Немаш доверба веќе, ниту во… да речам… глуп термин: нашите – вашите, меѓутоа така е, ниту во своите, ниту во никој друг. Функционираш некако поинаку, свесен си дека нема роднина, свесен си дека нема комшија, свесен си дека си сам и свесен си дека ќе туркаш како умееш и знаеш и те боли тоа бидејќи ние сме суштества на кои им треба, нели, и пријател и комшија и човек кој ќе ти дојде, ќе ти помогне и збор еден да ти каже добар…
ДИВНА ЈАНКОВА: Здраво.
ЕЛИЗАБЕТА ЗАФИРОВСКА: Здраво.
ДЈ: Јас сум Дивна Јанкова и во овој случај ќе направиме интервју во врска со 2001 година. Да почнеме.
ЕЗ: Мило ми е. Јас сум Зафировска Елизабета, родена 76-та, значи имам 34 години, немажена, а пред војната, значи пред 2001-ва живеев во село Лопате. Тоа беше кризен регион на времето, така да тоа е еден период зад мене кој не случајно сигурно се случил. Можеби случајно го преживеавме, несакајќи, ама доживеаното останува, кај секој од нас на различен начин, така да секој…
ДЈ: Што би изделила од тоа доживеано, сега во моментот те прашувам, што посебно остави белег за тебе?
ЕЗ: Ха, па вака. Периодот не е еден единствен, значи се дели на повеќе сегменти, да речеме во одредени живеења, односно во мојот живот. Можам слободно да кажам дека повремено се потсетуваш на сите. Нормално тоа е некое лошо доживување што не би го посакала на никој, меѓутоа во светот секаде се случува, па сега некој од нас имаат таква лоша среќа да го доживеат. Што би издвоила. Тоа е печат кој дефинитивно ќе го носиме до крајот на животот. Значи, тоа е нешто кое нема да се заборави, мада важам за личност која е доволно интелектуално и психички јака и се труди на секој можен начин да го потисне сеќавањето на војната, на самото тоа бегање од сопствениот дом, на сите тие работи. Меѓутоа е невозможно, значи бадијала се трудиме да го потиснеме тоа. Така да наведам еден пример кој е многу интересантен и кој остава, нели, некои лош белег. Се сеќавам две илјади прва, да војната, две илјади друга – трета, така не… не можам да се сетам точно на годината, работев во еден ресторан, бев на некој начин принудена, нели, да се снаоѓаш, секој на свој начин. Имав таа среќа да работам во еден ресторан во градот Скопје и Нова Година како Нова Година вечерта бев ангажирана како вработена и се сеќавам огнометот кој беше, нели, во 12 часот организиран. И штом почнаа да пукаа, значи не бев свесна дека е тоа Нова година, дека е огномет, ја помислев: готово, се зарати! Значи еве војна. Значи тоа е, нели, нешто кое… сите се радуваа, значи додека не се освестив, ми требаше 5 до 10 минути додека да речам: Не, чекај, ова е огномет! Значи… Еве тоа е таа потсвест, тоа е нешто кое е многу битно за еден здрав развој и живот на еден човек, меѓутоа останато е останато. Се трудиме да се бориме со тоа.
ДЈ: Сега како се носиш со тоа, со огномет и слични работи кои потсетуваат?
ЕЗ: Па искрено, време со време, онака. Пак ќе повторам секогаш потсеќа, значи секогаш било каков звук, било каква гужва или ќе… а да речеме ќе сретнеш скуп на луѓе, демонстрација или не знам што, или штрајк, било што, секогаш мозокот, значи, се враќа назад, психата, и сѐ си велиш: Еве пак се зарати, еве има нешто, еве пак ќе стигне лошото! Или така нешто. Така да, не може да кажам… време из време сето тоа избледува, ама никогаш нема дефинитивно да кажеш збогум.
ДЈ: Вака, како беше пред 2001-ва, како е сега во твоето место кај што живееш?
ЕЗ: Во моето место…
ДЈ: Каде живееше?
ЕЗ: Село Лопате.
