Home За животните приказни

За животните приказни

За животните приказни

„Би било убаво тие приказни да ги знае секој. Без разлика дали Македонци дали Албанци, и би било убаво да бидат презентирани реално, без додавање и без одземање. Пошто кај нас и седум години после ова се е завиткано во тајност, мислам, во магла.“ – изјава на раскажувач.

Во секој човек лежи некоја приказна. Ничија приказна не е неважна и секоја приказна заслужува внимание. Приказните се дел од нашето минато, сегашност и иднина и се начин на кој од секогаш се пренесувале случките од генерации на генерации. Историската наука e важна во процесот на доаѓањето до фактите за некој настан. Сепак, приказните на луѓето се оние кои ја прават потполна сликата за што тоа се случило. Во работата на собирањето на животни приказни, се обидувавме да не ловиме „сензационалистички“ случувања. Напротив, многу повеќе сме заинтересирани за приказните на луѓето од најразлични профили кои ја имаа несреќата да пројдат низ серија непријатни искуства. Постоењето на „нашите“ и „нивните“ во овој контекст е непроменлива константа од војната наваму.

Оттука, реална е потребата да се соочиме со фактот дека постојат различни аспекти на вистината, па и различни вистини, на различни нивоа. Клучната разлика што овде можеме да ја направиме е да ја признаеме релевантноста на „туѓата“ вистина и „туѓата“ болка и да бидеме во состојба да сочувствуваме со неа, без притоа да ги занемариме сопствената вистина и сопствената болка. Ни беше важно да ја чуеме сликата не само за себеси, туку и за другиот/другата. Бевме свесни дека сликата за другиот/другата многу често вклучува една непријатност претставена преку стереотипи, предрасуди и нетрпеливост. Не се откажавме од слушањето на таа позиција затоа што единствен начин да се промени меѓусебната перцепција на двете или на повеќе различни страни е таа најпрво да се чуе и суштински да се разбере.

Некои раскажувачи/ки отворено го изразуваат своето непријателство, други се позатворени. Трети владеат со говорот, па се изразуваат „политички коректно“. Нам ни беше битно да стигнеме до личниот момент во нарацијата. Затоа и бевме потолерантни спрема непријателските изјави насочени кон „другите“, кои понекогаш се покажуваат во интервјуата. Често песимизмот и огорченоста од „другата страна“ доминира кај наратор(к)ите. Но ти тоа ни е значајно, ако сакаме да ја утврдиме вистинската ситуација во Македонија. Не сакаме да бегаме од нив, зашто тие се реалноста.

Со собирањето и презентирањето на животните приказни сакаме да дадеме придонес кон процесот на соочување со минатото.