Синиша Станковиќ е новинар веќе 40 години. Работи како дописник на „Гласот на Америка“ на македонски јазик од Скопје. Работел во повеќе печатени и електронски медиуми во Македонија. Уредник, колумнист и автор на повеќе книги.
Интервјуто е снимено во 2020 година.
ЕМРАХ РЕЏЕПИ: Здраво, јас сум Емрах Реџепи од „Мировна акција“. Како дел од процесот на собирање животни приказни, денес разговарам со Синиша Станковиќ – новинар. Господине Станковиќ, може кратко да ни се претставите?
СИНИША СТАНКОВИЌ: Јас сум новинар 35 години. Последниве 20 години сум соработник-дописник на „Гласот на Америка“ на македонски јазик од Скопје, а претходно работев во 7-8 неделници, главно од печатените медиуми. Сум ги уредувал, колумнист, автор на неколку книги и тоа.
ЕР: Со новинарство се бавите уште од вашите студентски денови, за време на реал-социјализмот. Кажете ми, според вас, какви беа меѓуетничките односи во тоа време во Македонија? Или барем во Скопје?
СС: Па, добро, кога јас влегов во новинарството, ’84-’85, тоа беше оној период по смртта на Тито, кога многу работи, повозрасните, позрелите, поедуцираните од нас ги препознаваа. Ние бевме сè уште млади и сè уште под стекнато влијание на образовниот процес на jугословенството. На градењето на сплотеност и на рамноправни народи во братство-единствената заедница, тогашна СФРЈ. Воспитувани во извиднички кампови, во феријални одморалишта, кои имаа заедничка мисла, дека треба да се запознае татковината за да се сака повеќе. Одевме на работни акции, носевме штафета за Маршалот и водачот и трчавме со неа. И секој 25 мај правевме слетови за другарот Тито. И таа генерација воспитувана во тој дух, главно и се определи, кон крајот на ’80 веќе и особено со почетокот на наѕирањето каква крвава бања повторно ќе стане, пред сè Босна, меѓутоа и во другите делови од Југославија каде што имаше војни. Tаа наша генерација се определи делумно за зачувување на некогашната држава, оти за друга не знаевме и поинаку и не знаевме, а и бевме воспитувани дека сите оние кои ќе искажат посилни национални чувства во некоја од федеративните единици на Југославија, дека се тоа националисти кои сакаат да ја урнат дотогашната држава и дека – нели – национализмот како најголемо зло, едноставно треба да се спротивставиме на таквите – тогаш се викаше тенденции. Потоа, како се менуваа работите забрзано и како се, за жал, загрозуваа и човековите права и подоцна и правата на луѓето, само затоа што се декларирале или не се декларирале, туку некој ги поставил во позиција на припадник на одредена заедница и со тоа веќе стануваат жртви и меѓу припадниците, новинарите од таа генерација, сигурно дошло до примери на приклонување кон поинаквите опции и за жал некои пријателства од тоа време тогаш се прекинуваа, а со некои, некои од колегите на териториите на бивша Југославија и се гледале преку нишан. Улогата на новинарите, тогаш значи, во втората половина на ’80 беше многу важна на теренот на злото. Новинарите ја распируваа, распламтуваа таа омраза, која, ако и постоела, а за која ние како млади луѓе не сме биле свесни, оти сме го живееле тој братство-единствен сон од заедничките игранки и дешавки низ цела Југославија, потоа, полека почнавме да стануваме свесни. Mеѓутоа станувавме свесни од количествата на жолч, омраза и навреди кои се истураа во медиумите, и во печатените и нормално, во електронските, кои имаа, како што и секогаш било, и поголема сила од причини што во 19:30 или 20:00, кога беше, цела нација беше пред националниот дневник на својот јазик.
Тогаш почнаа поделбите. Почнале тие и тлееле многу порано, меѓутоа тогаш се издиференцирале. Почна омразата кон инаквите, почна фокусирањето и барањето непријател, предизвикувач на кризите. Па, одеднаш за економската криза и ситуацијата во општеството на Србите им станаа виновни Хрватите, на Хрватите – Србите, во Македонија главно Албанците, меѓутоа и сите оние кои „ја искористувале Македонија“ – како што тогаш се кажуваше. Словенците сакаа надвор, тоа јасно го дефинираа и низ својата национална програма сакаа поинакви односи со југословенските членки. За тоа немаше слух во тогашното раководство, политичко поставено од едната партија и особено не во раководството, на тогаш сѐ уште заедничката Југословенска народна армија, која беше исто крајно идеологизирана.
