Диме Ристески е роден во 1971 година во Прилеп. Учесник е во војната во 2001 како дел од Армијата на Република Македонија. Се наоѓал во конвојот нападнат на Карпалак на 8 Август 2001 година и е ранет.
Интервјуто е снимено во 2019 година.
ГОРАН ТАЛЕСКИ: Те молам претстави се.
ДИМЕ РИСТЕСКИ: Јас сум Диме Ристески, учесник на настаните на Карпалак и таму бев ранет, јас сум воен инвалид, од 9-та категорија.
ГТ: Што значи тоа?
ДР: Тоа значи дека во мене имам гелери – парчиња метални, со повредата што беше тогаш и тие ќе си стојат за навек. Не се вадат тие затоа што се најдуваат на критични места, по нервите. Односно јас имам веќе 30% оштетување и бев јас во Воена болница кај двајца доктори, истото мислење ми го кажаа: дека ако се вадат можно е да настане повреда при интервенцијата и да не ми работат прстите.
ГТ: Ајде полека, ќе се вратиме на тоа. Кога служеше воен рок?
ДР: Воен рок служев `91 -`92, Ниш и Митровица.
ГТ: Тоа би било една од последните генерации во ЈНА, ако не и последна?
ДР: Да, да. 16 април се вратив.
ГТ: `92?
ДР: `92, да.
ГТ: Каде рече служеше, во Ниш и?…
ДР: Прво Ниш, па Косовска Митровица. И таму не беше сјајно.
ГТ: Како што и самиот рече, учесник си во настаните на Карпалак. Кога ти стигна поканата да се пријавиш во Армија во 2001?
ДР: Вака сега, ние фактички повеќето бевме доброволци.
ГТ: Значи се пријави доброволно?
ДР: Да.
ГТ: Кога го стори тоа?
ДР: Ами, неколку дена пред настаниве што беа. Бевме една недела в касарна, како мини обука, да речам, на гаѓање бевме Леково горе. Испукавме по некој куршум и заминавме. Значи, не беше некоја обука, да речиме строга, колку потсетување.
ГТ: Тогаш, да се фокусираме на 8 август 2001.
ДР: Може.
ГТ: Дали можеш да ни го опишеш тој ден, почнувајќи од утрото, од тргнувањето на конвојот, па сè понатаму?
ДР: Тргнавме сабајлето во 06:15 од касарна. Попат имавме на 2 или на 3 места застанување. Прво застанавме на Плетвар, се сеќавам, вода полневме. Најголемото застанување беше пред Скопје, мислам дека Кула се вика местото, тука каде што застанавме, огромно…
ГТ: Помеѓу Велес и Скопје?
ДР: Да. Паркинг голем, тука останавме, доручкувавме, така нешто беше. Може и пола час да се задржавме, така нешто и после продолживме и се случи тоа по пат што се случи…
ГТ: Колку возила бевте во конвојот?
ДР: Значи, бевме два автобуси, камионот каде што загинаа колегиве – да речам и напред имаше хермелин, а на опашкава – да речам, од конвојот беше комбе. Црвено комбе, цивилно, со мајор Рашиќ. Тоа комбе, благодарение на наредбата на Рашиќ и алал да му е за тоа, многу луѓе го окривуваат, демек ете се повлекол, избегал, ама ако продолжеше, ќе имаше уште многу повеќе жртви. Значи тој наредил да се вратат в касарна во Скопје.
ГТ: Комбето?
ДР: Да. Фактички им ги спаси животите на луѓето. Ако продолжеа ќе изгинеа.
ГТ: Колку лице беа во комбето?
ДР:Не знам точно, не знам. Важно, сигурно беа 10-тина може, така нешто. Значи ќе имаше…
ГТ: Значи не беше само возачот и мајорот?
ДР: Да, да, да. Имаше и други.
ГТ: Диме, како што рече, после застанувањето на Кула, продолживте, претпоставувам Скопје го поминавте и оттука на автопатот Скопје-Тетово. Нападот беше, како што спомна, на Карпалак. Ајде да се вратиме на самите моменти кога беше нападот. Дали може да се присетиш?
ДР: Тоа не се заборава. Не може да не се присетам. Назад седевме тројца, на задните седишта.
ГТ: Во кој автобус беше ти?
