Бранејќи си ги интересите и едните и другите, во средина беа припадниците на Ромите.
АКИФ КАРИМАН: Здраво, јас сум Акиф и знаете денес се сретнавме затоа што треба да го снимиме интервјуто за Вашето искуство пред случувањата во 2001, за време на истата и после 2001, односно како Вие гледате што се промени по 2001 и како гледате на иднината. Најпрво да Ве прашам каде живеевте пред 2001?
НН: Здраво. На Вашето прво прашање ќе одговорам со тоа дека пред 2001 живеев во центарот на град Гостивар.
АК: Така. Може ли да ни се претставите?
НН: Јас сум НН од Гостивар.
АК: Дали работите?
НН: Невработен сум.
АК: Добро. Како сте задоволни од Вашиот живот и соживотот со останатите заедници пред 2001?
НН: Од мојот живот, односно соживот со своите сонародници и со моите сограѓани од македонска, албанска, турска националност во градот Гостивар до 2001 година можам да се пофалам и слободно, искрено да кажам дека сум бил многу богат. Не со пари, не со финансии, не во материјална смисла туку сум бил богат со пријатели, другари и познаници од сите овие национални групи што ги спомнав од градот Гостивар.
АК: Дали тогаш имало некоја дискриминација од страна на останатите заедници?
НН: До таа 2001 година, можам слободно да кажам, било каде да одат овие мои информации што ги давам, изјавувам дека до 2001 година градот Гостивар лично го сметав за најбезбедниот град во Балканот, за живот и за соживот.
АК: Кој е вашиот мајчин јазик?
НН: Мојот мајчин јазик е македонски.
АК: Дали се образувавте на Вашиот мајчин јазик?
НН: Се образував на македонски јазик.
АК: Дали додека учевте сте се соочиле со некои проблеми?
НН: Во текот на моето школување, и во основно, а потоа и во средно, сум немал никакви посериозни проблеми во склоп на меѓуетничките релации.
АК: Така. А дали Вие очекувавте, односно дали мислевте дека може да се случи такво нешто како што се случи во 2001?
НН: За жал тоа што се случи, тоа што ни дојде и што сега е во далечна прошлост, не многу, ама сепак 11 години поминаа оттогаш, не верувам дека ниту јас ниту пак некој друг ја очекуваше таа 2001 година. Но сепак се случи.
АК: Кога ти сфати дека започнува војна?
НН: Војна?
АК: Или да го наречеме конфликт, затоа што постои поделено мислење за тоа дали случувањата во 2001 беа војна или конфликт.
НН: Ќе го наречам по мое видување воен… воен конфликт или таканаречен конфликт на остварување на лични интереси. Зошто се осмелувам да го потенцирам како ваков? Затоа што јас лично во таа 2001 година во моето семејство на врата поштарот ни донесе покана за воена вежба која се однесуваше на мојот помлад брат, на име на мојот помлад брат.
АК: И?
НН: Тогаш мојата сега покојна мајка, само што ја прочитавме поканата, ми покажа едно големо разочарување затоа што во тоа време не бевме вработени ниту јас, ниту брат ми помалиот, ниту средниот брат, ниту снаа ми, ниту жена ми. Сите безработ… безработ… ботници, а покани за вежби неминовно сме добивале. Ја зедов поканата во џеб за да ја смирам мајка ми и со таа покана отидов, веднаш заминав во во… воениот отсек во Гостивар кој се наоѓа во општинските простории во ис… истиот град.
АК: И што се случи?
НН: Таму ја зедов поканата пред сите присутни во таа канцеларија ја скинав и им реков: „Името од мојот помлад брат да се избриши, на местото негово на таа… на оваа вежба кај што нѐ викате ќе прифатам да одам јас.“ Без знаење дека одам да бидам учесник – бранител на суверенитетот и интегритетот на Република Македонија. Без знаење против кого одам да се борам ниту пак со крајна помисла дека во Македонија се спремал воен конфликт.
АК: Така. Значи вие бевте активен учесник на некој начин во конфликтот?
НН: Точно така. Тоа го кажувам без присила, го изјавувам свесно. Бев учесник за жал во првата група тогашни бранители. Бевме повикани за воена вежба во Еребино, …
АК: И?
НН: …тетовско. Оттука заминавме на… на борбена линија во селото Лавце, тетовско.
АК: Така. Дали може да ни кажете што се случуваше на тие места? Да споделите некои импресии, некои моменти?
НН: За жал секоја моја реченица ја почнувам со овој израз. На тие 36 дена, деноноќија, 30 дена ги поминавме вкопани во ровови. Не би можел да издвојам некое посебно доживување освен да кажам дека владееше некое другарство меѓу… меѓу присутните бранители што бевме во… во тој вод. Би го издвоил како мое сеќавање само едно мое запознавање што верувам дека ќе ми остане до… до крај на мојот живот во позитивна смисла.
АК: Другарувањето. Дали меѓу бранителите имаше припадници од сите заедници или?
