
Серија „Раселени“ – Опис
„…сè повеќе се зголемуваше темпото на испукани истрели, на гранати, коишто паѓаа во игралиштето каде што игравмо (…) паднаа и гранати каде што игравмо и кошарка во нашето маало. Значи, осетивме дека не сме сигурни во тоа место повеќе…“ – изјава на раскажувач.
„Раселените“ се една од најмногу повредените групи учесници/чки во војната во 2001 година, кои под директно влијание на насилство или под закана со насилство морале да ги напуштаат своите домови, не знаејќи кога и дали воопшто ќе се вратат. Некои отишле со автомобил, некои со трактор или дури пешки. Но, сите во несигурност и неизвесност во однос на тоа што ќе биде потоа. Ние сите нив ги сметаме како „бегалци/ки“ или „раселени“, без оглед на тоа дали некогаш побарале или добиле некој официјален статус како внатрешно раселени лица.
Приказните од раселените лица не се само регистар на настаните, кои овие лица ги доживеале, туку тие претставуваат пред сè досие на една поинаква, искрена и достапна реалност, која сè уште постои во нејзината автентична форма и опстојува наспроти сите преовладувачки извртени раскажувања од тоа време. Нивната искреност често остава чувство на огорченост, тага, сочувство и сожалување, но на крајот, читањето на сите приказни ја буди во нас волјата за разоткривање на сета реалност, која цела деценија се рециклира за најразлични цели, а сега, конечно, се отвора во процес на соочување со минатото. Домот, претставувајќи пред сè простор во кој се остваруваат физичката безбедност, секојдневната удобност и семејната блискост и кој, како таков, се воспоставува и како еден од најважните психолошки елементи за чувството на лична сигурност, за многу луѓе во Македонија во 2001 г. беше предмет на трауматско искуство. Токму поради оневозможувањето и загрозувањето на сите тие чувства што се поврзани со домот, приказните на раселените лица претставуваат извонреден извор на поинакви лични толкувања на настаните од воениот конфликт, кои поради потресувачкиот ефект на напуштањето, загубата или забраната на пристап до домот, ги задржале автентичноста и оддалеченоста од пораките со политички цели, кои го структурираа искуството на реалноста на мнозинството граѓани/ки на Македонија во тоа време.
Една огромна разлика помеѓу раселените е дали по конфликтот се вратиле во старите домови или не. Во Македонија има доволно примери и за едното и за другото. Но, сите пропатиле за време за конфликтот, секако, а и во годините потоа. Многу често се појавиле трауми, скоро секое раселено семејство претрпело огромна материјална штета, а некои дури изгубиле членови/ки од семејството. Некои домови, кои не биле уништени во самата војна, биле оштетени, ограбени или запалени отпосле. Оттаму, во многу од приказните на моменти се забележува вкоренетост во минатото, во околностите и перцепциите од тоа време, што предизвикува продолжено присуство на стравови и фрустрации во нивните лични и семејни животи. Дел од раселените лица сè уште не се вратени во своите домови, а во приказните тоа се одразува како болен копнеж за враќање, кој сите овие години по 2001 г. придонесол за наталожување на тешка тага и разочарување.
Во оваа серија беа собрани 28 приказни, во период од неколку месеци помеѓу крајот на 2011 и почетокот на 2012 година. 12 од тие интервјуа се објавени во книгата „Огништа/Vatra“, која излезе од печат есента 2013 г. во издание на Мировна акција.
Текст објавен во книгата „Огништа/Vatra“ за раселувањата во 2001:
Раселувањата започнаа на крајот на февруари 2001 во селата на северот на Македонија, во појасот вдолж границата со Косово и се интензивираа кон средината на март 2001 со ширењето на насилствата кон Тетово и подоцна кон Куманово.
До средината на јули веќе беа воспоставени колективни центри на 8 локации (6 во Скопје и 2 во Куманово). Мнозинството, сепак, најде засолниште кај свои роднини и пријатели. Од август 2001 година, Црвениот крст на РМ регистрирал 70.728 внатрешно раселени лица, од кои 66.871 сместени во семејства и 3.857 во колективни центри. Според извештај на IDMC од 2008, вооружениот судир во 2001 г. резултирал со повеќе од 171.000 раселени лица, од кои 74.000 внатре во земјата. Според друг извештај на USCRI од 2001 година, околу 76.000 лица се раселиле кон Косово. Оттогаш, над 95% од раселените се вратиле и околу 700 лица останале раселени (Бројот варира. Според Министерството за труд и социјална политика, на крајот на 2009 г. биле регистрирани уште 644 внатрешно раселени лица). Она што беше забележливо е дека албанското население се врати во поголем процент во своите домови, додека македонското и српското население се враќаше во помал број. Постоеја чинови на напади врз повратниците/чките (некои и со смртни последици), и повратниците/ките се соочуваа со постојан притисок да ги напуштат местата каде не се во мнозинство. Бројни други чинови на меѓуетнички вандализам, малтретирање и насилство се забележани во извештаите на разни организации, почнувајќи од 2003, па во наредните неколку години. На пример, во Опае, кумановско, 46 реконструирани куќи беа ограбени и демолирани во 2003. Според ICRC, 66% од раселените лица во 2004 изразиле неможност или неподготвеност да се вратат во родните места заради претпоставен или реален страв за нивната физичка безбедност.
Според податоците на Мировна акција, денес и последните семејства на раселените од липковско и Арачиново остануваат трајно раселени со тоа што преку судските процеси, кои ги водеа против РМ уште од 2004 година, за надоместок на материјална штета добиваа во просек по околу 20.000 евра отштета по семејство и со тие средства се населуваа на разни периферни локации во скопско и Куманово. Ги споменуваме овие бројки со цел да ја претставиме димензијата на раселувањата што ги предизвика војната од 2001 г. и да потсетиме на стотиците раселени, кои во минативе години мораа да започнуваат да го градат својот живот во нови средини. За жал, тивкиот процес на етничка хомогенизација континуирано тече во скоро сите средини каде има Македонци/ки и Албанци/ки.