ДЈ: Село Лопате?
ЕЗ: Да. Вака, Пред 2001-ва, значи може слободно да кажам, 2000 и 2001, некако сето тоа се чувствуваше, што викаат во воздухот, или меѓу луѓе, во нас, меѓу комуникацијата бидејќи таму кај што живеев, денеска не живеам таму, бевме поделени, нормално: Албанци и Македонци, нормалоно и Срби, доста има по националност. Така да целите тие две години 2000-та и 2001-ва се чувствуваше дека нешто ќе се случи, значи нема… не е веќе тоа тоа. И самата комуникација и самиот пристап и сите тие работи. Меѓутоа, животот беше нормален и што викаат, ни на крај памет не ни беше дека баш ќе дојде до тука да си ги напуштиме домовите, да си го напуштиме животот кој претходно сме си го живееле, на некој начин бил добар, нели. Сеа тоа е тоа, тоа бил твој живот кој си го живеел и бил непореметен.
ДЈ: Одевте во школо заедно…?
ЕЗ: Да, одевме.
ДЈ: Кажи ми дел, како ги славевте славите, како беше воопшто животот меѓу заедниците?
ЕЗ: Многу интересантна работа е тоа што јас сум 76-та, нели, некоја генерација која го живееше она титово време, 80-ите… осумдесет… 80-ите години кога беше многу убаво. Се сеќавам на моите родители, али поконкретно за школото: Па, јас учев во „Маршал Тито“ основно училиште. Тоа беше школо уште на времето поделено на паралелки, нели, албански и македонски. Искрена ќе бидам, секогаш се чувствуваше поделбата, тоа е голема лага ако кажеме дека… секогаш и како деца знаевме Албанец, Македонец и тоа беше онака на тенка линија поделена, значи мно… Се дружевме, имаше некои празници, колку се сеќавам 25-ти Мај, па не знам, ова – она, и сето тоа беше организирано со помош на професорите, нели, сепак тоа им е работа да ги организираат децата, да биде тоа сѐ во склоп на некоја заедница, да… да не се глумело заедница туку живеевме некое си нормално време за тоа време. Така да школото како школо таму завршив до основно образование и едино може да ставам акцент на тоа да разликата сме ја чувствувале. Деца како деца, меѓутоа сето тоа било некако од страна поделено. Се знаеше, не се дружевме ни тогаш, ете тоа е нешто…
ДЈ: Значи само формално дружење?
ЕЗ: Да, да. Слободно може да речам формално, навистина и формално сеа, кој како сака, меѓутоа тоа од тогаш го имаме сфатено како формално кое денеска се испостави дека навистина е формално и така и ќе остане, ми се чини.
ДЈ: Кога се случи војна, каде се најде ти, каде беше ти?
ЕЗ: А, па се сеќавам на… на…на денот, значи на моментот. Бевме дома бидејќи моите се разведени, значи живеев со мајка ми, ние самите бевме таму. А јас живеев во една, така населба кај што претежно беа Албанци, а…
ДЈ: Во селото Лопате?
ЕЗ: Да, да. Едната страна некако само Македонци, другата страна е само Албанци, јас сум тука до школото, значи кај што почнува албанското население. И нормално се случи, нели во Тетово прво пукање, тие работи, ние рет… само на телевизија ги слушавме, мада, нели се шпекулираше ќе биде и тука, значи секаде кај што е мешано ќе има проблеми, ќе има не знам што, меѓутоа последен разбираш дека и кај тебе ќе ти се случи истото што го слушаш на вести. Па тоа беше една ноќ, баш се сеќавам гледавме вести на СИТЕЛ и тоа некои репортажи за некои војници од Тетово кои беа нападнати, масакрирани, не знам како, сега точно не се сеќавам, меѓутоа 9 точно беше, се сеќавам, и Латас беше на ова… на вести и одеднашка се случи пукање. Значи стравично пукање, кое… не знам, блиску бевме, значи се пукаше во самото село. Значи војска се помеша, и војска и полиција, и пукање од албанската страна сега тие таму. Снема струја и тоа се сеќавам и се сеќавам на ситуација која беше 24 часа заробени во сопствениот дом. Се јавивме на полиција, имаше уште телефони, не знам, врската беше така непрекината, после тоа се прекина. И мајка ми нормално праша, вика: „Како да излеземе?“, знаеш, „Овдека се пука.“ уште несвесни дека тоа е всушност војна, не е шега. И полицијата рече: „Ништо“, вика „Каде сте?“ – „Таму сте…“ вика „Останете кај што сте,“ вика „излегување нема, тоа е, значи, се пука, и најсигурно ќе биде да останете дома каде што сте.“ Меѓутоа 24 сати бевме таму буквално затворени, комшиите, соседите – никој, значи, не излегуваше на улица. Таа ноќ, нели, преседовме, другата и… да не… после два дена излеговме од дома и тогаш почна буквално раселувањето или бегањето на луѓето од самото село Лопате.
