на два јазика, но мешовити паралелки каде наставата ќе се изведува на македонски јазик. Професорот Албанец беше принуден да предава на македонски јазик. Од тука почнаа незадоволствата кај Албанците. Но и после 90-та продолжија со онаа политика која ја научиле од политиката на Југославија и после 90-та почна да се води евиденцијата на двата јазика, после на еден јазик, свидетелствата исто така на еден јазик.
ФБ: Како можело да се избегне оваа војна?
АК: Можело ако и Албанците би ги уживале сите права како што ги имаат тие, како држава… како конститутивен народ. Ова можело да се одбегне.
ФБ: За што ги обвинувате Албанците?
АК: Албанците. Мене ми се чини дека Албанците немаат никаква вина, да не бидам многу едностран, но 20 или 10 години да бараш и секогаш да се правиш питач пред некого кој треба да ти даде нешто. После конфликтот почна, во Танушевци кога македонските сили убија едно младо момче во неговата нива.
ФБ: А на кого си се налутил најмногу?
АК: Повторно повеќе лут сум на политиката, неправилната македонска политика.
ФБ: Вака да ве прашам,кога ви беше вам најтешко?
АК: Тешко ми беше кога ја видов куќата… кога ја видов куќата така запалена, стопена до пепел каде инвестирав приближно 30 години… (влегува жената и нѐ почестува со кафе) многу лошо сум го доживеал…
ФБ: Зошто не се вративте иако вашата куќа сега е изградена, така?
АК: Не се вративме поради тоа што го имав станот. Го имав станот, го средив бидејќи куќата се изгради после две години за тоа време го изградив, средив станот и повеќе не се вративме поради оваа причина. Нема некоја друга причина… само ова.
ФБ: Што изгубивте од војната покрај куќата… траумите…
АК: Види сега, тие траумите нормално дека ги имав во почетокот. Бев вознемирен, да, но како врвеше времето полека исчезнаа бидејќи немав загуби во луѓе, и тоа беше најважното.
ФБ: Во какви услови би се вратиле, повторно во селото Гајре?
АК: Види, јас условите повторно многу добри ги имам во Гајре, ја имам куќата. Сум ставил намештај, имам роба, имам ниви, јас повторно ги имам условите таму, но јас самиот како А. не можам да одам пак, не можам да се одделам од децата до овие моменти, а како ќе се одвиваат настаните…
ФБ: Зошто децата сакаат да живеат тука?
АК: Децата сакаат тука.
ФБ: Во градот?
АК: Во градот, да.
ФБ: Дали е можен соживотот со Македонците?
АК: Да, да, можно е. Соживотот, да, можен е со Македонците, но Македонците треба да сфатат еднаш засекогаш да не се сметат себеси како народ од прва категорија, за да се сметаат себе си како народ кој може да дели права на некого, а овие Албанците како еден народ исто така во множина, секогаш да питачат, ако ова се оттргне и албанскиот народ ќе го сметат како конститутивен државотворен народ, и не секогаш ние да бараме ова, па ова, па ова, тогаш ќе може да има соживот, да. Оти Македонија е мала, има малку народ, има место за сите луѓе.
ФБ: Дали е можно да им простите?
АК: Да, по природа простувам, не само за ова. И за некое недоразбирање што имало, оти во селото е нормално дека има разни случаеви, по природа простувам, но ако и ним се опаметат и оние малку да разбираат дека реалноста е поинаква.
ФБ: Значи можно е помирувањето?
АК: Да, да, да може, но овие не сакаат. Не сакаат и сега кога се направени некои подобрувања, да направени се, но не се направени по нивна желба, но се направени со желбата, односно притисокот на меѓународните сили, инаку овие од желба ништо не направиле, дури и го искривиле и Охридскиот договор.
ФБ: Што сте добиле од војната, има нешто што сте добиле од ова, од конфликтот во 2001?