И се случи она што се случи. Некои републики со повеќе среќа како Македонија, некои со крвави војни како Босна. Некои со 6 дневни војни, како Словенија. И ден-денес сметам дека тоа беше работа на договор меѓу раководствата на Србија-Југославија и Словенија. И секако некои како Хрватска, каде што дојде, нели до протерување на еден дел од населението. Ние функциониравме како што функциониравме во Македонија. Имаше тука и незрелост. Имаше неподготвеност, особено неподготвеност, оти тогашното раководство на чело со Киро Глигоров до последните моменти се обидуваше да го сочува од Југославија она што може да се сочува. Неподготвеноста беше на планот дека ретко кој размислувал како таа независна, суверена Република Македонија ќе функционира на економски план, меѓутоа уште повеќе на политички план. Многу работи беа правени во од, нормално, сигурно со многу грешки. Една од работите кои воопшто не беа, за жал, разгледувани, беше токму тој меѓуетнички мир, тој меѓуетнички баланс во Македонија, заради тоа што за многу работи дотогаш, па и за позицијата на Албанците, се слушаше беспоговорно Белград.
Сега требаше да се донесуваат одлуки кои беа тешки и за кои требаше храброст, но и пред сè со многу разум. Затоа ни се испослучуваа и Педагошкиот факултет и протестите. Ни се случуваа, она околу Тетовскиот универзитет и протестите и начинот на кој беше излезено на крај. Подоцна се докажа дека воопшто не било излезено на крај. Значи со покажување сила, со полициски средства да се решаваат работи кои требаше да се решат на маса. И некако дотуркавме до ’99, кога повторно во Македонија беше тоа меѓуетничко прашање кренато на многу високо ниво и проблемите околу него, заради тоа што, нели, со протерувањето на десетици, стотици илјади, главно Албанци од Косово, кои прибежиштето го најдоа тука во Македонија, се создаде еден дисбаланс, досега, дотогашен, кој иако нели, со пописите ништо не беше решено, меѓутоа се создаде страв кај етничките Македонци дека бегалците од Косово ќе останат тука и дека тоа ќе значи потоа сите оние работи што сме ги слушале и гледале една деценија претходно, околу создавање Големи Албании, Големи Косова. Меѓутоа, јас, тој период, ’99, сметам дека Македонија положи голем испит. Со сите изблици негативни, на национализам, на фобии од бегалците од Косово, кон бегалците од Косово дека ќе ја загрозат Македонија како држава, онаква каква што беше структуирана и со оние сили кои ги имаше, Македонија го направи единственото што можеше. Значи мораше да ги прими бегалците и мораше да најде начин тие луѓе од она чудо кај Стенковец да бидат разместени. Условите таму во камповите во кои беа разместени беа такви какви што беа, меѓутоа не дојде до она од што многумина се плашеа – дека уште ’99 еден дел на етничките Македонци даваа поддршка на Србија за време на бомбардирањата на НАТО, дел од етничките Албанци имаа буквално и роднини кои им дојдоа од Косово, значи… а и генерално гледано на Албанците од Косово гледаа како на свои сонародници со кои живееле во иста држава до пред 9 години. Така што, тоа беше голем испит и мислам дека Македонија, со сите негативни страни кои излегоа на виделина тогаш – нормално, меѓутоа дека се снајде многу подобро отколку што се снајде 2001.
ЕР: Ајде кратко да се вратиме на почетокот на ’90, околу тој процес на осамостојување на Македонија. Како лично вие го доживеавте и што всушност мислите дека претставуваше таквиот начин на осамостојување на државата во однос на меѓуетничките односи во државата?