ДР: Јас бев во автобусот кај Борче, покојниот возач, што почина. Реган беше напред, ние бевме втори и седевме: јас, Марјан и Благојче Сливоски. Никој не очекувавме дека ќе се случи тоа. Мене лично пушката ми беше под седиште. Единствено Сливоски, ама тој пред нас имаше неколку смени направено, 7-8 месеци таму учествуваше. Тој го знаел местото и си ја репетирал пушката без да ни каже нас, да не крева паника и тој отвори оган. Јас не стигнав. Таман ја зедов пушката одоздола, тогаш ме погодија и ми падна пушката и толку беше и толку и траеше, секунди беа во прашање.
ГТ: Што се случуваше?…
ДР: Само прошишавме и… ако застанеа возачиве, тоа ќе беше голема катастрофа. 118 бевме сите, сите ќе испогиневме. Како ќе излегувавме од автобуси – така ќе нè косеа.
ГТ: Возачите, значи, завршија голема работа за да се спасите?
ДР: Да, значи, за сите возачи, за сите зборувам, значи и Реган и Борче и хермелинот што го возеа и ваму со Рашиќ што беа, сите си ја завршија својата работа.
ГТ: Што се случуваше кога почна пукањето, како изгледаше во автобусот атмосферата?
ДР: Ние си разговаравме, си се шалевме, се смеевме и одеднаш, само почнаа стаклава да се кршат. Во првиот момент дури и не бев свесен што се случува, кога гледам, почна крв од кај мене. Јас помислив дека тој до мене што е, е погоден. Jас не се сетив во првиот момент. Видов на кошулата негова крв, „Еј“- реков: „го погодија Марјан“- кога, мене кога ми се здрви раката, оп, „Абе“- реков: „јас сум бил погоден“. Јас прво помислив дека Марјан е погоден, во првиот момент не се…
ГТ: Не почувствува?
ДР: Не почувствував. Отпосле, после некоја секунда, се сетив дека ми се здрви раката и ми помодре овде и…
ГТ: Каде беше погоден точно?
ДР: Овде, овде се парчињата (покажува на подлактицата).
ГТ: Тоа е во подлактицата, значи на левата рака?
ДР: Подлактица, да, да
ГТ: А, куршумот излезе од рака?
ДР: Нема куршум, парчиња се, гелери. Гелери, метални парчиња.
ГТ: Од што се?
ДР: Тоа е најверојатно или од рачен фрлач, минофрлач, така нешто. Најверојатно.
ГТ: Како стигнале до тебе?
ДР: Е, ајде де.
ГТ: Што понатаму? Почувствува раката дека ти натежна, што се случуваше?
ДР: Понатаму, продолжија да возат шофериве, со скинати гуми и тоа да го напоменам, негде 8 километри и 600 метри мислам дека е возењево и застанавме. Зазедовме позиции на патот. Идеше еден празен автобус оттаму.
ГТ: Од каде?
ДР: Од Тетово спрема Скопје. Беше плав автобусот, се претоварија луѓето, а јас, Рубинчо покоен, што беше ранет со мене и тој и водникот Гоце запревме тојота од ОБСЕ. Внатре беше една жена и преведувач, најверојатно беше Албанец. Да не прејудицирам, ама мислам дека Албанец беше, – по нагласокот, и тие нѐ однесоа до касарната во Тетово, до стационарот и одма ни беше пружена прва помош. А другиот ден пак, на 9-ти, нè однесоа во Градска болница – Тетово, нè снимаа и така натаму.
ГТ: Диме, и двајцата ранети бевте во вториот автобус, Рубинчо?…
ДР: Рубинчо беше во првиот, а јас во вториот.
ГТ: А, ти во вториот.
ДР: Да.
ГТ: Како што рече, застанавте некое возило од ОБСЕ, заминавте?…
ДР: Да, тојота, пикап.
ГТ: И двајцата ранети, заедно бевте со Рубинчо цело време?
ДР: Јас, Рубин и Гоце водникот, тој нè водеше фактички.
ГТ: Значи, прво заминавте во касарната?
ДР: Да.
ГТ: А, не во болницата?
ДР: Не, прво во касарната, а другиот ден нè однесоа на снимање.
ГТ: Што се случуваше во касарната тој ден?