АК: Има. Не можеме да речеме дека нема ништо, има промени. Има промени, има еден голем број на луѓе, не толку голема бројка се вработени… тоа е. Училиштето, на нас наставниците малку ни е полесно иако уште се обидуваме она административната евиденцијата да се прави на двата јазика, но има промени од 2000-та и наваму. (пие кафе)
ФБ: На пример како бенефит што сметате дека е, на пример, што сме добиле? Разбираш – јазикот, слободата… ако мислите на тоа.
АК: Гледајте… Кај јазикот да, има промени кај јазикот, може слободно да се употребува јазикот, не како порано кога се одеше по канцеларии, кога некој збор не можеше да го кажеш на македонски бидејќи не можеше да се сетиш. Те исфрлуваше службеникот од канцеларија. Сега се променило и тие станале потолерантни, можеш да зборуваш на Албански јазик, сега иако со знамето нешто, и ова не е некое нешто како да кажам, како се вика, можеме да го употребиме слободно, не е така, овдека има една аномалија на пример еве овдека во Тетово каде има приближно 90% Албанци, иако по свадби и празници можеме да го употребиме, но во институциите кои се со државен карактер, како што е полицијата во Тетово, судот, архива, не можеме да си го поставиме знамето. Ова не го гледам како оправдано и не гледам дека е слободно примената на националното знаме. Причината што во овие органи не се употребува, во судот во Тетово не се употребува, во полиција не.
ФБ: Има ли нешто да додадете, нешто за што не сум ве прашала?
АК: Мислам дека ги кажав најважните оние што ги доживеав за време на 2001.
ФБ: Благодарам.
АК: И вие сте добредојдени.
(Пауза)
АК: Ако можам да кажам и…? многу интересно…
ФБ: Како не, како не, слободно.
АК: Една посебна случка ми се случи мене и на моите колеги во училиштето. Од кога се вратија сите селани во селото, учениците почнаа да доаѓаат во училиштето, и да си продолжи наставата. Еден ден почнаа некои пукотници и приближно во 1 часот тргнав да одам јас во училиште, исто така пред мене и учениците си одеа со ташните кон училиштето, кога стигнав до вратата од училиштето кај куќата на еден сосед, неговата куќа е со плочи од тенекии. И одеднаш неочекувано од тврдината во овие региони кај што беа македонските војници , во тврдината во влезот на Гајре и… почнаа пукотниците од тврдината кон нас, и истото им се случило и на другите наставници кои беа дојдени пред мене, за да се наведнат со учениците, а не да се вратат, но да влезат внатре. И сега не знаевме што да правиме. И тука направивме една голема грешка, не знаевме од кај да излеземе. Тргнавме да излеземе од главната врата, повторно бевме заедно со учениците и со наставниците колегите, повторно почнаа да пукаат кон нас, куршумите погодуваа над нас… направија сито од дупки над нас, над нашите глави. И тогаш многу се уплашивме. Натаму не можевме да одиме по патот, бегавме по авлиите на тој комшијата и се спасивме без ниеден загинат. Тука имаме […]
ФБ: Вие заедно со учениците бевте?
АК: Заедно со учениците бевме. Бидејќи не знаевме… што да правиме, да останевме внатре… […] Имаше приближно 60 ученици. Одлучивме да излеземе. Не можевме да претпоставиме дека до таа состојба можеа да делуваат тие, пукаа над нашите глави, не беше погоден никој…
ФБ: …инцидент.
АК: Инцидент.
ФБ: Дали мислите дека сте делувале цело ова време… на конфликтот, дали мислите дека сте делувале правилно, што би измениле ако да имавте можност?
АК: Видете сега, не знам како да кажам, дали сум постапил праведно или не. Но во тие моменти, посебно на 25ти март, сум се уплашил многу. Кога се сеќавам дека во секој момент можеа да дојдат тие воени сили, и да нѐ најдат во онаа соба, бидејќи она соба беше, а не подрум. Секој момент очекувавме да влезат. И не знам што да кажам сега, но го молам Господ да не ни се случи уште еднаш, оти ако ни се случи уште еднаш можеби ќе биде полошо. Ова беше тоа.