СС: Па, осамостојувањето на Македонија, кое беше изведено онака како што беше изведено. Значи без, речиси без испукан куршум, со договор, со сите негативни придружни елементи на напуштањето на ЈНА на македонската територија, Македонија ја имаше таа среќа да ги избегне вистинските воени дејствија на македонска територија, со за жал оние на жртви на млади државјани на Македонија, тогашна Социјалистичка Република Македонија во униформите на ЈНА. Но, сепак може да се каже дека во однос на една Босна, па и на, делумно во Хрватска, Македонија помина добро. Онолку добро, колку што воопшто можеше во една таква ситуација. Имаше тука и неправди, нормално, при повлекувањето на ЈНА, имаше растурени семејства, имаше лични трагедии, сето тоа нормално се случуваше како пратечки елементи на растурањето на големата држава. Јас, лично, мислев дека ќе се изнајде начин, било каков начин, да се задржи, малку наивно можеби верував тогаш во тоа, но верував на 25 години, дека постои опција да се задржи некој вид на заедништво. Дури и со независноста на Словенија, дека остатокот од Југославија можеби ќе успее да соработува барем на економски план, дека ќе се послушаат одредени препораки кои во тоа време, медиумите објавуваа дека и од САД и од Европската Унија стигаат сѐ уште препораки и совети да се спаси што може да се спаси, и сите тие работи. Потоа кога тргна лавината, требаше да се размислува како Македонија ќе опстане сама и да се размислува во каква држава ќе живееме и во каква држава сакаме да живееме. Се случија многу грешки. Нормално, нели, од тоа што единствената партија тогаш на Албанците, за демократски просперитет (ПДП), заради неуспешните преговори, нели Албанците го бојкотираа и пописот потоа и ги повикаа сонародниците, на некој начин дури им ја продлабочија тезата дека држава која не се грижи за нив, не е нивна држава. И тој принцип на голема недоверба, меѓусебна недоверба пред сè во политичко милје, продолжи да тлее и во секојдневните односи. Неретко тогаш се коментираше дека албанската политичка елита, на независна и суверена Македонија, гледа како на привремено решение до поголемата игра, која ќе се случи подоцна и која ќе значи, нели, некакво си обединување на територии каде што живеат Албанците, а ќе значи, фактички значи намалување на онаа територија која ја имаше тогаш СР Македонија. Недовербата тлееше сето време. Од одредени моменти беше, можеби подобри беа односите, на одредени моменти се влошуваа. Ама дека политичките елити изнаоѓаа јазик заеднички за да останат на власт, тоа беше океј. Тоа функционираше сето време. Братство-единството од СФРЈ функционираше на две нивоа: на криминалното и на политичкото – во смисла на извршната власт. И откако стана јасно дека Македонија, ако сака да опстане мора да се развива како држава, мора да ги развива, да работи на сферата на човековите права, ама исто така и да ги развива меѓуетничките односи до ниво на драстично подобрување на меѓусебната доверба, имаше, според мене некогаш успешни, некогаш неуспешни обиди тоа навистина да се постигне. Меѓутоа од Охридската спогодба навака, од 2001 навака, ние 18 години се трудиме некако од Македонија да направиме вистинска граѓанска држава и тоа многу тешко ни оди. Многу тешко ни оди оти искрено мислам и дека не е искрено, ни кај политичарите, па дури ни во невладиниот сектор. Дека се затскрива, дека се води сметка ете „нужно мораме“. Ние можеби и не би сакале, ние можеби и кога би добиле изим од Меѓународната заедница и кога би било тоа воопшто некако изведливо на планот на географија, ние можеби би се и поделиле. Меѓутоа немаме политички елити и знаеме дека таквите обиди за поделба ќе значат повторно судири. Инаку, искрено не сум убеден дека сите овие изливи, сега веќе не братство-единствени, туку за човекови права, за подеднаквост на граѓаните кои ги слушаме секојдневно на политичката сцена, дека добар дел од политичарите тоа навистина и го мислат. Мислам дека се работи за нужно зло: „Не можеме поинаку, па ќе тераме вака. Сега тоа е тоа“.
ЕР: Спомнавте бојкот на попис и на референдум. На што се должеше тоа, што мислите?