ГТ: Стационарот беше во некој објект, ве преместија кога имаше пукање или не?
ДР: Стационарот си беше посебен објект.
ГТ: Зборувам заради пукањето или нападот на касарната, дали некаде се преместувавте, како?…
ДР: Не, тука бевме, каде ќе одиш, каде? Нема каде да одиш. Каде и да бидеш во касарнава во кругот си. Сега ако имаш среќа да те погоди – арно, ако не – пак арно. Тоа е тоа.
ГТ: Наредниот ден, рече дека ве однесле во Градската болница во Тетово.
ДР: Во Градската болница, да.
ГТ: Како беше таму? Што се случуваше?
ДР: Како беше таму – нè однесоа по пижами, возач имаше еден и докторот.
ГТ: Од касарната докторот?
ДР: Да. Тој си влезе внатре, кај колегите, а ние си седевме по пижами в кола и ако нешто ми беше страв – ми беше страв да не ме заробат. Оти знаеме што им се случуваше на заробениците, изживувања и така натаму. Сигурно вие имате и некои сознанија, е тоа ми беше најголем страв. Не ми беше страв дали ќе загинам, ми беше страв од заробување.
ГТ: Имаше страв дека во болницата во Тетово ќе те заробат?
ДР: Па, имаше шанса. Имаше шанса, пошто возачот што беше, што ја возеше колава болничка ни покажа: „Еве“- вели: „е, оние се двајцата Учки“. Едниот преврзан овде (покажува на ребрата), тој ги знае. Тој беше роден во Тетово, а живеел во Охрид, ама пошто го познавал Тетово го мобилизирале да ја вози.
ГТ: Значи, стравот ти доаѓаше од тоа?
ДР: Значи, најмногу ми беше страв од заробување. Не ми беше страв дали ќе загинам.
ГТ: По колку време се врати докторот?
ДР: Па, поседивме, можеби повеќе од пола час в кола. Де ладна пот – де жешка. Си размислуваш што би било кога би било, само ајде не се случи такво нешто. Фала му на Господ.
ГТ: Кога влеговте во болницата?
ДР: Во болницата кога влеговме нè снимија прво и доктор Вахид Селмани, го памтам и ќе го памтам цел живот – нехуман човек. „Оди“ – рече: „излезете надвор, седете в кола, овде не е безбедно“. А, каде е побезбедно? Во болница, в кола, не знам?… Ама она, на некој начин неубаво ни го кажа. И ќе го памтам јас тоа.
ГТ: Не лежевте во болницата?
ДР: Не, не. Нè санираа, нè средија и нè вратија назад и после јас инјекции морав да примам, ама си ги примав кај нас, во касарнава.
ГТ: Ако добро сфатив и од болничкиот персонал ви беше речено дека не е безбедно за вас во болницата во Тетово?
ДР: Во болницата. Побезбедно било в кола да седиме, надвор по пижами. Е, сега, нека расуди секој да видиме каде било побезбедно или каде не.
ГТ: Освен со лекаров кој што го спомна, имавте комуникација со други медицински лица во болницата?
ДР: Само кратко беше, нè снимаа, тој беше радиоестезист, нè снимија и…
ГТ: Радиолог, за снимање?
ДР: Радиолог, да и нè испрати в кола да седиме. И после нè врати возачот, не се случи ништо, тоа е.
ГТ: Во касарната во Тетово до кога остана?
ДР: До крај со единицата си останав, се вратив со сите заедно, до крајот. Негде околу, не знам колку дена се собраа, повеќе од месец.
ГТ: И покрај тоа што беше ранет?
ДР: Да.
ГТ: А, во Воената болница во Скопје не бевте однесени?
ДР: Не, тогаш не беше безбедно. Колегата мој, Рубинчо, што почина – млад почина на 34 години – најверојатно последица од ранувањето, 8 дена зрното го носеше во него. Не можеа во Тетово да му го извадат, му направија три реза, не го извадоа, после осмиот ден го однесоа Скопје, па таму да му го извадат зрното.
ГТ: Во сите овие денови дури беше во касарната во Тетово, беше во стационар или се врати во служба?
