Home За порталот

За порталот

Со веб-страната „2001.mk“ сакаме на едно место да претставиме што е можно повеќе информации за војната во Република Македонија во 2001 година. Нашата цел е да дадеме суштествен придонес кон процесот на Соочување со минатото од војната во 2001 година, да овозможиме простор за различни наративи, да охрабриме меѓуетничка размена, да поттикнеме емпатија и кон „другиот/другата“, да оневозможиме ставање „под тепих“ на болното минато што потоа периодично ни се враќа…

Централно место на веб-страната ќе имаат животните приказни поврзани со воените искуства на различни категории  граѓани/ки во 2001 година, собирани во најголем дел во кризните региони за време на војната, но и од луѓе, кои на разни начини биле активно вклучени во неа. На веб-страната можат да се најдат и релевантни документи од 2001 година, како што е Охридскиот рамковен договор, како и информации за значајни настани од 2001 година. Во иднина, тука ќе бидат објавени и новинарски написи од печатените медиуми во 2001, а свое место ќе најдат и научни трудови за војната.

Зошто соочување со минатото?

Војната во 2001 година остави длабоки траги во македонското општество. И по 24 години, интересот за војната е голем. Бројот на споменици за војната во 2001 секоја година се зголемува. И тоа не е ништо чудно. Траумата од војната во 2001 година, како прв воен судир на територијата на Република Македонија по 1944 година, е силна и раните сè уште не се залечени. Покрај присуството на војната во сеќавањата, во 2001 година беа донесени измени во Уставот на Република Македонија, кои суштински го преиначија поимањето на носителите на државноста, правата и слободите во Република Македонија. Освен тоа, конфликтот со кој ние се обидуваме да се соочиме е сè уште активен. Сè уште е присутна реториката, која ги навраќа сеќавањата, настаните и толкувањата од времето на тој вооружен судир.

Како што беше погоре спомнато, централен дел на веб-страната ќе заземаат животните приказни за 2001 година. Мировна акција активно работи на собирањето на животни приказни почнувајќи од 2008 година и нашата база веќе брои околу 250 животни приказни, број што континуирано расте. На оваа веб-страна, постепено ќе ги објавиме сите досега собрани приказни, како и оние кои што ќе ги собереме во иднина.

Во 2017 година, Мировна акција започна со дигитализација на новинарските написи во изданијата на печатените медиуми во Република Македонија од 2001 година, како и од периодот по 2001 година, а коишто се однесуваат на војната во 2001. Ова претставува долготраен процес, а наша намера е овие написи да ги објавиме на оваа веб-страна и со тоа ѝ ги направиме достапни на јавноста.

Порталот не би можеле да го подигнеме без поддршка од нашите партнери од Центарот за тренинзи и вмрежување за ненасилна акција – КУРВЕ Вустров од Германија.

За потребите на овој портал користена е и финансиска поддршка од програмата Цивика Мобилитас.