НН: Меѓу бранителите постоеја… во бројки би… би ги кажал, ќе с… Две… од 215 членови од нашата тогашна група 53 беа Роми, останатите беа Македонци, меѓу кои имаше и двајца… еден Турчин, еден… еден Албанец, ако добро се сеќавам.
АК: Така. Дали мислите дека на другата страна, односно на страната на ОНА имаше припадници и од другите заедници освен од Албанците?
НН: Да. Со сигурност знам дека и од другата страна исто така беа во голем број присутни припадници од… од ромската популација.
АК: И како вие се чувствувавте поради тоа? Од една иста заедница на две спротивни страни?
НН: Во врска со ова прашање би се изразил на следниот начин. Бранејќи си ги интересите и едните и другите, во средина беа припадниците на Ромите.
АК: Така. Дали некому замеруваш дали некого обвинуваш поради тоа?
НН: Немам, и не… не осеќам никакво право да… да некого осудам во врска со тоа. Пред сѐ се осудувам самиот себе затоа што бев учесник во… во овие игри на… на нечии интереси.
АК: Така. Дали сметаш дека беше потребно да се случи тоа што се случи?
НН: Не се осеќам за меродавен да… да одговорам на… на ова прашање затоа што се случи и никој… никој не можи тоа ниту да го врати ниту да го избраша… да го избриши. Се случи тоа што се случи, и едните си добија тоа што си бараа и другите си… си ги остварија своите барања.
АК: Така. Дали се плашеше во тие периоди?
НН: По природа не сум плашлив и не би рекол дека се… се плашев.
АК: Дали комунициравт…
НН: Се плашев за… за своето семејство, за во… и за моите искрени пријатели и роднини.
АК: Дали комунициравте со нив?
НН: Не. Во тој период додека бев таму кај што бев не, не бев во контакт.
АК: Дали тие можеби беа преплашени за вас?
НН: Ниту сум ги прашувал, ниту пак сум сакал да знам. А се поради една причина да не им враќам лоши спомени.
АК: Така. Дали тие знаеја воопшто каде се наоѓате вие?
НН: Мислам дека никој од дома не знаеше каде сум. Во почетокот на… во првите 10, можеби и 20 дена. Откако тие 10 дена се здолжија, можеби насетија што е и како е, од… затоа што во тек на… на тие 10-15 почетни денови од моето повикување на таа, на тој положај, борбен положај… почна, се разгори борбата и во Тетово и во останатите краишта на Македонија.
АК: Дали имаш последици од конфликтот?
НН: Се надевам дека ми се избришани тие последици, пред сѐ од психата мислам, а во физичка смисла ќе кажам дека последиците и да сакаш и да не сакаш тука се. Затоа што ништо не е така како што беше дотогаш. Ништо не е исто од тоа како што беше до 2001 година.
АК: Така. Дали мислиш дека сето тоа можеше да биде поинаку? Тоа барање на права?
НН: Можеби и можеше, можеби и требаше, меѓутоа тоа е. Мислам дека за да се сменеше тогашната ситуација не верувам ниту Европа, ниту НАТО дека можеше да… да делува поинаку. А за нас Ромите ќе си земам овде за право да… да кажам дека ние сме никој и ништо. Ние постоиме ради остварување на нечии права. Било која страна да ја одберевме, секогаш сме осудени и од едните и од другите. Тоа е моето мислење.
АК: Добро, тогаш да преминеме на последниот дел, односно за животот после 2001. Дали нешто доби или изгуби со конфликтот?
НН: Што се однесува до овој трет дел на вашата анкета, на вашето прашање, би можел и самиот да… да напишам една книга и се двоумам дали да почнам или не. Дека некој нешто добил, многу се лаже ако мисли дека добил парични средства, парични надоместоци или нешто. Јас лично за себе ќе зборувам, изгубив многу. Што изгубив? Ги изгубив сите пријатели Албанци што ги имав до 2001 година.
АК: Како…
НН: Изгубив многу во тој поглед и мислам дека многу е тешко да се вратиме на старите поверења што ги имавме еден со друг.
АК: Дали твоите пријатели Албанци знаеја дека беше на страната на бранителите?
НН: И ден денешен постојат луѓе пријатели Албанци што сум ги имал што некогаш се наоѓаат во таква ситуација да ми дофрлат за тоа дека сум бил бранител на Република Македонија.
АК: И како се чувствувате поради тоа?
НН: Без коментар овде би бил.
АК: Добро.
НН: Ќе се надоврзам на ова подоцна со свое видување.
АК: Кажи ми како го гледаш соживотот сега?
НН: Соживотот сега за среќа се подобрува. Време… времето го прави своето и полека, полека ги залечува раните кај тие што биле искрени и поштени. Времето полека нѐ враќа во нормала.
АК: Така. Што мислиш за Охридскиот рамковен договор?