ДР: Не, си бев со единицата. Си бев со единицата и макар што имав поштеда, ми беше грев кога ќе ги гледав по 6, по 8 часа на стража, на моја одговорност, такаречи против себе си одев. Неколку пати се случи да ги заменам, по 2, по 3, по 4 часа, зависи, да појдам на позиција в ров. Не можеа луѓето, не беа ни наспани ни… Оти, ако се случеше да се запука, кој каде се најде – таму останува и може да му се случи 10 часа да биде на позиција во ров и таман ќе си дојде, пак може да се спука и тоа е тоа.
ГТ: Значи, ти остана до крај на смената?
ДР: Да, си останав со единицата.
ГТ: Се врати во Прилеп, претпоставувам некаде на средината на септември?
ДР: Така нешто, да. Датум не се сеќавам сега точно.
ГТ: Како ти беше кога се врати?
ДР: Како ми беше? Како да сум се родил повторно. Тоа е тоа.
ГТ: Кои последици ги остави на тебе војната?
ДР: Ако рече некој, дека било кој од тие што учествувавме таму, нема последици – тој лаже. Нема шанси да нема последици, да се разбереме. Оти, оттогаш 5-6 души починаа.
ГТ: Од учесниците на Карпалак?
ДР: Од учесниците. Неколку ги има по Демир Хисар. По невропсихијатриве често се. Нема име да спомнувам, заедно бевме. Го видов в чаршија – сам си зборува. Сам си зборува, а интелигентен човек, пред тоа го знам и кога го видов солзи ми дојдоа. Тоа е тоа.
ГТ: Кај тебе, како што рече, 90% инвалидитет имаш, така?
ДР: 30% имам инвалидитет. 9-та група.
ГТ: 9-та група?
ДР: Да. Еве да појаснам.
ГТ: Се извинувам. Тоа е во однос на физичкиот дел?
ДР: Да, а тоа психичкото…
ГТ: А, психичкото?
ДР: …си го носиме ние, со здравје. За цел живот.
ГТ: Каква поддршка доби за целиот овој период од институциите? Дали доби?
ДР: Вака сега, во интерес на вистината, ќе кажам како што беше. Зедов отштета 360 000 денари. Околу 6 000 евра, односно тогашни марки, уште беа мислам, како беше, небитно, 6 000 евра. Воена инвалиднина ми доделија, месечно, што знам, 3-4 илјади, како воено-инвалидски додаток. Можеше тоа малку повеќе да биде, само таква ни е државата, тоа е тоа.
ГТ: Кои ти се очекувањата во однос на поддршката, треба да е поголема, доволна е? Што е она што ти треба?
ДР: Знаеш како: помина дождот – зошто ти е чадор, дојде работава. Ние сме како маргинализирана група веќе, заборавени сме. Така јас мислам. Оти на многу деца им треба помош. Ајде јас сум се снашол некако, било како, ама има деца ни на работа се, ни ништо. А, со самото тоа што не се ангажирани, уште повеќе, уште потешко им паѓа. Друго е кога ќе оди на работа, кога ќе се дружи со луѓе, а друго е да се затвори дома и да му се врти филмот.
ГТ: Претпоставувам дека секоја година, доколку си во можност, на 8 август…
ДР: Без исклучок.
ГТ: …си дел од луѓето кои што учествуваат во чествувањето?
ДР: Само една година бев на местото, на Карпалак и не одам повеќе, нејќам.
ГТ: Зошто?
ДР: Така, ми се враќаат сликите и… А, обавезно, на 7-ми одиме в касарна, на 8-ми сме Лениште. Обавезно. На „Света Петка“ манастирот, пошто самата случка беше на сам ти ден Света Петка. Паѓаше во среда, а Света Петка денот беше 8.8.
ГТ: Како го гледаш статусот на ветераните денес, од 2001?
ДР: Еве, ви кажав – заборавени. Како, е тоа хартијата, избриши ги рацете и… (гестикулира фрлање на парче хартија). За разлика од соседни земји: Србија, Хрватска, ние сме многу далеку.
ГТ: Што би требало да биде?
ДР: Па, еве во Хрватска има министерство дури за бранителите. Не мора министерство да има, ама пак треба да се води, малку, барем малку повеќе сметка за овие луѓе.
ГТ: Диме, што мислиш, што се случи 2001?
