… остај што беше студено, туку се тресевме од страв затоа што не знаевме што може од назад да ни дојде затоа што беше многу голема колона…
ФЛАНЗА ЈУСУФИ: Добар ден!
ХАЈРИЈЕ ИЉАЗИ: Добар ден!
ФЈ: Значи знаете, ќе почнеме прво за времето пред 2001-та, како живеевте, имаше Македонци во вашето село или немало?
ХИ: Не, во нашето село не сме виделе Македонци, јас лично не сум видела Македонци, а за живеачката, сме живееле еден многу тежок живот, и леб немавме да јадеме. Дента кога почна пукањето јас немав ич брашно дома, мажот ми отиде кај штабот, јас го пратив во Тетово да земе брашно тој отишол в штаб и три дена не дојде дома, јас немав ништо да им дадам на децата… Тие по улиците, на војниците им се делеше храна, а овие малите без јадење, кога наоѓаа, кога не наоѓаа нешто за јадење што им даваа од комшиите, а после кога почнаа бомбардирањата дојде синот од штабот и не внесе, не засолна внатре овде во еден подрум овде близу во соседство.
ФЈ: Значи, тој ден кога почна војната во 2001-та…
ХИ: Да, кога почна војната во 2001-та, кога почна, тој ден првите бомбардирања кога беа, затоа што првите три дена беа подготовките во штабот, затоа што тие уште не знаеја…
ФЈ: Вие… вие не знаевте дека…
ХИ: Не, јас не знаев (…) Јас го земав (…) дури што јас отидов кај татко ми тие таму имаа заклано еден голем бик, и тука синот на стрико ми (…) беше побарал еден голем казан, тие порано правеа алва за време на големите свадби кога се правеа, и тој велеше дека, дека сме почнале една голема свадба, и тие ме прашаа каква свадба сме почнале, јас им реков дека тој ги оженил синовите, нема свадба, и тука јас… од разговорот на мажите што беа тука и од разговорите што ги правеа сфатив за каква свадба зборат (со свадба подразбираа војна), ова било голема албанска свадба (се смее). Јас дојдов овде дома, како што реков дома немавме воопшто брашно. Го однесов овој да земе брашно а овој… отишол кај штабот, три дена не се врати дома (мажот влегува во соба) и…
ФЈ: Значи вашиот сопруг бил војник во војната така?
ХИ: Да, беше војник во војната затоа што почна војната, во првите 13 дена, во Калето, потоа после 13 дена пак отиде откако ние избегавме, отидовме во Косово, потоа пак дошол тука…
ФЈ: Ти со кого остана дома?
ХИ: Јас дома останав сама со две деца, со ќерката и со малиот син, другите два сина беа со татко им, овие беа како помошници на тие на фронтот, така нешто слично.
ФЈ: Значи и синовите отидоа, и сопругот ти беше во војна, и ти остана дома со ќерката и?
ХИ: И со синот.
ФЈ: Свекрвата беше со вас?
ХИ: Ја имав и свекрвата и имав и две јатрви овде кај што бевме во подрумот.
ФЈ: Вие сите во подрум се криевте?
ХИ: Да, да, сите во подрум, и некои други комшии… и тој ден кога беа бомбардирањата од 6, ќе се повлекувавме и во 6 часот наутро дојде татко ми…
ФЈ: Кога одлучивте вие да се оддалечите од куќата?
ХИ: За одлучување, ние одлучивме во седум и пол часот навечер (19:30мин), сите други селани веќе беа избегани, ние не знаевме, свекрвата си беше излегла една вечер, излезе кај приквечерината и се врати дома и ни кажа дека цело село е оддалечено, вие што чекате, но јас пред да излезе свекрвата и пред да ни каже таа дека сите излегле мене мојата сестра, од мојата фамилија дојде и ми рече ајде затоа што ние ќе излеземе, ќе отидеме во Косово, јас и реков дека не можам да го оставам свекрвата, таа е болна, стара, мажот ми е во војна, синовите ми се таму, со кого да го оставам, а таа ми врати и ми рече колку години има што си се омажила ти само со свекрвата, тогаш држи ја свекрвата и седи тука и таа отиде се оддалечија од тука пред нас, а ние пак влеговме во подрум… но тогаш свекрвата одлучи да излеземе и таа ми рече земи брашно со себе затоа што ти… а таа не знаеше дека јас…
ФЈ: Колку долго престојавте во подрум?