СС: Па, добро, референдумскиот бојкот го следев на лице место. Сето тоа делуваше многу наивно – вака на прв поглед. Нели, со оние пешкирчиња на столчиња, тоа при гласањето за Илирида или за таканаречената Илирида или со недовербата дека во новата држава раководството на Македонија нема Македонија да ја задржи во остатокот на Југославија или да ја задржи под контрола на Србија или она, велам, што ќе остане од Југославија и дека Албанците во една таква држава нема да бидат рамноправни, без оглед на бројноста во Македонија или заедно со Косово, во однос на тој остаток на Југославија и таа недоверба на Албанците се надогради на недовербата на етничките Македонци, кои реков веќе, сметаа дека Албанците само чекаат момент за да си заминат сосе територија. Така што, немаше слух меѓу политичарите тогашни, немаше ни реално гледано, ниту етничките Македонци имаа изградена јасно национална програма каква држава сакаат да градат и во каква држава сакаат да живеат, а ниту етничките Албанци, каква би била нивната улога во новата, веќе, држава. И тоа ниво, многу високо ниво на недоверба, едноставно секогаш се… Политичките елити играа на карта да го предвидат следниот чекор, оти секогаш велеа дека некој им работи зад грб. Па, од поддршката на Меѓународната заедница за етничките Албанци, што беше веќе како рецитација повторувано кај дел од про-националните струи во Македонија: дека Албанците имаат поддршка да се отцепат, а ние тоа не може да дозволиме и така натаму, до од друга страна недовербата на Албанците во македонското раководство дека навистина сакаат да живеат во саглам држава, со почитување на права на сите рамноправни граѓани.
И тука се вплеткуваа секакви интереси, нормално на сите околни држави кои… и чии претставници во државава или граѓани на Македонија кои беа определени за една од про-струите наоколу, сите тие, секој на свој начин и секој со свој интензитет, работеа на дезинтеграција на новата држава. И затоа и ние до ден-денес, македонската држава е прилично дисфункционална. Ние и ден-денес правиме карикатурални работи – нели, наместо да бидат вклучени сите граѓани рамноправно во поделбата на, ако воопшто го има – нели, на тој некој колач на власта, ние имаме – нели, луѓе што седат дома заради тоа што нивната политичка елита на својот електорат му докажала дека според процент вработила толку луѓе, што е нонсенс. Добиваат плата за да бидат бројка во нечија политичка кампања, партиска кампања. Навредливо за тие, ама добро, добиваат плата, а, неправедно кон оние кои можеби се подобри од нив и би ја работеле навистина работата во тој секретаријат или како веќе се вика. Не сме, не сме успешни. Ни најавуваат влез во НАТО, еве конечно. ЕУ е далеку многу.
Така што транзицијава стана вечна, сите решенија ни се од друга страна привремени и прилагодени на самиот момент, ама со интенција веднаш да бидат променети ако испадне некоја поинаква варијанта. Значи воопшто не се размислува на долги патеки и не се прават долгорочни стратегии за тоа како една мала и сиромашна држава, плус без исав ограбувана од сопствената политичка елита, еве 20 години, понатаму ќе опстане и како ќе успее да задржи некој помлад, од 30 сега, да остане во државава.
ЕР: Да се вратиме кратко на 2001, поточно на периодот пред тоа. Нешто веќе и покривме, па ме интересира, според вас, како се створија условите за 2001? Не зборувам за техничко спремање за војна, туку за општествениот контекст во таа
смисла.