ДЈ: Што чувствуваше тие два дена?
ЕЗ: Ауф…!
ДЈ: Која возраст беше?
ЕЗ: Па… хмм, 2001-ва, тоа е пред 10 години, значи 24 години. Јас студирав тогаш – да! Студирав, бев – која?… втора или трета година, не е битно. Ми се поремети апсолутно и факултетот и сите тие работи. Просто си реков: ма каков факултет, какви чуда, каде сега понатаму? Знаеш, убаво ни беше дома и средено и функциониравме како треба. И… многу страшна слика, многу ужасна слика, а… до таа мера, значи до таа граница да едноставно и се помируваш со судбината и во некој даден момент си викаш: Тоа е тоа, што ќе биде, ќе биде; и најлошото си помислуваш и, не дај Боже, и да ти влезе некој и на силување и на сите тие работи. […]
ДЈ: Тие 24 сати кога бевте затворени…
ЕЗ: Да, да.
ДЈ: …бевте сами со мајка ти?
ЕЗ: Сами, буквално сами.
ДЈ: Кажи ми малку за тие [моменти]?
ЕЗ: Па тоа беше пукање, значи така баш се чувствуваше метците, веќе ја не ги познавам тие, нити сакам да ги познавам оружјата, видови на оружја, ама летеа… низ прозор, низ кров, низ ова, низ она. Мислам, за среќа никој не е повреден и ништо лошо, мислам, ја бев точно во Албанци. Сега не можам да кажам некој да влегол или нешто да, ништо значи, тоа е тоа. Комшиите си останаа комшии во одредена мера. Сега провокации имаше, од аспект: преку ден ќе излезш у продавница и се збореше, нели некои пароли, нешто, она, сето тоа беше напнатост некоја. Меѓутоа, вечерта, да се задржам на вечерта, така снема струја, снема телефони, немаше ништо останавме и се сеќавам еден комшија, сега починат, Албанец, дојде така на прозорот и ми лупна и вика: „Комшивке,“ вика „не излегувајте“ вика „оваа вечер нигде,“ вика „седете кај што сте,“ вика „ако веќе нешто,“ вика „дојдете кај нас.“ нели, ни понуди ова – засолниште или не знам, како на две жени кои сме сами. Ние не останавме дома али стресот е неверојатен, значи неверојатен стрес кога си помислуваш сѐ и сешто. Не знаеш сега, си викаш: Ќе ми влезат и ќе… како ќе почнат да ме малтретираат, како ова, како она. Значи сликите се многу ужасни и страшни. Сега луѓе со послаб ментален склоп навистина можат да се соочат со трајни последици, трајни, луѓе што знаат да се борат донекаде ќе излезат на крај со тоа. Ама тоа се и здравствени проблеми, значи таа… таа нервоза, тој стрес остава белег. И таа вечер остави, значи аритмии, па да не речам… и многу други, така, последици кои ги доживеавме таа вечер. И така бевме легнати цела вечер бидејќи не можеш да стоиш исправено, прозорците се од секаде, може да те погоди некој куршум. Онака легнати си лежиме цела вечер, си правиме муабет. После решивме едно кафе да си направиме со мајка ми, знаеш, шо биде – ќе биде, тоа е, значи: Кај ќе одиш? И се сеќавам дијареја, многу, тоа е невероватна работа, од стресот колку дијареја може да имаш. Тоа е невероватно, стравично, стварно невероватно и утрото кога излеговме во дворот, толку беше темно, значи утро, шест – седум од сабајле, значи од барутот, тие сите работи кои веќе има од оружјето, невероватно мирисаше на барут. Ко… ко да не… не постои никој жив во селото кај што бевме, значи ко да е сето помрено. Значи се чувствуваше онаа омраза, конфузија, безнадежност и свесно веќе си спремен и со рацете в џеп и да си заминеш, сето друго да го остаиш бидејќи гледаш, животот ти е во прашање.