ХИ: Две полни недели сме останале во подрум, јас две недели, јас две недели, татко ми ни носеше храна… од ова селото, како го викаат, Ѓермо, секој ден ми носеше леб додека еден комшија ја молзеше кравата, го скиселуваше млекото и децата само кисело млеко и леб имаа за јадење, ништо друго.
ФЈ: Тој ден кога одлучивте да избегате, што се случи?
ХИ: Види, една вечер пред да се оддалечиме, не знаев дека утредента ќе почнат бомбардирањата рано. Јас отидов да го видам семејството кај мајка ми, кога отидов таму, тука видов неколку мажи тука близу кај нивната куќа околу една бандера како разговараат (покажува правецот со рака) за тоа што ќе се случува утре, дека селото ќе се исели, тие разговараа тука и… тука јас сфатив дека командантите сите беа оддалечени, никој немаше, компјутерите ги имаа скршено… тука се зборуваше дека тие со тие (нејасно) затоа што јас ја оставив вратата отворена и ги слушнав…
ФЈ: Да, ги слушна!
ХИ: И дојдов овде дома, и утредента во шест часот наутро почнаа бомбардирањата без прекин, сопругот пиеше кафе, го испивме кафето набрзина и тој отиде во војна таму каде што се пукаше… Во Гајре таму каде што беа засилувањата… тој ден, не нѐ оставија ни главата да ја дигнеме од гранатирања.
ФЈ: А сопругот, тој не знаеше дека вие сте избегале од дома?
ХИ: Не, мажот ми не знаеше, тој од таму во… до 7 часот дошол в село, додека (…), можеби 8 било, дошол в село кога видел дека селото е празно, дека нема никој. Тогаш тој отишол во Бродец, во село Бродец и не бара таму но и таму не нѐ наоѓа.
ФЈ: А вие кога излеговте од дома, ти зеде нешто со себе?
ХИ: Јас со себе не зедов ништо, освен едно кило кафе и едно кило шеќер, затоа што леб ниту имавме воопшто, да, и моите деца од овде имаше 48 часа додека пешачевме 18 часа ние не јадевме ништо, немавме леб затоа што никој. Кој да ни дадеше на нас леб, кај нас целото село беше пусто, не само јас туку сите беа, и сите патевме без леб затоа што кога излеговме по еден теснец, толку беше тесно што 3.000 луѓе требаа да поминат тука, како што се вели по еден козји пат поминувавме, а тука поминуваа стари лица, и нив требаше да ги држат по двајца, затоа што тие можеа да паднат долу, и да се лизнат надолу.
ФЈ: Ти ја имаше со себе свекрвата?
ХИ: Да, ја имав со мене свекрвата.
ФЈ: И таа пешачеше?
ХИ: Таа испешачи со помош на синовите, имаше два сина, но едниот син беше со неа […], поголемиот син, мојот девер, поголемиот, тој беше во години и не можеше да ја држи.
ФЈ: А ти ја имаше ќерката со себе?
ХИ: Јас ја имав ќерката со себе, потоа синот кога сфати како е работата, големиот, дојде со мене, го зеде со себе синот (го зема со себе помалиот син), јас ја зедов ќерката и излеговме, кога поминувавме таму си велев во себе зошто да ја оставам куќата и да излезам да одам, си велев подобро да се фрлам, така ми се даваше од внатре, ми велеше подобро фрли се од тие височини отколку да излезам да одам некаде.
ФЈ: И, ти падна жал што ја оставаше куќата?
ХИ: Да, за куќата, но и сама бев, како се вели, болна психички.
ФЈ: Не беше добро!
ХИ: Изморена бев, не бев добро (гласот и трепери), затоа што само со апчиња за смирување бев.
ФЈ: И колку долго пешачевте? Беше…?
ХИ: Е па, почнавме од 7 и пол часот.
ФЈ: Навечер, така?
ХИ: Да, кога стигнавме во Вешала, беше 4 часот.
ФЈ: Наутро?
ХИ: Да, наутро.
ФЈ: Цела ноќ пешачевте?
ХИ: Да, цела ноќ пешачевме, така, пешачи, пешачи…
ФЈ: Беше ли студено?
ХИ: Да, беше, остај што беше студено, туку се тресевме од страв затоа што не знаевме што може од назад да ни дојде затоа што беше многу голема колона, имаше и болни луѓе, тие што не можеа да одат ги оставаа старите и требаше да им помагаш да ги дигнеш, да ги качиш на ридовите, ужасно беше, таа ноќ беше ужасна, си реков и првата ноќ в гроб ќе си ја раскажувам, тоа беше црн ужас за нас.
