Home Серија „Немнозински заедници“ – Опис

Серија „Немнозински заедници“ – Опис

Серија „Немнозински заедници“ – Опис

„Бранејќи си ги интересите и едните и другите, во средина беа припадниците на Ромите.“ – изјава на раскажувач.

Кога го прашав: „Зошто ова, што бидна со тоа што ми рековте – решение?“, со едни зборови, со едни зборови ми ги… со прости зборови: „Извини, ама ти си, за жал, од погрешна националност.“ – изјава на раскажувач.

 

Оваа серија претставуваше голем предизвик за Мировна акција во текот на целиот процес на реализација. Дилемите доаѓаа при самото дефинирање на луѓето, кои ги интервјуираме. Дали кога инсистираме на идентификување на етничките и/или верските идентитети, работиме на нивно зацврстување или разградба? Дали го продлабочуваме вообичаениот начин на кој етничките квоти се сфаќаат по 2001 година или, изложувајќи ги неговите нелогичности, придонесуваме кон неговата деконструкција? Дали нашата улога во овој процес е само да собираме и архивираме животни приказни или имаме улога и во нивната понатамошна обработка? Со сите овие прашања се соочувавме речиси на дневна основа. Кога велиме „Ние“, покрај проектниот тим на Мировна акција, тука спаѓаат и интервјуерите/ките, кои теренски го спроведоа собирањето на животните приказни и ги понесоа најголемата тежина и одговорност во целиот процес.

Често во јавноста слушаме дека по 2001 г. Македонија стана бинационална држава. Во многу сегменти, Македонија и навистина така делува. Процесите на етничката хомогенизација, засилени во 2001 г., продолжуваат и денес, имајќи ги законски регулираните етнички квоти како едно од горивата на таквото движење. Исто така, постои и општа нетрпеливост и во рамките на една етничка заедница кон малцинските идентитетски аспекти на поединци/ки од самата заедница. Конфликтот беше во голема мера етнички, но имаше и свои религиски, па и други аспекти. Често пати, тие линии на раздвојување не се поклопуваа, туку се пресекуваа. Со оваа серија првенствено се обидовме да ги истражиме наративите во просторот помеѓу.

Беа направени интервјуа со луѓе, кои не се чувствуваат првенствено како дел од двете најголеми етнички групи: Македонци/ки и Албанци/ки. Освен тоа, од интерес ни беа и луѓе од овие заедници што имаат различна вероисповед од мнозинската. Главниот фокус беше на помалите етнички заедници во Македонија: Ром(к)ите, Турците/Турчинките, Власите/Влаинките, Бошњаците/Бошњакињите… често маргинализирани или, пак, притиснати и натерани да одберат страна. Тоа се случувало во војната, а се случува и денес. Имало и ситуации каде припадниците/чките на една заедница меѓусебно се делат во зависност од тоа на чија страна се, дали се со Македонците/ките или со Албанците/ките.

Нивните приказни за 2001 година, како и односот на повоеното македонско општество кон нив, беа предмет на интерес на оваа серија. Кои биле нивните страдања, нивните проблеми и со кои предизвици се соочиле во војната, се прашања на кои обичниот човек од овие заедници е најмалку прашан.

Во оваа серија собравме 30 животни приказни. Интервјуата беа направени на крајот од 2012 г. Во 2014 г. излезе книга со дел од овие приказни.