ДЈ: Така направивте вие?
ЕЗ: Да, да.
ДЈ: Каде отидовте?
ЕЗ: Па вака: Нормално излеговме од селото, нормално имаше пунктови, нели полиција и сите тија ред работи. Веќе дента, или после 24 саати, да така, почнаа луѓе еден по еден да си излегуваат, и нашите и Албанците, значи сите. Меѓутоа нашите воглавном, они не… они си истануваа, не беше баш така. Додуше нашите куќи се празнеа тотално, сите они си остануваа. Жените одеа, мажите остануваа. Па излеговме така, буквално со пасошот и со… јас се сеќавам, сликите ги земам, бидејќи имам еден куп слики дома и тоа ми е некако онака, цел живот го сликам и тоа и книгите ги земав. Една кутија книги, бидејќи студирав тоа време и ми беа потребни. Дојдовме и, се сеќавам, јас отидов, мајка ми остана кај една пријателка и мислевме тоа ќе потрае два – три дена. Меѓутоа не се вративме 3 месеци воопшто, и јас еднаш, отпосле ќе се вратам на состо… на ситуацијата, се вратив дома да видам што е, како е, меѓутоа дојдов во Црвениот крст. Нормално, каде ако не во Црвениот крст да се пријавиш.
ДЈ: После колку време и…?
ЕЗ: Во Црвениот крст?
ДЈ: Не, после колку време се врати да го видиш твојот дом.
ЕЗ: После два месеци, значи сама отидов без да се јавам дома. Исто беше, значи лоша ситуацијата, а и ние бевме најлоши таму бидејќи бевме баш онака две жени во…
ДЈ: …албанскиот дел.
ЕЗ: Да, да. Другите… сепак поинаку беше, не знам сеа, другите можеби се враќале иделе, се враќале, иделе, можеби тоа да, тоа беше така некоја варијанта, денски идат дома, ноќе си идат негде по роднини, спијат, значи страв. Меѓутоа дојдов во Црвениот крст да се пријавам, се пријавивме како раселени лица и ни рекоа: „Чекај, ќе видиме, може нема да има потреба од сместување по колективни.“ Сепак ние сме некое прво село тука до… до градот и на некој свој начин го сметаа за малку по… полесно влезено во конфликтот, мада не беше тоа така. Бегање беше и од таму, пукање беше и тука, така да едно исто беше.
ДЈ: Како се чувствуваше кога се врати во твојот дом после два месеци?