ФЈ: Каде стигнавте во 4 часот наутро?
ХИ: Во 4 во Вешала бевме, таму не сместија во една куќа, и тогаш таму дојде и сопругот.
ФЈ: Колку време останавте тука?
ХИ: Ич не останавме, ни три часа не ги направивме, во седум часот, од 7 часот почнавме кон…
ФЈ: Имавте ли нешто за по пат да јадете?
ХИ: Ништо, ништо, ич, ич, ич. Само таму кај што имаше снег, како тие знаеш…
ФЈ: Имаше снег?
ХИ: Имаше снег низ овие… како ги викаат…
ФЈ: Бевте ли добро облечени?
ХИ: […] Ништо немавме облечено, ништо. Ништо немавме, ни ќебе немавме со себе, ни облека, ни ништо, само едни мартинки од синот имав обуено…
ФЈ: Ти сама, како го доживеа сето ова, беше ли загрижена дека…
ХИ: Јас најмногу се секирав за тоа што кога стигнавме во Вешала, најмногу се секирав за тоа што не знаев кај ми е мажот. Тоа беше,… затоа што децата дојдоа мажот не беше, и така се мислев каде може да биде, како ќе можам да го барам, како ќе го најдам, сето ова ми идеше низ ум и ова беше најлошото што го доживеав јас.
ФЈ: Да. Најтешко!
ХИ: Најтешко!
ФЈ: И после, од таму од Вешала, каде продолживте, каде отидовте?
ХИ: Од Вешала ние излеговме да одиме… да стигнеме во Косово, но овде имаше, овде… (мисли на своето село) селскиот старешина, тој не сакаше ние да преминеме во Косово и сакаше да се вратиме пак назад, и синот на деверот беше дојден од Италија за да нѐ земе да нѐ однесе, и ние отидовме со него таму, тој кога дојде […], затоа што јас на селскиот старешина му реков ти оди врати се а јас нема да се вратам, јас не можам да гледам како Македонецот ги малтретира моите синови, тоа никогаш нема да го дозволам, и така ние тргнавме, отидовме.
ФЈ: Со што отидовте?
ХИ: Пешки си отидовме.
ФЈ: Пак пешки отидовте?
ХИ: Да, пак пешки отидовме нагоре, 18 часа.
ФЈ: До каде?
ХИ: Пешачевме под (…) Бродосавце (село во Косово), во Бродосавце таму…
ФЈ: Баш по планина? Како е тоа? На кај се оди пешки?
ХИ: Низ шума одевме, немаше планина.
ФЈ: Шума.
ХИ: Да, низ шума, имаше еден пат, но кога излеговме додека излеговме тогаш ни рекоа дека од овде е Косово, косовска земја, тогаш како да се опуштив, но се уште тлееше немирот затоа што бевме загрижени многу затоа што не знаевме каде сме.
ФЈ: Тука колку лица бевте? Кои бевте?
ХИ: Јас бев со свекрвата и со деверите, и моите јатрви со нивните деца што беа, една јатрва ја имаше и невестата, еве овие бевме, а една јатрва беше со нејзината мајка.
ФЈ: Како го издржа патот, 18 часа?
ХИ: Многу тешко, многу, најмногу ми беше жал за свекрвата затоа што таа беше многу стара 86 години, таа толку се здрви што кога синовите ја дигаа под мишка, нејзе рацете и се чинеа како да и ги стегнале со ластик, катран, модрица беше, затоа што на неа нозете не и можеа и овие ја носеа на раце, под мишки ја фаќаа, и тука си дававме на себе бодрење за да стигнеме што побргу и да ја однесеме некаде во болница или да се најдеше некое решение.
ФЈ: Таму кога стигнавте во Косово, ве чекаше ли некој таму?
ХИ: Само што влеговме на нивна територија, таму имаше луѓе со коњи, имаше луѓе со леб.
ФЈ: Што ве чекаа вас?
ХИ: Да, сега, тука близу не пречекуваа нас над селото Бродосавце, без да отидеш во една како што ја викаа едно место црвената куќа, таму биле подготовките за, знаеш за што ти зборам, биле повеќе… биле подготовките таму, луѓето ги пречекуваа подобро, и веднаш од тука качувајќи ги во автобуси ги носеа во градовите надолу, и кај знам каде во друго место. Додека ние застанавме во Бродосавце таму на терен, кога излеговме ние имаше парчиња леб, но не сечени со нож туку скршени со рака. И тогај сум се чувствувала и сега уште ми се плаче (очите и се насолзуваат) затоа што имаше 36 часа како децата немаа ништо јадено (очите и солзат), тоа првото парче што го видоа го зедоа и го ставија во уста.
