
Методологија
Животните приказни се биографска метода за документирање на минатото на одредена личност. Како такви, тие имаат свое значење не само за увид во историјата на одредена личност, туку и на историскиот контекст, вредности, традиции, јазик и другите карактеристики на времето во кое таа личност живеела. Животните приказни помагаат во реконструкцијата на минатото и помагаат да се разбере како луѓето го интерпретираат и разбираат минатото.
Целта на овој метод не е да се дојде до една апсолутна вистина, туку да се признае фактот дека се можни и повеќе вистини, дека секој човек има своја вистина и дека сите тие се важни. Тоа зборува за нашата потреба во третирањето на трауматското минато да се свртиме кон личните приказни како извор. Тие овозможуваат „да се чуеме како луѓе“, а не само како Македонци/ки, Албанци/ки, Роми/ки… Уште позначајно, осознавањето на сродноста на сопствената преживеана драма и трагедија со онаа преживеана од „другиот“/„другата“, ја има моќта да ги разградува сопствените непријателски слики кон „другите“, токму преку сродноста на автентичната човекова траума.
Со користењето на животните приказни се надеваме дека ќе придонесеме за зголемување на нивото на доверба помеѓу луѓето од различно етничко или религиско потекло. Најпрвин како поединци/ки, а со надеж дека тоа може да премине на ниво на заедници.
Методологијата што Мировна акција ја користи при собирањето на животни приказни е тесно поврзана со оралната историја како модерна техника во собирање на историски релевантни сведоштва преку индивидуалните сеќавања на луѓето за одредени настани, теми и искуства за минатото.
Фокус-групи
Во досегашната работа на собирање на животни приказни, почнувајќи од 2008 година, работевме со четири различни групи. Во периодот 2008-2009 година работевме со групата „Млади“, при што се фокусиравме на животни приказни од луѓе, кои биле на возраст до 26 години во 2001 година. Во 2010 собиравме животни приказни од жени, во 2011 од раселени лица и во 2012 година приказни од припадници на немнозинските заедници во Македонија.
Географски, првенствено се фокусиравме на лица од регионите каде што војната беше со најсилен интензитет. Па, така, убедливо најголем број на наратори/ки се од тетовскиот крај, кумановско и липковско, како и градот Скопје и неговата околина. Помал број на интервјуа има и од други делови на Македонија, пред сѐ со личности, кои на директен начин биле поврзани со воените дејства во горенаведените региони или, пак, личности кај кои војната оставила силна семејна трага.
Интервјуери/ки
Група од вкупно 20 интервјуери/ки работеше во минатите години на собирање на животните приказни. Дел од интервјуерите/ките се во овој процес од самиот почеток и тука се до денес, а дел беа вклучени само во одредена серија, т.е. при работа само со одредена група на наратори/ки. Пред сѐ, тоа се луѓе коишто доаѓаат од гореспоменатите региони, но истовремено и луѓе со кои сме соработувале во минатото, биле на некој од тренинзите за изградба на мир во организација на Мировна акција или сме ги запознале во друга пригода.
Секоја нова серија на собирање на животни приказни започнува со Oбука за интервјуер(к)и за собирање на животни приказни каде интервјуерите/ките стекнуваат практични знаења за правење на интервјуа, со методот на орална историја и подлабока контекстуална разработка специфична за секоја група.
Интервјуа
При правењето на интервјуата се користи полуструктурирано интервју. Генерално сме заинтересирани за периодите пред и за време на 2001. Третиот дел на интервјуто се однесува на нашиот интерес за иднината. Што понатаму? Можеме ли заедно? Како?
Процес на собирање и обработка на животните приказни
- Интервјуата се снимаат со дигитална аудиотехника. За секое интервју постои аудио запис и пропратни документи кои ги пополнува интервјуерот/ката во соработка со раскажувачот/ката. Во нив се наоѓаат голем број на дополнителни информации за нараторот/ката, технички информации за направеното интервју, како и документ за нивото на јавна достапност на интервјуто. Раскажувачите/ките на животните приказни имаат полна слобода да го одберат нивото на јавна достапност на нивната приказна. Можат да одберат само да ја донираат својата приказна во Архивата на Мировна акција и да не дозволат објавување на приказната во било каква форма или да одобрат објавување, но да бараат анонимност. Минимумот без кој не собравме ниту една приказна беше: секоја приказна мора да располага со информации за раскажувачот/ката на приказната и со аудиозапис. Мировна акција гарантира дека степенот на јавна достапност пропишан од раскажувачот/ката на приказната ќе биде испочитуван до крај. Приказните кои се наоѓаат на оваа веб-страна се објавени следејќи ги дозволите добиени од раскажувачите/ките. Оние, кои дозволија целосна јавност ги објавуваме со полно име и презиме. Другите ги објавуваме со нивните иницијали, додека оние, кои бараа анонимност ги објавуваме под ознаката „НН“.
- Трaнскрипт на интервјуата. При транскрипцијата на интервјуата инсистиравме на максимално почитување на исказот: транскрипцијата е работена да биде идентична на оригиналниот говор, не дозволивме интервенции дури и кога нараторот/ката не ја следи логиката во говорот. Нејасните делови од аудиозаписот се означени со „(нејасно)“ или „[…]“. Доколку интервјуерот/ката е сигурен/а на што точно мислел/а нараторот/ката, а тоа е изоставено во говорот, заради подобра разбирливост на текстот, тие зборови се додадени како „[абвгдѓ]“. Доколку, пак, се направи позначајна пауза, или пак нараторот/ката плаче или се смее, за подобро разбирање на емоционалната состојба при раскажувањето на одреден дел од интервјуто, тоа се означува со „(се смее)“.
- Превод на интервјуата. По целосната обработка, сите интервјуа се достапни на македонски и албански јазик. Тоа значи дека интервјуата направени на македонски јазик се преведуваат на албански јазик и обратно, интервјуата направени на албански јазик се преведуваат на македонски јазик. Сите интервјуа објавени на оваа веб-страна или во некое од нашите хартиени изданија се на двата јазика.
- Подготовка на интервјуто за објавување. Се прави листа на клучни зборови (ознаки), кои најчесто се поврзани со споменатите населени места или други локации во интервјуто.