ЕЗ: Па искрено, кога дојдовме тука, значи кај пријателката бевме на три – четири дена, што е логички, не можеш да заседнеш кај никој, а нашиот православен менталитет некако е поинаков во тој поглед, значи не се помагаме, не сме некако така ориентирани и самиот си свесен дека ќе мора да си бараш некое чаре. Дали ќе биде тоа кирија, дали ќе биде колективен центар, или што уште, меѓутоа и колективните ги распоредија сигурно најзагрозените, Матејче и не знам кои други, па толку и капацитетот овозможуваше. Не можеше сите да бидат сместени, и беше наложено кој како да се снајде. Ние во случајот бевме под кирија. Е тогаш кириите од 50 евра станаа и 100 и 150, значи шансата е дојдена, удри колку можеш, а ти како ќе се снајдеш твој е проблемот. Значи оставени на милост и немилост буквално, и Црвениот крст, да, толку, се пријавивме, даваа некои пакети, некои така работи кои искрено сепак благодарение, нели и на една чепкалка да ти даде, благодарам, ама ова беше смешно, да се буткаш и туркаш а ништо. Буквално ништо немаше, од некои влошки, шампони, прашкови кои не смееш да ги пипнеш со раце, ама не е битно. Побаравме кирија, киријата таму 100 евра, од тука пресели се на друго место, друга кирија, на трето место трета кирија и така четири – пет станови менувавме, бидејќи ќе се вселиш месец – два, ќе ти ја покачи киријата. Свесно ти кажува човекот: „Јас сега ако не земам“ вика „пари, кога ќе земам? Сега ми е шансата.“ Го гледаш, значи мизерија, значи нема збор, нема објаснување. Така да многу лош период, јас тогаш се вработив и студирав и некако студиите ми одеа, па… Не беше повеќе тоа тоа и престанав, на година дена не ни идев. Се поремети целиот живот, искрено, и сите планови и сите ситуации, ти… А враќањето дома, да, тоа сакав да кажам, претходно чувавме мачиња многу. И нормално посакав да си ги видам мачињата, да видам како, што е, храна да им однесам. После два месеци кога отидов, вратата беа отворени од куќата, онака, не беше изнесено ништо освен нешто ситно кое… не го ни приметуваш, у дадениот момент и ситуација не ти е ни битно. Не ни забележуваш што ти фали, како ти фали, меѓутоа опустошено. Куќата занемарена, нормално два месеци и се сеќавам тогаш кога отидов дома и се враќам во станот кај што бевме, викам „Мамо,“ викам „ќе се вратиме дома и крај.“ Викам „Ако сака,“ викам „нека умреме уште вечер.“ викам, и ова не се јаде, значи под кирија сите тие циркузи, па не, папучите вака намести ги, не биле лошо ставени пред врата, не, сликата малку ми е искривена, значи безобразлук колку што не може…
ДЈ: Газдите?
ЕЗ: Да, да, дефинитивно, значи една школа, една лекција за луѓево, секоја чес, немам збор, значи не мислам ништо лошо, не ми е така психата, меѓутоа…
ДЈ: Значи се вративте после три месеци?
ЕЗ: Не, вака, не знам точно дали беше после два и пол, три месеци… не е битно. Посакав да се вратам бидејќи сфатив дека сепак дома си е дома.
ДЈ: Така.
ЕЗ: Како и да е, слободен си. А и ситуацијава некако ко да се смири. Престана пукањето, нешто ова – она, вик… и мајка ми вика: „Добро,“ вика „ајде уште малку,“ вика „па ќе се вратиме.“ Се вративме ние дома, се сеќавам два – три дена поседовме и се случи уште поголемо пукање, уште поголема војна, па и Хермелини па и војска поминуваа така низ уличето кај што живеевме. Значи уште пострашно. Но ние решивме да седиме таму, значи така е како е, ќе седиме. Седевме исто така, може месец дена, као мирно, па не е, се пука, не се пука, се може, не се може, додека еднаш онака мајка ми рече дека вака не бива, вика: „Цела ноќ не спијам, да не кажам стражар“ вика „станав“ вика „гледам само што и како ќе се случи.“ Вика: „Се разболев.“ Женава тироидна жлезда, па и… и ден денес има озбилни здравствени последици. Значи сепак а… она е мајка и повеќе се грижела сигурно за детето да не му се случи нешто одошто детето мислело зрело на тие години. Меѓутоа стравот е подеднаков, само како родител, како мајка сигурно поинаку гледа на ситуацијава. И тогаш излеговме и повеќе не се вративме. Значи крај, толку. Единствено некогаш онака чисто да си ѕирнеш куќава. Тоа беше на три – четири месеци. Значи од две илјад… две илјади прва па, воопшто, тоа се 10 години.