ФЈ: 36 саати ништо немаа јадено?
ХИ: Да, ништо немавме јадено, кога (…) ништо. Освен кисело млеко што комшијата имаше земено со себе и што им даваше тој и… тука многу лошо сум се чувствувала. Не можевме да се ориентираме, се вртевме наоколу и не знаев накај каде да одам, да, и тогаш само вториот син го качија и го зеде свекрвата со себе затоа што свекрвата ја качија на коњ така што и го дадовме вториот син , големиот син остана со мене, тој рече ти си помал, јас ќе останам со мајка ни, затоа што и таа не е добра.
ФЈ: Што значи дека тогаш, свекрвата ја качија на коњ со синот?
ХИ: Да, ама синот ја држеше за рамо, косоварот го чистеше коњот а мојот синот и синот од деверот (…) ја држеа свекрвата за рамо затоа што таа сама не беше во состојба да седи на коњ, а другиот син остана со мене и рече, мајко јас ќе останам со тебе затоа што и ти не се чувствуваш добро, не реков јас, добра сум јас, а тој рече те гледам јас како си, а јас бев целосно изгубена и не можев да се ориентирам, затоа што многу се трогнав кога моето дете извика, а беше тогаш само три годишен, кога извика аааааа мамо, најдовме леб, тоа беше еден ужас за нас.
ФЈ: Колку години имал, 3 години?
ХИ: 3 години имаше, 3 години, ама шејтанче беше, и најдовме леб, и тука еден Косовар го фати и го качи на грб, и девојчето го зедоа и ја качија на грб, девојчето имаше…
ФЈ: Колку години имаше?
ХИ: Седум години имаше девојчето.
ФЈ: И таа мала!
ХИ: И таа мала, седум години, ама и таа беше многу шејтанка, така што рече јас не се одделувам од мама, колку што ќе пешачи таа ќе пешачам и јас, и пак, кога наспроти нас кога ја видов беше седнала на еден камен и не чекаше, да, и тогаш јас отидов ја викнав ој Мирела, зошто мама слезе, зошто не отиде со нив, таа рече колку што ќе изодиш ти толку ќе изодам и јас, кога ќе одмараш ти ќе одмарам и јас, ете вака било.
ФЈ: Таму каде престојавте, каде ве однесоа, каква беше куќата?
ХИ: Нѐ однесоа во школо, еднаш за… таму во школото ни донесоа за јадење, да, и ни кажуваа кој каде ќе оди и како ќе оди, да нѐ поделат по куќи, но овој мојот зет, големиот, ја имаше невестата на својот брат кој беше во Италија и тој рече: „Јас ќе ја земам оваа.“, оваа другата јатрва имаше… оваа другата немаше деца и еден рече „Јас ќе ја земам оваа.“ и јас останав сама и не знаевме каде да одам, и тогаш еден рече: „А вие?“ Јас реков „Без да го најдам сопругот каде се наоѓа тој, јас не одам никаде.“
ФЈ: Знаеше ли каде е твојот сопруг?
ХИ: Не, не знаев, не знаев, не знаев дека…
ФЈ: Немаше никаква информација?
ХИ: Немав, и тоа детето што не зеде нас тука, рече види, јас ќе ве однесам во мојата куќа заедно со вашиот син, јас не го познавам вашиот сопруг но заедно со детето ќе ве однесам, и веднаш ќе тргнам да го барам вашиот сопруг.
ФЈ: Значи вие отидовте во една куќа каде што вие никого воопшто не го познававте?
ХИ: Без да ги познавам, без да ги видам, но беа многу гостољубиви, не знам колку да речам…
ФЈ: Ве пречекаа, ве угостија како што треба?
ХИ: Многу, за мене, без да ме познаваат воопшто, јас која бев никоја, ни внука нивна, ништо не им бев, а тие целото нивно семејство го донесоа кај нас, затоа што после ни дојдоа на гости, а бев само јас и двете мали деца и големиот син, но големиот син отиде по татко му, со него…
ФЈ: Свекрвата не дојде со тебе?
ХИ: Не, свекрвата не дојде со мене, неа ја однесоа директно во Призрен затоа што нив ги имаа однесено во друг правец, кај црвената куќа, таму, и од таму директно со автобуси ги транспортираа.
