
Серија „Млади“ – Опис
Серијата „Млади“ беше првата серија на животни приказни, кои ги собравме. Работата на оваа серија започна во 2008 г. со создавањето на првата група на интервјуери/ки, кои потоа ги спроведоа интервјуата од оваа серија. Може да се каже дека ова претставуваше пионерски обид од наша страна за започнување со работа на полето на соочување со минатото.
Зошто „Млади“? Сакавме да истражиме кои тоа наративи преовладуваат кај младите во Македонија во однос на етничкиот конфликт и војната од 2001 г. Интервјуиравме млади луѓе, кои биле тинејџери/ки или адолесценти/ки во 2001 г. Ни се виде битно да ги чуеме и претставиме нивните приказни и погледи на тоа време, како тоа влијаело врз нивната/нашата сегашност и како тоа минато на војната влијаело врз нивното формирање како личности. Какви наративи создала војната и како тие ги прифатиле.
Во Македонија, во која сѐ уште тече процес на етничка сегрегација по училиштата, а со тоа се намалуваат и местата за размена меѓу младите од различно етничко и верско потекло, сѐ повреден ни се чини напорот да отвораме безбедни места за размена и во однос на тешките теми. Во таа смисла ја гледаме оваа серија, како и другите активности што ги спроведува Мировна акција.
Во овој период, од голема помош ни беше учеството на Лаура Лауберга-Николова, историчарка од Летонија, а тогаш волонтерка во Мировна акција. Со своето знаење на ова поле и искуство во областа на усмената историја, стекнато од работата во својата земја, таа даде голем придонес, особено кон техниките на изработка и документирање на животните приказни.
Серијата „Млади“ беше реализирана во партнерство со Норвешката народна помош (Norwegian People’s Aid).