ДЈ: Каде отидовте тогаш?
ЕЗ: Ммм, бевме колку…? Од 2006 сме во населба Бабин Дол, на времето имавме градено куќа, него моите беа разведени и мајка ми на суд беше 15 години, имаше спор. У некоја ситуација се случи да ја добие куќата, односно спратот, катот кај што живееме денес и… ама не беше средено, мораше под кирија да се влечкаме натака – навака, додека не се оформи малку. Пред година дена ја продадовме куќата за 5.000 евра, куќа која вредеше 30.000 евра.
ДЈ: Во Лопате.
ЕЗ: Да, за 5000 евра… и… што се вика, за шест ја продадовме, пет даде, илјада не, должна остана женава, така да… што да зборам уште кога е сето црно, па поцрно.
ДЈ: Кажи ми… што мислиш, дали она за што се случи 2001-ва, што претпоставуваш зошто се случи, се оствари таа цел на тие што ја предизвикаа војната?
ЕЗ: Дефинитивно да. Ја… мислам, не дека мислам, туку убедена сум дека целта е остварена.
ДЈ: Па тоа е?
ЕЗ: Па тоа е, барањата некои кои беа во времето апсурдни, денес се апсурдни, иако се остваруваат, од малцинството кое веќе денеска не можеме да го кажеме малцинство бидејќи не ни дозволуваат на некој свој начин, правата кои ги бараа кои беа…, да се повторам беа апсурдни и денеска гледам на нив како на апсурдни, нормално си ги остварија луѓево со војна, со пушка в рака. Но стигнаа до целта која беше замислена, мада мислам дека целта не е, мислам онаа мисијата не е завршена, се оди уште понатака. Сѐ си мислам, мада сме поделени, апсолутно сме поделени. И тоа што викаа на времето, западен дел и не знам, ваков да… Куманово и крајот кој си го зацртале на карта, не знам на што, практички е поделено. Буквално, сега не знам на папир, или на некој документ, дали го има тоа како поделено. Иначе вака и сите се свесни дека не функционираме како заедница и тоа е докажано. Па ниту институциите, шо може да кажам, не функционираат во тој регион или во тие делови како што би требало како држава или како нешто да функционираат, што е деградација за другиве, односно… нели за нас. Значи да тргнеме од „Светлина“, да тргнеме од социјална политика или било што, барем тоа е мое гледиште. Значи не можам да го генерализирам сега да кажам дека тоа е, јас сум во право и…, моето гледиште е такво. Тоа е деградација. При уписите на факултети некои предности, при вработувањето некои предности, значи невероватно но вистинито.
ДЈ: Според тебе значи исполне… исполнето тоа што… зошто е почната војната?
ЕЗ: Исполнето, меѓутоа не, нема да застанат тука, тоа не им е доволно, дефинитивно ќе одат и понатака.
ДЈ: Што мислиш со тоа?
ЕЗ: Со тоа мислам дека воглавном целите и задачите се… она битните елементи или сегменти се постигнати, ги постигнаа и сега се… сигурно, не знам сеа, може… Пред година дена бев некако политички активна со тоа што, нели, ја пратев и следев политиката, случувањата и сите дневни случувања. Сега веќе не бидејќи сфатив некои работи, сфатив што е политика, сфатив што е држава, сфатив многу работи и повеќе нити ме интересира нешто посебно да ја следам бидејќи сѐ тоа е некако видено јасно и сето нешто се повторува едно па исто, а сѐ по грбот на обичниот бесмртник и граѓанин, а мислам дека ќе одат дотаму да и физички се поделат за да можат да функционираат самостојно. Меѓутоа и нема потреба од тоа и вака им е онака, самостално.
ДЈ: Јас сепак ќе те потсетам за комшијата што, кога ви било најтешко, ви пришол и ве повикал да се с… идете во нивната куќа вечерта.
ЕЗ: Да, вистина е тоа, тоа… меѓутоа тоа е само еден човек, така да ако ја гледаме ситуацијава според еден човек, ќе треба да кажеме…
ДЈ: Значи сепак…
ЕЗ: Да, …
ДЈ: …ти го изделуваш како еден човек?