СС: Па, еве вака, 2001 ние почнувавме со еден нов неделник. Декември 2000 излеговме од дотогашната редакција и неколкумина направивме нов неделник кој беше замислен да биде убав граѓански неделник во кој ќе се обидеме да ја претставиме нашата визија за понатаму, преку сликите на успешни луѓе во нашата средина. А под успешни, ги подразбиравме оние луѓе кои се прифатливи од обете страни. Кога велам обете страни, тоа се тие македонско-албански односи, оти односите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци одлучуваа за иднината на Македонија. Со сета чест и почит на сите останати спомнати или неспомнати во Уставот, граѓани на Македонија од други етнички припадности, сепак овој однос беше тој што ќе пресудеше околу иднината на Македонија. И искрено сметам дека до 2001 во Македонија не смееше да дојде. Апсолутно сметам, оти во таа поплава од лаги, поплава од лажни ветувања, од најави, од, од една страна: „Доста трпевме, сега да се избориме конечно“, од друга страна: „Е па ред е веќе да расчистиме, доста и ние трпевме претерани барања“. Тогаш уште се користеше она: „Албанците многу бараат, ќе им дадеме или нема да им дадеме“. Значи никој не размислуваше дека оние игранки околу универзитетите, оние штрајкови против Педагошкиот факултет, дека е далеку подобро за целата држава, па и за етничките Македонци, нивните сограѓани етнички Албанци да бидат што подобро образовани. Тоа потоа се докажа со Штул дека ете, ако, нели многу бараат на албански да учат – еве учат на англиски. Тоа за жал не го спречи исселувањето, но тоа е сега друга приказна. Двеилјади и првата мораше да се избегне со зрелоста на политичките елити. Јас не велам дека дел од припадниците на ОНА тогашна немаа јасни цели за – што дел од нив и отворено го признаваа, јасни цели кои немаа никаква врска со човековите права. Значи тие луѓе се бореа, дел од нив се бореа за отцепување на територии. За дали тоа ќе се вика Голема Албанија, Големо Косово или како веќе ќе се вика, не е важно, меѓутоа се бореа за нешто што е тотално, целосно спротивно на концептот на граѓанска држава. Исто така, не велам дека дел од припадниците на безбедносните сили, дел од доброволците, па и дел од регрутираните, дали во полициска или воена униформа, тој бунт на Албанците не го користеа и не мислеа во одредени периоди или дејствуваа во одредени периоди така како да е тоа последната шанса да се доведат Албанците во ред. Тоа го имало сигурно и секој кој ќе каже дека овие биле борци за човекови права, а другиве само го штителе уставниот поредок на Македонија, тоа тешко кој би го проголтал. На обете страни имало екстремисти, на обете страни имало луѓе што лажеле и ги прикривале вистинските цели. Меѓутоа, убеден сум дека вината на политичките елити, и на Македонците и на Албанците, за 2001 е огромна. Не смееше да се пролее крв.
Значи ако државава издржа од ’90 до 2001 со сите оние – нели, гостиварски настани, со сите оние работи што се случуваа, кои, велам тие бојкоти на едно на друго, сето тоа беа испити и не со високи оценки – меѓутоа државава ги положи. Дојде до 2001 и 2001 и се закани да се растури државата, некои велеа: „Ќе ни се распадне државата заради Арачиново или Лојане“. Не се распаѓаше државата заради Арачиново или Лојане, ама постоеше опасност навистина да се распадне. Не верувам дека било кој е среќен со начинот на кој тоа се заврши, со Охридскиот договор. Меѓутоа некако мораше да се заврши и добро е што се заврши. Добро е што се потоа имплементираа некои решенија. Кои се – нели, со сите оние фабрички грешки, со процентите, со „дали се 23%, дали се 22%“. До ден-денес го слушаме тоа, како човековите права да зависат од процентот. Како да Албанците, ако се 15% во Македонија, не треба човек да им даде права. Односно… Пак јас употребив недавање. Односно да ги немаат правата на останатите. Тоа со бројките беше една игранка, наметната. Ден-денес ќе се чудиме што да правиме. Еве после следниот попис кога веројатно – нели, ќе докажеме дека во државава нема 2 милиони жители и дека нема и на избирачки список 1 800 000 жители и дека можеби и нема 23% етнички Албанци. Но што со тоа? Да, ќе треба да се променат тие работи, не по општина со 23% и ќе мора да почне да важи Бадентер и на локално ниво, таму каде што се етничките Албанци во мнозинство. Но, повторно ќе мора да работиме на востановување, прифаќање, на правата на единката. За етничките права може да се разговара, нормално, меѓутоа на поинакво ниво. А, за човековите права, за кои официјално беше покренат бунтот 2001, можеше и тогаш и да се разговара, не велам преговара, но веројатно тоа ќе беше некој вид преговори, инаку да се разговара да се усвојат, да имаше доволно зрела политичка сила во Македонија која тоа ќе го истуркаше на мускули, ама без крв. Во секој случај, без оружје. Не сум сигурен дека 2001 сме ја завршиле и…
ЕР: Како мислите?
