
Серија „Жени“ – Опис
„Лидија, ако нападнат твоите, јас ќе се кријам кај тебе, ако нападнат моите ти ќе се криеш кај мене“ – изјава на раскажувачка.
Со серијата „женски“ приказни се обидовме, освен најчестата тема за преживувањето на 2001-та, низ раскажувањето да се појават и некои нови категории како, на пример, сексуалноста, бременоста и раѓањето, вредностите и митовите за родовите, нивните улоги, женската свест и слично. Очекувавме дека оваа позиција на дистанца од „големите теми“ или „големите раскажувања“ ќе ни отвори простор на интимни приказни и теми, кои се ткаат околу семејството, мајчинството, но и традиционалните карактеристики на женскоста како пацифизмот, негата, топлината, грижата и прехранувањето, кои беа фрлени во предизвикот на конфликтот во 2001 година.
Нашите очекувања се остварија во значителна мера. Приказните од жените сведоци на воениот конфликт се многу често силно фиксирани на специфичните предизвици во кои се фрлени жените, играјќи ја традиционалната улога во рамките на приватната сфера на домот и семејството. Тие изобилуваат со искрени и емотивни исповеди за стравувањето за безбедноста на членовите/ките на семејството, но и со траумите од загубата на домот (раселување, уништување, палење…), кој традиционално ја претставува женската сфера. Сепак, дел од приказните изненадуваат со еден специфичен херојски тон, збогатен со решителност, храброст и подготвеност да се напушти традиционалната женска улога и да се преземе ризикот на војувањето во името на повисоки идеали и цели. Сметавме дека е важно да се слушнат и овие лични исповеди и ставови затоа што нивното игнорирање би претставувало сериозно осиромашување на разнородните доживувања на себеси, но и на другите во нашево општество. Приказните на жените сведоци на воениот конфликт ја поддржуваат насоката на историските истражувања, која се фокусира на секојдневието, животот и работите на обичните луѓе, наместо на работите на државата и се сосредоточува многу повеќе на процесите на општественото искуство отколку на одделните политички настани.
Во оваа серија собравме 32 животни приказни. Интервјуата беа спроведени при крајот на 2010 година од тим на интервјуери/ки од различни региони во Македонија. 13 животни приказни од оваа серија беа објавени во книгата „13 женски приказни за една војна“, која излезе од печат есента 2011 година во издание на Мировна акција. Јавни промоции беа направени во Кичево и Тетово. Промоциите во Скопје и Куманово беа откажани заради растечкиот виор на улично насилство во Западна Македонија во тој период. Книгата беше повеќепати промовирана на помали настани и тој процес сѐ уште трае.