ЕЗ: …го изделувам, да. Не можам да кажам, тоа е село од 500 куќи од кои сигурно 250 се албански, а од кои сигурно со 10, 20 куќи бевме онака баш комшии. Значи комшија. Додуше они тој термин комшија, во одредени моменти сѐ додека не се зарати, и вистина го почитуваа, значи.
ДЈ: Значи немавте проблем никакви?
ЕЗ: Не, не, не, никакви. Освен некои така, да речеме еднашка еве, да, еве една ситуација: Ми се има случено во време на војна или пред тоа, не е битно, значи кога почна да се шушка. И тоа е многу, многу грозна слика. Значи дечко, мој комшија, со камен го скрши прозорецот, каменот ми помина покрај глава и удри блиску телевизорот. Значи поентата била да те убие, мислам шо може со камен да ти направи по глава? Значи…
ДЈ: Да те предупреди!
ЕЗ: Да, да, да. Да ме предупреди, вистина. Така да, еве, ситуација која исто е своевиден шок или стрес. А причина немало никаква бидејќи и денеска да ги прашаш, ние бевме комшии за пример. Од сите аспекти да се помогне, да се даде, да се ислуша, доверба и сите ред работи. Меѓутоа еве, еве ти една ситуација. После…
ДЈ: Одевте ли на… така на… Добро, кажете ја ситуацијата!
ЕЗ: После се случи една ситуација, секоја вечер… имавме така една ограда која е направена од лим. Лимот нели треска, онака малко ако го удриш се слуша. И сега група од младинци, од луѓе од свои 15, до 30 до 40 не е битно, одат во чајџилници, одат таму ваму, и на враќање 1, 2, 3 часот по полноќ, и нормално секој си има камен в рака и сите удираат тој лим, по врати, значи…
ДЈ: Тоа беше пред војната?
ЕЗ: Тоа е вандално. Па тоа е… тоа е сигурно најбрзо што може, или пред… пред тоа. Пред да почне она официјално… па да, пред да почне.
ДЈ: Порано немало такво нешто, ама пред војната, така?
ЕЗ: Пред војната, да речеме ако две илјад… две илјади прва почна официјално, 2000-та, еве. Цела… може цела 2000-та ние го трпевме тоа. Тоа се вика: Бегајте, излегувајте, не ни требате! Нели, со такво однесување, што може да каеш? Ама ние бевме упорни бидејќи сме такви и по карактер и по сѐ и останавме дома и покрај тоа.
ДЈ: Имате ли, освен тоа што го спомнавте со комшијата, некој исто убав спомен, на пример одење на Бајрам…
ЕЗ: Има, има, има. Има, да.
ДЈ: …Велигден, тие кај вас?
ЕЗ: Има.
ДЈ: Дали се случуваше такво нешто?…
ЕЗ: Да.
ДЈ: Како доаѓаше до тие средби?
ЕЗ: Па, еве, и ден денеска со тие комшии си живуваме, значи имаме комшии, кои се сеа, таму ги викаат, таму… секаде тоа е така, нели, има што се староседелци кои се, да кажеме во Лопате родени и таму си живеат. Другите се дојдени од Косово. Значи и они се таму поделени на некој начин, меѓутоа овие староседелците се некако според мене полуѓе во сите односи, па и во комшиските. Зошто? Ќе кажам ја ден денеска со луѓево комшии, тие се 5-6 ќерки, два брата, не знам со мајка, и живеевме, со таткото, со нив, значи во пола ноќ да го викнеш, и комшија и остана ден денес комшија. Доаѓа во Бабин Дол кај што живееме, одиме на Бајрам, Велигден ќе дојдат. Значи почитување максимално. Не се случува празник да не ми се јави: „Комшика, како сте? Што сте?“ Скоро дошол од Франција дечково, дојде кај нас да нѐ види со жена му, со децата. Така да, ама тоа е тој пример, значи еве, тие луѓе, ја… вистина ги почитувам тие луѓе.