СС: Па, мислам дека живееме, еве 18 години, во малку, сите нè нервира тој збор – транзиција, ама живееме во исчекување, конечно да се средат работите. Никој никому не може да оспорува етничка припадност, ама сега да излезете на анкета со микрофон, еве овде, на улица „Македонија“ поминете, јас ќе се обложам со вас дека од 10 ваши соговорника, низ 2-3 прашања, ќе добиете барем од петмина одговор: „Не бе, од нас држава не бива“, без оглед дали е етнички Македонец или етнички Албанец. Општеството, такво какво што е, е тука, ама државата не ни функционира и тоа не функционира од локално ниво, па до највисоко ниво. Ние сè уште сме жртви на алашверишите што ги прават национални лидери. Ние сè уште имаме Пржина, вечерни седенки на национални поглавари во домот на пратениците, наместо да имаме собраниски седници на кои се донесуваат одлуки. Сè уште некој се плаши од една изборна единица. Сè уште се диригираат партиски листи за контрола. Ние ќе се погушиме, не можеме да донесеме програма за спречување на аерозагадувањето. Се задушивме. И нели, чаршијата сè знае. Никој ништо не презема, заради тоа што било кој драстичен чекор, во било која сфера, на било кое поле, може да задре во нечии интереси. Тоа се главно приватни, па дури и криминални интереси. Меѓутоа секогаш ќе бидат криени зад превезот на права на овие, права на оние. Етнички ли се, вакви ли се, такви се – со што се, на некој начин, загрозува и дефиницијата на поимот на човековите права. Веќе, гледате колкави реакции има за работењето на невладините организации. Колку шминкерај има тука, колку проект се прави поради грантот, а не заради навистина да се помогне и да се зајакне свеста за одредено прашање. Не знам колку има, меѓутоа претпоставувам дека во Македонија има барем 1 000 невладини организации. И колку од нив навистина работат на полето на градење на граѓанско општество и на полето на човековите права? На полето на, еве, на забаталување на култот на оружјето – уште пукаме по свадби, ако ништо друго, нели? Сето тоа се држи на едно, на некаква, се балансира на некаква меѓуетничка клацкалица – нишалка. Aма не сум убеден, искрено не сум убеден, би сакал да грешам, дека барем до овие 2-3 генерации после мене, за младиве дај Боже поинаку да мислат, дека е постигнато некое ниво на прифаќање на инаквоста. Било какво ниво, нека биде и ниско, ама да се прифаќа поинаквиот. Да се прифаќа другиот по јазик, по боја на кожа, по вероисповест, по еве сексуална определба нека биде, не е битно. Воопшто не сум убеден дека криејќи се зад традиционализмот, зад верата, зад… кој зад што се крие, дека македонското, сега веќе општество, е подготвено да прифати промени и подготвено да го прифати поинаквиот и да се обиде да го разбере.
Мене ми е многу жал што, и тоа белки треба да се истакнува, колку деца останаа сираци од таа 2001. А, велам, убеден сум дека не смееше до неа да дојде. Тие деца, денес треба да им се каже една тешка вистина, дека нема одговор зошто им загинале родителите. И на едната и на другата страна. Тие деца денес веќе се полнолетни. Имаат право да прашаат: „Чекајте бе луѓе, зошто е татко ми закопан онаму? За што всушност се борел татко ми и дали вие тоа го остваривте? Еве татко ми загинал“. Во војна мора да загине некој и некој да биде ранет и да остане трауматизиран или инвалид или… Ама оние кои ја имале таа среќа да куртулат и да поминат нормално од таа војна, што тие направија, без оглед колку ова патетично ќе звучи, за оние кои загинаа, за нивните деца? Што тие направија, тоа да не се повтори? Јас велам, сакам да верувам дека 2001 никогаш нема да се повтори, ама многу малку ни треба. Многу малку ни треба. И тоа е она што застрашува: што таа 2001 не ни е лекција каква што требаше да биде.
ЕР: Ги следевте преговорите за Охридскиот рамковен договор?
