
Мировна акција
Мировна акција е оформена 2001 година со обединувањето на повеќе неформални групи на пацифисти, антимилитаристи и приговарачи на совеста. Нашата мисија е промоција на мирот и културата на ненасилство. Во првите пет години од нашето постоење, акцентот во нашата работа беше ставен на признавање на правото на приговорот на совеста, потоа на неговата имплементација и, последователно, укинувањето на обврзното служење на воен рок.
Во 2006 година започнавме со работа на „Регионалната програма за антимилитаризам и антидискриминација“, која се фокусираше на оснажување на младите за препознавање и реагирање на разни појави на милитаризам и дискриминација. Во оваа програма, заедно со активистите и активистките на Мировна акција, беа вклучени млади од граѓански организации од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска и Македонија.
Програмата за Соочување со минатото започна во 2008 година и опфаќа собирање на животни приказни за војната во Македонија во 2001 година и воспоставување на Документационен центар за војната во 2001 година. Програмата опфаќа и издавање на книги со животни приказни, списанија поврзани со темата, собирање на книги, списанија и друг материјал за војната во 2001 година во Македонија, како и одржување на тренинзи за изградба на мир со учесници/чки од кризните региони во 2001 година. Во оваа програма спаѓа и нашата работа со воени ветерани од двете страни, која има специфична тежина и може да има многу конструктивна улога во изградба на мирот во Македонија.
Веб-странава е дел од програмата „Соочување со минатото“ на Мировна акција, во соработка со и поддршка од организацијата „КУРВЕ Вустроу“ од Германија, а финансирана од страна на Министерството за економска соработка и развој на СР Германија.