ФЈ: Колку долго ти остана таму?
ХИ: Јас тука останав до 12, останав до 12 часот, до полноќ.
ФЈ: Во таа куќа?
ХИ: Да, во таа куќа до 12 часот , до полноќ, сопругот таму ја пронашол својата мајка, таму во Призрен се сретнале.
ФЈ: Значи, сопругот се сретнал со мајка му,…
ХИ: Да. Со мајка му.
ФЈ: Додека вие воопшто не знаевте?
ХИ: Не, не сум знаела, сопругот ја пронашол својата мајка, некој таму му рекол дека има една стара жена во кола, и сопругот кога оди ја гледа својата мајка, но таа не го познала својот син и овој почнал да плаче и така таму живеевме 5 месеци, што останавме таму, тој после ја зеде мајка му и после вели дека јас го имам и моето семејство само што не знам каде се, ќе одам да ги побарам и заедно со нив дојде, тие ги имаа податоците во школото за тоа кое семејство каде и кај кого е сместено, и така по списите нѐ нашле нас каде бевме.
ФЈ: Значи, тие ве најдоа вас?
ХИ: Да, не најдоа.
ФЈ: Сопругот со мајка му, и после каде отидовте, во каква куќа се сместивте?
ХИ: Само мајка му тој ја имаше сместено!
ФЈ: Аха, таму отидовте вие?
ХИ: Во Призрен, во населбата Арбана бевме, таму свекрвата веќе беше, сопругот само што дојде и не зеде нас, големиот син, да, ние отидовме таму, влеговме во едно семејство за кое што не знам што да ви речам, едно толку топло семејство, веднаш ти даваа да живееш како во своја куќа, да, во едно толку гостољубиво семејство што не знам, не можам да го опишам знаеш…
ФЈ: Тие, колку лица беа во таа куќа?
ХИ: Тие беа 6 лица таму и ние, ние бевме… ние бевме 7 луѓе со се свекрвата.
ФЈ: И тие 6…
ХИ: И тие 6, бевме еднакви. Живеевме во исти услови, една соба имаше за себе, една соба имавме ние, и еден дуќан имаше кој го работеше како фризерница.
ФЈ: Имаше ли некое лице на кое му веруваше кога сето ова се случуваше, имаше ли некое лице на кое му веруваше?
ХИ: Како, на кое му верував?
ФЈ: Да му веруваш на некому, или ти изгледаше некој дека лаже, или дека се плашевте од некого?
ХИ: Не, јас бев таков тип што од никого не сум се плашела, ич. Во момент можам да го осетам некого кој што сака нешто да ми наштети, или да ми направи некоја далавера, веднаш го осуетувам, во тој момент, а за страв, не сум се плашела од никого.
ФЈ: Значи не сте се плашеле?
ХИ: Не, не сум, ич, ич (…). Мислам не сум се плашела, таков тип на човек сум што не се плашам од никого, ги решавам проблемите тука, веднаш.
ФЈ: Дали ги обвинувате за нешто Македонците?
ХИ: За многу нешта ги обвинувам, затоа што никакви права немаме ние Албанците, тие се побунија и војна ни објавија, тие повеќе права имаат, на нас ни објавија војна, без никакви права.
ФЈ: Сметате ли дека сета ова војна што се направи во 2001-та донесе нешто, имаше ли некакви резултати за Албанците?
ХИ: За Албанците немало ништо, ама за мене лично, за мојот дом, мене само последици ми донесе од кои што се уште не можам да се соземам, затоа што сопругот беше болен, да, две недели откако отидовме таму, влезе во болница. Од болница избега со апчињата под скут и дојде овде, јас уште сега патам со сопругот, за што? За ништо!
ФЈ: Значи, последиците ги имаме?
ХИ: Сѐ уште ги имам јас тие (зборува со висок тон и налутено), последиците ги чувствувам, сега овој е болен (сопругот) со белите дробови, со срцето, од се е болен, тромбоза има што пешачел наваму натаму, ногата го боли, сите болести ги има, јас денес патам, никој друг не пати, и нема никој, како што велат ниеден денар не сме виделе за негово лекување, не за друго, ги тераш децата во пропаст, ја тераш куќата во пропаст, се што имаш…
ФЈ: А Албанците ги обвинуваш за нешто, зошто се случи ова во 2001-та?
ХИ: Јас не ги обвинувам Албанците многу, само некои од нив.
ФЈ: Можеше ли ова да се направеше на некој друг начин, ова што го добивме, беше ли неминовно вака да се случи, затоа што последиците се поголеми од тоа што добивме?