СС: Многу малку, но… Мислам лично јас не известував за преговорите, освен она што беше соопштувано како официјален став: „Се сретнаа со посредниците, дојдоа до овде, утре ќе продолжат“ – мислам, протоколарните работи. Јас кажав пред малку, Охридскиот договор… до Охридски или некаков договор мораше да дојде. Ден-денес луѓе што беа припадници на безбедносните сили, сметаат дека тој договор е капитулација на Македонија. Капитулација пред, не толку етничките Албанци од толку, колку капитулација пред Меѓународната заедница, пред, не знам, Косово, пред… оти за нив Косово беше агресор. Од друга страна, не знам колку лидерите на етничките Албанци успеаа на самите Албанци во Македонија да им објаснат дали Охридскиот договор е победа и што просечен етнички Албанец во Лојане добил од Охридскиот договор. Охридскиот договор е минато. Нели, се имплементираше тоа што се имплементираше. Државава оди по некои зацртани патеки. До кај ќе стигне, ќе видиме. Меѓутоа, можеби, ете, како изнудено решение – кое беше неизбежно, некакво решение мораше да има. Донесен е така како што е донесен и потпишан, како една неминовност после еден турбулентен период и со поддршка, ете и на Меѓународната заедница. Колку ние, како граѓани на оваа држава, гледаме на тој договор како нешто што требаше да се заврши, можеби на подобар, со подобар краен ефект, ама… или гледаме како на нешто на што сме биле присилени… И тоа е можеби тема за еден разговор, е вака, да седнат 10-тина луѓе, умни луѓе, луѓе кои имаат доволно сенс да го послушаат, барем, дослушаат другиот и да се обидат да најдат некое заедничко резиме, за 2001 навистина да стане дел од историјата и толку.
ЕР: Што мислите, што претставува овој мировен договор за помалите заедници?
СС: Охридскиот?
ЕР: Да, Рамковниот. Тие гласови како да ги нема. На пример на Србите.
СС: Па тие гласови ги нема. Не знам, не значи ништо. Значи повторно велам, мораше да се реши тоа прашање меѓу етничките Македонци и етничките Албанци како најбројни во однос на другите. Далеку побројни во однос на другите етнички заедници, меѓутоа тоа нема врска со човековите права на било кој Ром или Србин или Бошњак во Македонија. Тој Охридски договор нема врска со нив. Значи сè додека разговараме на план на етнички заедници, ништо не сме направиле. Кога ќе созрее ситуацијата да се разговара за човековите права на секоја единка во Македонија, не знам. Искрено не знам. Но, пак останува да веруваме дека – не знам, можеби поинаквиот начин на образование. Ние имаме проблем со учебници, имаме проблем со заостанати сфаќања, имаме проблем со луѓе кои едноставно не сакаат да согледаат дека светот и историјата не почнале од Македонија, ниту ќе завршат со Македонија. Дека и околу нас постои живот и свет и дека постојат и поинакви искуства, кои не мора да се прифатливи за нас, кои не мора ни да се применливи во овој период. Можеби едноставно нема да ги прифати поголемиот дел од граѓаните, меѓутоа да се објаснува дека тоа можеби ќе го прифати еден дел од населението и дека за тоа не треба да носат жиг на срамот. Значи за сè мора да се разговара, за сè мора да се најде трпение и доволно сенс. За ова прашање не гледам, мислам, не знам што би можел да одговорам. Не добиле ништо помалите етнички заедници од тој договор. Некои се спомнати, некои не се спомнати во Уставот и тоа е. Она што е најлошо е што и двете најголеми етнички македонски партии, и ВМРО и СДСМ, успеаа да си направат од сите помали заедници своја партија. Така што имаме српска партија што е за ВМРО и српска партија што е за СДСМ. Турска партија што е за ВМРО и турска партија што е за СДСМ. Ромска партија… игранка. И секогаш има – нели, по некој политички претставник, тоа е демократија. СДСМ ги носи своите на власт, ВМРО своите, и ги застапува во втор, трет ешалон… класична игранка.
ЕР: Што мислите, како се трансформираше општеството после 2001? Конкретно за меѓуетничките односи, но и односот кон и од државните институции.