ДР: Што се случи? Фингирана работа. Намештаљка. Глинени гулаби бевме ние, тоа е. Организација никаква, команда никаква. Еве што се случува: ден пред да тргнеме, вечерта ни ги земаат ножевите од пушкиве. Зошто ни ги зедоа? Јас до ден-денеска си го поставувам тоа прашање. А, ова можда не го знаевте.
ГТ: Не го знаев.
ДР: Ден пред тоа, ножевите, нели на секоја пушка има нож, бајонет. Ни ги зедоа. Еве една од работиве што… Плус тоа, во автобус, по двајца на седиште, знаеш која опрема ја носевме? Значи, цела воена опрема што е. Рапови од едната страна, маски, триста чуда. Каде ќе нѐ собере? Не можевме да се свртиме. Среќа што може не беа толку и спретни, од другава страна, па да нè направеа… масакр онде, 118 души, сите да нè искинеа.
ГТ: Кои беа криви? Кој е одговорен според тебе?
ДР: Кој е одговорен? Ќе почнеме: од главата, одозгора од премиери, претседатели, па надолу, хиерархиски. Сите си имаа свој дел од кривицата.
ГТ: За цела таа неорганизираност и?…
ДР: Неорганизираност.
ГТ: Рече, фингирана војна, исто?
ДР: Тоа беше, јас мислам, наместени бевме да загинеме, да има жртви од наша страна.
Јас така мислам. Тоа е.
ГТ: Имавте и судски процес?…
ДР: Имавме, да.
ГТ: Не зборувам ти посебно, туку сите вклучени кои што бевте.
ДР: Јас посебно, уствари, јас по службена должност си добив, тоа отштетата, а…
ГТ: Тоа е веќе заради ранувањето?
ДР: …кога беше судскиот процес, бев како сведок. Како учесник и сведок. Фактички, да им помогнам на луѓево што беа со мене.
ГТ: Еден од претходните наратори, зборувајќи за тоа, рече дека целта на судскиот процес била да се утврди одговорноста за сето тоа, но некако, сè се сменило. Се сменил дијалогот кон отштета. Што се случи, можеш да се присетиш?
ДР: Вака сега, вина е установена, така? Дека постои вина. А, кој одговараше? – Никој.
ГТ: Што им замеруваш на другите?
ГТ: На кои други, на овие што ги спомнав претходно?…
ГТ: Непријателот. Спротивната страна.
ДР: Знаеш што? Тоа нека остане…
ДР: Не можеш да не му замеруваш, кога знаеш дека пукал некој на тебе, не можеш да не му замеруваш, така? Сакал да те убие. Ама, да се заборави. Факт е дека тука се, постојат, така? Небитно во кој процент, мора да се живее заедно понатаму. Друго нема. Тоа е тоа. А, што им замерувам, нормално дека ќе им замерувам. Да те тепа некој нема да му замериш? Тоа е.
ГТ: А, на своите што им замеруваш?
ДР: Па, ете тоа што кажав, што нè пуштија низ вода така. Многу поинаку требаше да биде, затоа што, еве сега ќе ви кажам еден пример: Јас во ЈНА служев. Митровица. Да требаше ѓубре од касарнава да фрламе, со обезбедување се одеше до депонија. Ѓубре! А, не и муниција и војска и сè и така само ради-реда. Како можеше кога се враќавме да пуштат волци? Специјалци, обучени луѓе. Напред БТР, на средина од колонава БТР, најназад БТР. Тогаш можело, ама од кога заминаа луѓето?
ГТ: БТР-ите не се хермелини, така?
ДР: Не се хермелини, тие се, ги користат волците. БТР во превод е борбено транспортно возило. Во Србија го викаат БОВ, кај нас БТР, така нешто. Со 8 колца се, а хермелиниве се со 4.
ГТ: Помали, така?
ДР: Помали се хермелините.
ГТ: Отприлика ги исцрпив јас прашањата кои што ги имав подготвено, ама доколку сакаш нешто да споделиш, а не те прашав, независно дали е поврзано строго со твоите искуства во 2001 или за војната во 2001, слободно кажи.
ДР: Како што реков, значи да не се повтори. А, да се заборави – тоа многу тешко. Никој нема да го заборави тоа, тие се трауми што ќе си останат кај сите нас. Ама животот мора да продолжи.
ГТ: Фала ти.
ДР: Фала и на вас.