НН: Со одговарање на ова прашање би кажал многу вистински работи за сето тоа што се случува после таа 2001 година. Охридскиот рамковен договор е еден убав договор по мое мислење за остварување на правата на Албанците од Република Македонија. Меѓутоа во склоп на Ромите можам да кажам само еден единствен пример. Со една група мои сограѓани Роми отидовме кај градоначалникот на општина Гостивар за да побараме во име на… на ромската заедница, односно популација во Гостивар, да побараме неколку вработувања. Само што нѐ прими градоначалникот „Ај добар ден.“ –„Добар ден.“ – „Што е работата?“ – „Абе господине градоначалниче, со Рамковниот договор, ако може некое вработување?“ Знаете што ни одговори?
АК: Што?
НН: „Рамковниот договор е за нас, за Албанците. А ако сакате друг рамковен договор, земите пушка и ќе си се изборите за [тоа].“
АК: Ова звучи интересно. И како вие постапивте?
НН: А како може? Се свртивме како… не би нашол соодветен израз. Ја напуштивме канцеларијата и оттогаш можеби со овој одговор, со овој гест на градоначалникот, Ромите од Гостивар си се вратија во реалноста, во стварната слика на денешниот живот…
АК: …живот. А како претхо…
НН: …во Република Македонија.
АК: Како претходно го замислуваа тие животот? Дали биле во некоја илузија?
НН: Па, претходно… претходно и ние бевме можеби запоставени, не толку и не толку во толку во голема доза како што сме запоставени сега, за жал. До 2001 година, а малку и поназад ако се вратиме, во Гостивар имаше реално кажано доста Роми вработени почнувајќи од чистачки, работници, метални работници, во… во сите фабрики што работеа во Гостивар со успех. За жал после рамковниот договор таа бројка се смали и денешната вистинска слика што се случува со десетина можда… можеби вработени – партиски – не ја кажува правата слика на ромската популација во меѓуетничкиот соживот во… ниту во Гостивар ниту во Македонија.
АК: Значи ако добро те разбрав, сакаш да кажеш дека животот на Ромите е влошен после 2001?
НН: Кој како сака нека ме разбери, за мене тоа што беше пред 2001 година беше многу подобро отколку што е сега.
АК: Така. Дали има нешто што те плаши за понатаму? Или некое позитивно очекување во иднина?
НН: Во врска со ова прашање, со ова ваше прашање би сакал да кажам нешто за на крај. Ќе наведам еден пример, трагикомичен пример, со еден мој сограѓанин од ромска популација, што му се случи после таа 2001 година. Заминува мојот сограѓанин на гости во Кичево. Во тоа време на пазар во Кичево некој од некого нешто украл. Полицијата излег… изле… излегла на терен, го наоѓа Гостива… Гостиварецот… Гостиварчанецот. Го земаат во станица, во полициска станица. Го затвора дежурниот во канцеларија на ис… испрашување.
АК: И?
НН: Му поставува прашање: „Зошто си дошол од Гостивар да крадиш во Кичево?“ Гостиварчанецот му вика на дежурниот полицаец, прибидејќи му… му пишувало името на дежурниот му вика „А бе Драган, немој!“вика „Ја не сум ни… ниту лопов, ниту крадеч, јас сум бил две години бранител во Гостивар, во резервистите полицајци.“
АК: И?
НН: Знаете што сторил дежурниот полицаец откако го слушнал ова? Ја отворил вратата и му довикува на колегата Албанец на име, како се викал не е ни битно денес, „Дојди ваму, имаш еден бранител Ром.“
АК: Аман, бре…
НН: За да го земи во свои раце. Толку го… го имаат претепано да со месеци не можеше Гостиварчанецот да се опорави, мојот сограѓанин од таа случка.
АК: Така, а…
НН: Мислам дека со… со ова, со овој пример што го кажав, доволно зборува зошто сум разочаран од сите овие случувања што ни е се случија од… од 2001 до ден денешен. Единственото позитивно што го гледам, што малку се смирија тие страсти и се надевам дека соживотот во Гостивар ќе продолжи по нагорна подобра линија.
АК: Така. Дали има уште нешто што би сакал да кажеш, а јас не те прашав?
НН: Па, би сакал да кажам уште нешто. Би сакал да го кажам следново: Не дај Боже да се повтори 2001 година.
АК: Зошто?
НН: Затоа што не би сакал никој мој сограѓанин да учествува, односно биде учесник на нечии прљави игри за остварување на свои лични интереси, затоа што не сакам Ромите да се користат како заморчиња. И од едната и од другата страна. Затоа што сакам да живееме заедно со Албанците, Турците, Торбешите и посебно да живееме заедно со граѓаните Македонци.
АК: Така. Во ред, јас ви благодарам за одвоеното време и за искрените одговори и ви посакувам се најдобро во иднина.
НН: Ви благодарам и Вам. […] ќе придонесе за натамошен подобар соживот на Ромите било каде во Република Македонија.
АК: Благодарам.