СС: Се менувале работите сигурно. Се менувале и на подобро. Проблемот не е во прифаќањето на промените, проблемот е што многу често во заживувањето на промените, имавме сериозни дефекти од партиските кадровски вртелешки. Кога рековме дека ќе има, мора да има, логично, зголемен процент на етнички Албанци во одредени министерства, во МВР, во, ете во секторот за евроинтеграции. Тоа го поддржаа, претпоставувам, сите нормални луѓе во државава. Проблемот настанува што тука етничката квалификација се подразбира, меѓутоа не се гледа вистинската, онаа, квалификација, туку се гледа партискиот дрес и партиската униформа. И сега за да му се даде концесиичка некому кој лепел плакати, па добро, еве да речеме и некому кој бил во шума, се борел, нему му се дава функција за која не е способен. Тоа создава, нормално, анимозитет. Наместо државен универзитет Тетово, Штул, да се изберат, УКИМ, на крајот на краиштата и другите универзитети низ Македонија, да се изберат најквалификуваните етнички Албанци и така да се крене процентот на етничките Албанци во државната администрација. На пример, ние често бевме сведоци на избор на луѓе од партијата на власт. И претпоставувам, за да нема, не претпоставувам, сигурен сум дека тоа мора да предизвикува реакција и кај самите етнички Албанци. Зашто тука веќе нема пазар, нема квалификации, нема проценка на вредности. Тогаш е кој подобро ќе се бутне кај партиското раководство и да добие леб без погача.
ЕР: Што мислите дека би претставувало некој суштински напредок во однос на меѓуетничките односи, сега?
СС: Па, суштински напредок е многу тешко да се постигне во моменти кога преживувањето е главна цел. Кога економското долносување продолжува и кога ние гледаме толкаво количество на омраза меѓу припадници на две навивачки групи. Тие фановите, никаде во светот не се цвечки и изблици на омраза, има и на расизам, има и по светски стадиони. Меѓутоа кај нас е проблемот со тие навивачките групи, во кои често се инволвирани партиски подмладоци, во кои има работа од партиите, влијанија, кај нив е посилна омразата кон другите, отколку љубовта кон сопствениот тим. Сега исчекор… еден исчекор е признавање на ситуацијата дека постојат два паралелни света кои многу малку се познаваат. Се работи овие 18 години, невладиниот сектор тука работи и кога ги гледам младиве луѓе во невладиниот сектор, во одделни невладини организации, буквално делува феноменално тоа што ќе го видиш. Македонската салата на дело функционира. Значи на мал план функционира. Е, сега тоа некако да го кренеме на ниво на македонско општество. Како со сè уште толкава недоверба и омраза тоа да се постигне искрено не знам. Меѓутоа мора да се почне прво и основно од семејството, од едуцирањето и воспитувањето на сопствените деца. Не е флоскула во духот на соживот кога велам, затоа што сакале или не мора да живееме заедно. Не можат сите да се иселат. Тие што нема да се иселат ќе живеат тука. Треба да изнајдат начин дали ќе живеат како револвераши, плашејќи се и обѕрнувајќи се некој да не им е зад грб или ќе живеат нормално. А, сега, особено откако се олесни визниот режим, генерациите што живеат во Македонија видоа како е надвор. Видоа дека може поинаку. Видоа дека и луѓе кои не се сакаат, живеат во една држава. Ние прво не се познаваме, тоа е факт. Тука можеби образованието треба да изигра многу поважна улога. Прво да се запознаеме. Запознавањето ќе ја намали недовербата, па потоа да се обидеме на сите начини што покомпактни да бидеме во смисла на едно општество за сите. Ако успееме во тоа, на подолг период, има шанси за нас. Некакви шанси има. Ако не успееме, ќе си останеме два паралелни света. Можеби нема да има 2001 пак, меѓутоа нема да функционираме. Нема да функционираме. Ќе бидеме два света кои се плашат еден од друг, на кои другиот секогаш ќе им служи како аргумент зошто ним не им е подобро, оти „Овие нас нè тормозат, влечат надолу…“ – не е битно, ќе се најде секогаш аргумент кај обвинувачот зошто оној другиот е виновен и ќе си тавориме така, ќе си живуркаме во едно балканско преградие на Европа и тоа е тоа. А, ако продолжи вака и Европа да ни го врти грбот, како што прави последниве неколку месеци, маф ни е работата.
ЕР: Јас ви благодарам.
СС: И јас.