ХИ: Епа сега, некој доби лично, затоа што за кратко време се збогатија, за кратко време купија скапи коли, за кратко време го зедоа средното образование, ги завршија факултетите, само за некои, а за моите деца кои што станаа жртви, ништо нема, работам и дење и ноќе, ништо немам освен оваа куќа што го гледаш самата. Никакво друго богатство немам.
ФЈ: Но дали си лута на некому зошто вака испадна?
ХИ: Не, не сум му лута некому за тоа што се случи, сега тие што го доведоа до оваа состојба нека земат одговорност…
ФЈ: Тие што го направија…
ХИ: …тие самите ќе сносат одговорност. Јас…
ФЈ: Дали ти е криво за нешто?
ХИ: За многу работи ми е криво, затоа што до вчера одеа со магариња а денес се шетаат со БМВ-а, многу ми е криво.
ФЈ: Дали си… си изгубила ли ти нешто во оваа војна, на пример дали куќата беше оштетена? Што си изгубила нешто?
ХИ: Не, не сум загубило никого и ништо.
ФЈ: Некој од вашата фамилија не…?
ХИ: Од семејството изгубиле, од семејството изгубиле нешто, во семејството од кај татко ми тие ја изгубија целата стока.
ФЈ: Некој смртен случај во семејството?
ХИ: Не сме имале. Не, нема умрени, не.
ФЈ: Како сега ти гледаш на иднината, може ли да живееме заедно со Македонците?
ХИ: Па како може да имаш соживот кога јас само малку пред ова ти кажав како живеам, како можам да живеам, дека сопругот ми е болен, само што одам таму кога ми доаѓаат Македонците напред и лекарот Македонец не го сакам, затоа што тоа ми ги има донесено сите овие маки (со висок тон) и како сега јас да го сакам…
ФЈ: Мислите ли дека можеме ди им опростиме, да им се опрости ова?
ХИ: Јас лично никогаш.
ФЈ: Мислите ли дека има можност да се смириме со Македонците?
ХИ: Па, од кај знам, не знам, според мое мислење денес да стане Албанија јас сум спремна… (се смее).
ФЈ: Има ли нешто што јас ве немам прашано, што вие би сакале да го искажете?
ХИ: Види, од кај да знам јас, за раскажување, јас ти раскажав, ми се чини дека ти ги кажав сите работи, како сум живеела. Кај што сме биле во едно семејство таму во Косово, семејството Радуни, тие не дека бевме лошо таму, напротив бевме многу добро, но сама јас бев болна, 5 месеци само со лексилиум сум седела, со најтешките апчиња што беа за смирување, да, сопругот пак се врати во војна, не беше тука со мене.
ФЈ: А овде кога се врати дома, како ти се виде?
ХИ: Кога се вративме дома, куќата ни беше многу стара, и потоа ја направивме новата куќа, да, колку стара и лоша беше како рај ми се виде, знаеш, како да си се родил повторно, така… толку. Најлошото беше што кога дојдовме ги кренаа… ги кренаа намирниците, маслото го направија 10 – 15 милијарди (100-150 денари) и што знам овие продуктите ги покачија, не знам кого сакаа да заштитат, од војната тие сакаа преку ноќ да станат богаташи, е тука мене не ми се допаѓаше, затоа што немавме тогаш пари, никој не ти даваше, ниедна помош никој ништо не ни даде, освен од моите браќа, друг никој. А и тие велеа, мажот во војна, да седи, нека оди да работи, а кај да работеше, не знаеше каде да одиш да работиш, тој тука дошол за тоа и за тоа, а најлошото беа навредите од селаните… кога излегував да зборувам на телефон со него, тие не навредуваа, нас кои што ги имавме мажите во војна, тоа беше уште потешко од нешто што го правиш, и некој ти вели тогаш за тоа што го правиш е многу полесно, одговараш сум го направила, ја заслужувам етикетата.
ФЈ: Е па, озборувањата кај нас како се.
ХИ: Ама ти… ова ти паѓа тешко затоа што честа е многу тешко да се држи. Не дека… затоа што ја имам, туку за другите.
ФЈ: Така е, имало озборувања!
ХИ: Имаше озборувања за жените, за мажите, ти реков, ми рече, разговори без врска, ама сега секој…
ФЈ: Си ја знае својата работа.
ХИ: Ја знае својата работа.
ФЈ: Како и да е, благодарам, ова беше сè!
ХИ: Благодарам и на вас!