ДЈ: Значи би играле на улица со тие деца?
ЕЗ: Да, да, да, да.
ДЈ: Она на школо било друго…
ЕЗ: Да.
ДЈ: …а на улица…
ЕЗ: Да, ама тоа е издвоен пример.
ДЈ: Само со едни комшии?
ЕЗ: Само тие, да.
ДЈ: Да. Добро, јас сакав да слушнам и нешто позитивно во односите пред тоа.
ЕЗ: Па, немало односи, значи имало односи, еве со овие шо ги наведов луѓево, со другиве можеби бил однос кафе у месец еднашка и толку, не може да го сметаш за однос.
ДЈ: Може ли да кажам дека војната го смени многу твојот и животот на мајка ти?
ЕЗ: Па, го смени, да.
ДЈ: И?
ЕЗ: Го смени апсолутно, во смисла… во секоја смисла, да речам. А од кај да тргнам ниту самата не знам бидејќи вистина е сменет. Прво се смени нашето гледање кон… кон самите себе прво, а тоа значи дека почнуваш да се гледаш поинаку, прво самиот себе да се набљудуваш, што си си поминал, колку може да издржиш бидејќи навистина е хаос 4 години. На пример ние останавме 4 години по… под кирии, а сето тоа излегуваше негде триста, четириста евра трошок. Не си дома, значи струјата ако дома е 50, таму е 100 евра. Значи ја плаќаш струјата и на газдата. Малтретирање невидено. Меѓутоа после се изгуби апсолутно довербата што е многу битно по мене, многу битен елемент за еден живот и опстанок во него. Немаш доверба веќе, ниту во… да речам… глуп термин: нашите – вашите, меѓутоа така е, ниту во своите, ниту во никој друг. Функционираш некако поинаку, свесен си дека нема роднина, свесен си дека нема комшија, свесен си дека си сам и свесен си дека ќе туркаш како умееш и знаеш и те боли тоа бидејќи ние сме суштества на кои им треба, нели, и пријател и комшија и човек кој ќе ти дојде, ќе ти помогне и збор еден да ти каже добар, ќе биде, нели, полесно и попозитивно. Меѓутоа исто си го доживеал она најлошото. Сега може има и полошо, не знам.
ДЈ: Може ли да кажам дека зајакнавте?
ЕЗ: Да, дефинитивно, дефинитивно. Па тоа, токму тоа сакав да го кажам, почнуваш да живееш еден живот кој се вика ‚јас самиот’, јас и… целиот терет е на твојот грб и туркаш колку можеш и не можеш и секогаш си велиш: Можам уште, јак сум, јак сум, дај уште малку. И некако, да, тоа е дефинитивно, дефинитивно и гледам се двојам од друштвото од колегите, колешките, од луѓето што ги познавам, се двојам по тој карактер. Дури и без да им кажам дека сум го доживеала ова и дека има зад мене во животот, приметуваат. Верувајте, приметуваат, и ми викаат: „Јака личност си, јак човек си.“ Онака ќе се насмеам бидејќи ова, можеби прв пат го зборам, вистина, незгодна тема за зборување, нити сакам да се навраќам назад, ама ете се случува со некој да сакаш да си споделиш вакво нешто. Иначе во животот ова, значи тогаш се случи и толку, нити дома не го збориме, значи крај. Сакаме да… да го оставиме негде во минатото. Меѓутоа се гледа, и другите ми викаат, викаат: „Јака си, секоја чес, можеш, знаеш…“ Некако, секогаш мислиш дека ќе може да се најде начин, има начин, има живот и мора да, да… да постои надеж.
ДЈ: Јас ти благодарам, да оста… да остане на онаа последна реченица што ја кажа, мора да постои надеж…
ЕЗ: Да.
ДЈ: …и верувам дека ќе го исполниш она што го очекуваш од животот.
ЕЗ: Ви благодарам, мило ми беше.
ДЈ: […] Ви благодарам и на тебе.